Мора да бидеме подготвени: очекуваме дождови и снегови во чудно време и на чудни места

13.01.2016 11:41
Мора да бидеме подготвени: очекуваме дождови и снегови во чудно време и на чудни места

Многумина се прашуваат кои се најверодостојните проценки на климата во последните неколку векови и кои се најдобрите проекции на климата кои можеме да ги постигнеме со денешната наука. Тука ќе се обидам да ги разложам овие концизни, но не и лесни прашања, во неколку кратки поглавја и да одговорам барем на дел од оваа климатска приказна. Се разбира, во онаа мера во која тоа може да го направи полустрасен научник од Геофизичката катедра на Природно-математичкиот Факултет во Загрев, што постои подолго од 154 години...

За почеток, можеби би било најдобро да се набројат неколку клучни точки – не нужно според важноста – кои посочуваат дека климата во наредните 25 години ќе се промени.

Прво, тука е тромавоста на ефектите од постоечкото и досегашно загревање кое несомнено влијае на идната декада. Пример за тоа се депонираните гасови и топлината кои влегуваат во океаните. Со други зборови, сето тоа што е направено досега има и одложен ефект и повлекува последици во времето по актуелизирањето.

Секако, тука е и постојаното зголемување на загадувањето од гасовите од стаклената градина кое очигледно нема да се намали во идните неколку години, туку, напротив, веројатно ќе бидеме тажни сведоци на зголеменото загадување на морињата, тлото, атмосферата, а со тоа и директно – сите живи суштества.

Секако, клучно за климата ќе биде топењето на поголемиот дел од глечерите, 90 проценти од нив на глобално ниво кои се топат во последните 200 години, но и најмалку идните 100 години.

Досега малку е кажано за тоа, но процесот на топење на глечерите е забрзан во последните педесетина години, што значи дека зборуваме за негово забрзување.

Можеби тоа заслужува тука да добие и посебно место, но сепак, заради стравот дека потоа можеби ќе се покајам, не го наведувам затоа што премалку знам за микрофизиката и динамиката на глечерите, како и за нивното ненадејно топење.

Затоа, ние научниците сме многу одлучни по прашањето за некои други сознанија.

Така, една од клучните точки е трендот на пораст на температурата на земјата во текот на последните стотина години што е појава која е тешко одеднаш колективно да се запре.

Тука е и порастот на нивоата на светските мориња, но и зголемувањето на економскиот раст во најгусто населените земји во светот, Кина и Индија, чии економии сосема оправдано си го бараат своето место под сонцето, на тој начин придонесувајќи за глобалното односно антропогеното загадување.

Се појавува и загревање на тропосферата (тоа се долните 8 до 10 километри од атмосферата), додека стратосферата (следните 30 до 40 километри) се лади со што се засилува таканаречениот ефект „ќебе за покривање“.

Да го појаснам малку тоа за читателите: генерално, зрачењето кое од земјата оди во вселената е еднакво како и порано, но не е еднакво на сите бранови должини, па така долгобрановото зрачење останува повеќе заробено помеѓу тлото и долната атмосфера (наместо да заминува во веселената), што секако е причина за загриженост.

Како последици од човечкото сечење на шумите, но и бетонирањето во голем обем, сè почесто се јавуваат и значајни промени во хидролошкиот циклус во многу делови од светот. Еднакво важни последици има и користењето на тлото на глобално ниво, како палењето на шумите. Сето тоа ја менува радијациската состојба на Земјата, влијаејќи на нерамномерноста на подлогата, но и на приземното струење на воздухот кое пак влијае на формирањето и пополнувањето на циклоните од секаков вид...

Последната точка од овој вовед можеби би ја оставил празна, како место за надеж и евентуален разум на колективното човештво, не сметајќи на оние кои не сакаат да го слушнат крикот на Земјата, младите и гладните.

Сепак, следува и една добра вест.

Човекот практично не може да влијае на сето наведено, освен на тромавоста на системот.

Долгорочно, треба да се дејствува преку образованието, а тука, се разбира, заостануваме.

Краткорочно и среднорочно можеме да влијаеме со користење понапредни технологии, но и со нагласување на енергијата за иднината, што мора да биде некоја почиста форма од Сончевата енергија. Мораме да се движиме кон фузијата, но тоа сè уште е долг и трнлив пат за секојдневната практика. Во меѓувреме, значајно можеме да ја подобриме работата на клетките кои го користат сончевото зрачење.

Хуманоста е многу важна за тоа.

Не се вели залудно дека „човекот е ковач на својата среќа“, и тука е клучно да се научи да не се биде себичен до мера да се уништи сè за своите потомци и нивните потомци.

Сите климатски сценарија, грубо кажано, главно се познати и за некои луѓе не се пријатни. Затоа, можеби и се обидуваме да ги негираме и сме деструктивни скептици.

Треба да се каже дека притоа нема сите да страдаат, некому и некаде ќе биде подобро во идната клима...

Реално е да се очекува пораст на глобалната температура на воздухот на земјата кон крајот на овој век од околу 2,5 степени целзиусови, а да се надеваме и да работиме тоа да не биде над 3.

Распределбата на врнежите, дури и ако остане иста во годишниот просек како и денес, мошне ќе дивее на (суб)регионалната скала – значи на просторите од Јадранот и крајбрежјето, па и цела Панонија.

Верувам дека ќе поминеме подобро од Грците, каде е многу веројатно дека ќе има помалку дождови годишно отколку кај нас, но мораме да се подготвме за чудна распределба на врнежите во годините што доаѓаат.

За ветерот нема да кажам ништо бидејќи премалку знаеме што ќе се случи со него во крајбрежните и планинските краишта.

Често, како мисловно битие се прашувам што ќе биде со луѓето и животните во таквите сценарија.

Некако ми изгледа дека најмногу ќе страда човекот.

Животните или релативно брзо ќе изумрат (навистина, со големо страдање) или некои брзо ќе успеат да пронајдат ново престојувалиште (во моментов низ глава ми поминува песната од Ролинг Стоунс, „Gimmie Shelter“)...

Се разбира, за некои живи видови овие климатски промени ќе бидат позитивни, а за некои дури и спас!

Некаде, на некого ќе му биде барем привремено подобро отколку досега.

Глобалната промена не значи нужно полоша состојба за сите.

Секогаш имало утеха, веројатно сè уште ќе ја има, но верувам дека на ова прашање Мирослав Крлежа успеал да одговори многу подобро од мене.

Сметам дека спектарот на таквите климатски рефлексии на нашето секојдневие е премногу широк за да го разбере еден обичен и пред сè наивен научник како мене.

Затоа останувам зачуден и вчудоневиден за прашањето и перспективата на иднината.

Одговор можеби може да даде екипа вистински експерти од различни дисциплини кои мораат да ги имаат главните знаења од техниката, културата, природните и општествените науки.

Ако не се приспособуваме и не ги намалуваме влијанијата од климатските промени, а ако продолжиме со безмилосно користење на богатствата на Земјата, самите ќе се отруеме со сопствената храна заради алчноста за заработка.

За среќа, Хрватска има многу квалитетно агрометеоролошко друштво, првенствено благодарение на ентузијастите како Вишња и Марко Вучетиќ, па сè уште можеме да се надеваме дека „домашните“ увознички лобија, вклучувајќи го и Министерството за земјоделство со сите свои несреќни агенции, нема да успеат докрај да го уништат домашното агро-производство, кое секоја земја го чува како зеницата во окото.

Во туризмот сме привидно подобри, но сè уште недоволно добри.

Треба да се користи домашниот ум и земјоделството; кога недостасува, да се користи истото од најблиските земји со кои имаме најдолга граница бидејќи така е најлесно и најбрзо да се разменат добра.

Тоа максимално треба да се поврзе со климатските промени: од пченка и овошје до месо и вино. Мислам дека е природно адаптациите на климатско-економските промени најмногу треба да ги прилагодиме со Босна и Херцеговина бидејќи таму имаме најдолга граница и природна економска дифузија и осмоза.

За крај, не би се обложил дека климатолошките сценарија кои се очекуваат кај нас за стотина и повеќе години ќе бидат како оние во „Водениот свет“ со Кевин Костнер или „Твистер“, каде светот исчезнува под торнадото. Пред сè, тоа се интересни уметнички визии, фантазии за потенцијалната иднина... Убаво е да се фантазира сè додека не го уништуваме својот, а особено туѓиот свет.

Во таа смисла, варијациите за иднината се неисцрпни, а мојата внука Леа би можела да додаде многу повеќе од мене за тоа. Во секој случај, знаеме дека ќе се забрзаат некои дозволени мутации со генетскиот код, а тоа би можело да предизвика лавина секундарни промени и досега невидени варијации во растителниот и животинскиот свет.

Кога станува збор за торнадото, сè уште не знаеме како на неговата појава ќе влијаат климатските промени. Ловев торнада во Оклахома во јуни 1996 година.

Тоа беше во рамки на школувањето за експерт во мезоскалната метеорологија.

На крајот, не уловив ниту едно.

Извор: Globus, 11.12.2015