24 април е вистинскиот датум!

01.02.2016 15:33
24 април е вистинскиот датум!

На Македонија и на нејзините жители предолго време им се случува историско назадување, пропаѓање и пустошење, кое, покрај грабежот и уништувањето на општонародните блага, сè повеќе претставува и разнебитување на културните добра до крајната фаза на декултурација и општа кретенизација на македонското население. Не велам дека сме земја во која се случуваат најстрашните работи на светот, зашто секојдневно од информативните медиуми нè заплиснуваат несреќи што се многу поголеми од нашата, и секако дека не тврдам дека не може да биде полошо. Напротив, во таа насока сум убеден оптимист, зашто работите можат да бидат многу, многу полоши, а за дното веќе пишував: тоа е поетска метафора што е потполно неупотреблива во општествените и историските работи, зашто тука тоа напросто не постои.

Но, иако во библиската земја нема војна, и Македонците не бегаат од татковината како што тоа го прават Ирачаните или Сиријците, значи, иако сме очигледно во подобра положба од оние што спасуваат голи животи, во нашата несреќа има нешто посебно лошо.

Тоа е ужасното губење на смислата на постоењето на ова општество, што како жртва на злодејството на ВМРО-ДПМНЕ практично не успеа да сочува ниту една културно-историска или општествено-политичка вредност. Не успеавме да ги сочуваме вредностите што се оправдување на нашето сопствено културно и државотворно постоење, вредностите заради кои била пролеана човечка крв, заради чие постигање биле впрегнати најголемите македонски умови и заради чие градење беа потрошени повеќе од половина век од постоењето на македонската држава.

Македонија не ја уништува разорен оган на злото што како божја казна се спушта од небото, туку таа имплодира во сопствената индиферентност да се бори со глупоста и злото на својот сопствен човечки талог, таа гние однатре во предолгата пасивност и одбегнување решително да стане во борба и да ја победи подлоста и алчноста на неколкуте илјади свои најдолни припадници што ја разнебитуваат судбината на сите други.

Всушност, луѓето ги прави индиферентни кон сопствената иднина изопачувањето на моралните ориентири, кога вкупното општествено назадување ја извртува и временската оска, па она што ни се случува веќе се случило во минатото, а во пресрет не ни доаѓа иднината туку мрачното минато.

Во такви инверзни историски процеси луѓето наместо да се мобилизираат со непомир да се изборат за подобрата иднина, стануваат индиферентни, како да гледаат нешто што веќе виделе, некаков морничав историски дежаву, што не им создава поттик за борба, бидејќи го чувствуваат како историско проклетство. Та дури, се појавува еден дефетизам и негативен фатализам, зашто пеколот во кој нè води ВМРО-ДПМНЕ, онаа поранешната фашистичка ВМРО веќе го направила помеѓу двете светски војни, подло убивајќи илјадници Македонци. Тој историски пекол сега ни се појавува како реалност и иднина што се доживуваат како судбина, како колективна казна, демек како нешто што „овој скапан народ“ сам си го заслужил.

Во потрага по пооптимистична идеја за историјата, се сетив на моќниот есеј на Кант „Идеја на општата историја, усмерена кон остварувањето на светскиот граѓански поредок“, во кој филозофскиот гениј создава историски систем што наликува на вистинска просветителска утопија, но обезбедува мисловна подлошка за филозофија на животот што има повисока смисла и во услови на грдата реалност. Елем, Кант претпоставува дека видливиот општ прогрес во историјата не може да биде резултат на некаков човечки план, туку на природата, а човештвото го остварува без да е свесно за тоа. Објаснувајќи го тој план на природата, Кант се потпира на своите етички сфаќања каде што суштината на умот тој ја поистоветува со слободата, и тоа не само како слобода на изборот, туку како автономија, како способност на човекот самиот да создава закони за своето живеење. Така историјата добива воспитна улога во која развојот на човештвото е развој кон состојбата на потполна умственост, што значи кон потполната слобода. На тој начин Кант одговара на сопственото прашање – која била намерата на природата кога го обдарила човекот со разум? Тоа не е за да го направи среќен, туку заради тоа да го направи морален, односно да го обезбеди потполниот развој на моралната слобода.

Бидејќи човековата суштина е разумот, и бидејќи разумноста е способност за користење на туѓото искуство, полниот развиток на човечкиот ум не е можен во рамките на индивидуалното искуство, туку само во историјата на целиот човечки род. И, тука Кант го поставува клучното прашање: која е таа сила што го тера човештвото да се впушти во непрекинатата и мачна историска борба за зголемувањето на рационалноста? Одговорот е изненадувачки: оваа сила е злото во човечката природа! Покренувачката сила на рациото и моралноста, според Кант, се ирационалните и неморалните елементи на човековата природа - охолоста, суетата и алчноста. Овие елементи на злото го создаваат трајниот антагонизам помеѓу доброто и злото, при што силите што се вистинскиот поттикнувач на борбата се спротивни на човечкиот ум, а тоа се интелектуалното незнаење и моралната подлост. На крајот од овој песимистички есеј, Кант го проектира среќниот завршеток на историјата во својата утопија за финалната победа на разумот над слепите сили на злото, што, се разбира, треба да се случи некаде во посакуваната иднина.

Сигурно се прашувате, почитувани читатели, што може да ни користи оваа контроверзна филозофска утопија за напредокот кон потполната рационалност на човештвото и морална слобода, во нашата грда реалност во која превладува неморалот, арогантното разбојништво, алчноста и подлоста со која ВМРО-ДПМНЕ веќе со години владее со македонската питомина? Поуката е јасна: природната агресивност и иницијатива на злото постои само за да ја афирмира историската улога на борбата против него! Значи: злото, глупоста, незнаењето, расипаноста и алчноста на криминалната партија-држава – тоа чудовиште што го создадоа Груевски и неговата бандитска партија – природата „ни ги подарила“ само за да нè поттикне да ги победиме со решителност и мачна борба, а не со трпење, прилагодување, нагодување или гласање! Во таа смисла, 24 април е одличен датум – но, не за избори – туку за сенароден бунт против криминалната власт што ни ја украде демократијата, ни ја ограби државата и ни ја заглупави културата! Сенародно востание за повторно востановување на уставниот поредок и владеење на разумот!

П.С. Инаку, не знам зошто сите се нафрлија на кутриот Хан и неговата изјава дека не било важно „дали сите ќе учествуваат“, туку бил важен само „квалитетот на изборниот процес“. Човекот, да не го извадија од контекст, сигурно ќе се доискажел, всушност, дека единствениот услов за „изборите да се спроведат на фер, транспарентен и демократски начин“ е токму НА НИВ ДА НЕ УЧЕСТВУВААТ СИТЕ, односно, од изборите да бидат исклучени криминалците од ВМРО-ДПМНЕ што ги фалсификуваа претходните избори и што сè уште нелегално ја узурпираат власта, со намера да ги фалсификуваат и следните. Мала исправка.

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат