Груевски во прво лице множина

09.02.2016 12:32
Груевски во прво лице множина

„Верувањето дека со сила или со уцена ќе се наметне нов идентитет на македонскиот народ, е погрешна теза. Таквата позиција ги зацврсти идентитетските одредници на македонскиот народ, затоа што таквиот однос и реализацијата на сето тоа, само предизвикаа претпазливост кај секој еден Македонец. Тие создадоа рефлекси од опасноста да се остане безимен и без она што ние мислиме дека е наш идентитет. Верувањето дека ние сме закана за Грција е целосно неточно“.

Ова во интервју за грчкиот весник „То Вима“, го рекол претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Истиот тој што потроши десетгодишен мандат и стотици милиони народни пари, верувајќи во исправноста на тезата дека со политички инженеринг, преку лудачки проект наречен „Скопје 2014“, ќе му наметне нов идентитет на македонскиот народ. Дека ќе ја збрише идентитетската пречка наречена словенство, како историска заблуда и творба на голем светски заговор, и така ќе го отвори патот до вистинските, антички корени на македонскиот народ. Таквата позиција не само што не ги зацврсти, туку сериозно ги разниша неговите идентитетски одредници.

Ако под она „ние“ Груевски мисли на неговата фаланга од историчари, археолози, уметници и други докажани шарлатани во науката, тогаш е целосно во право кога вели дека не се никаква закана за Грција. Со она што мислат дека е наш идентитет, тие се опасни единствено за опстанокот на Македонија.

Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото