Интегрален текст од писмото на Орав и Бејли до Емил Димитриев

22.02.2016 02:06
Интегрален текст од писмото на Орав и Бејли до Емил Димитриев

Почитуван г-не Премиер,

Кога се состанавме со лидерите на политичките партии на 15 јануари во Скопје, беше договорено дека меѓународната заедница одблизу ќе ги мониторира подготовките за и спроведувањето на предвремените парламентарни избори моментално закажани за 24 април според политичкиот договор.

Предвремените избори, предвидени со Пржинскиот договор, се замислени како клучен чекор во процесот на реформи со кој би требало да се врати довербата на граѓаните во гласачкиот процес, обезбедување фер натпревар на идеи и политички перспективи, и излез на земјата од политичката криза. Ова останува најважната стратешка цел.

Во текот на изминатиот месец, координирајќи се со релевантните учесници и експерти на интернационално и локално ниво, како и со самите политички партии, ние внимателно го набљудувавме напредокот и посочувавме на бројни проблеми. Овие проблеми беа јасно и јавно соопштени во писмо кое ви го испративме на 28 јануари. Наведовме дека нашата оценка за имплементацијата на договорот од Пржино ќе ја дадеме пред распуштањето на Парламентот во случај да има потреба од поместување на изборите.

Нашата оценка е дека согласно работата на Државната изборна комисија и заклучоците на сите релевантни експерти моментално не постојат услови за организирање на кредибилни избори на 24 април, иако е постигнат извесен напредок. Исто така сè уште не се договорени медиумските реформи со кои ќе се обезбеди фер натпревар. Ја изразуваме и нашата загриженост за извештаите за притисоци и закани врз гласачите и други лица.

Сето ова е многу загрижувачко.

Ги охрабруваме сите политички лидери од власта и опозицијата, како и институциите да останат целосно посветени на Пржинскиот договор од јуни/јули, вклучувајќи ги и досегашните преземени чекори согласно договорот. Ако не постои можност изборите да се одржат на предвидениот датум, се очекува политичките партии да ги преземат сите мерки за да се овозможи одржување на кредибилни избори најрано што може, со целосно почитување на одговорностите и подготвителната работа на Државната изборна комисија. 5 јуни е спомнат како алтернативен датум од страна на лидерите на политичките партии. Потребно е сите засегнати страни да се заложат за постигнување услови за кредибилни избори во кои сите граѓани и партии слободно ќе учествуваат.

Враќањето на земјата назад на евроатлантскиот пат со имплементација на политичкиот договор и итните реформски приоритети е одговорност на политичките лидери, а во интерес на граѓаните. Ние ќе продолжиме да го следиме напредокот одблизу.

Со почит,

Аиво Орав
Амбасадор на ЕУ

Џес Бејли
Амбасадор на САД

 

Извор: Бриф