Косовска „постапокалипса“

07.03.2016 05:06
Косовска „постапокалипса“

По крвавата војна кон крајот на 1990-тите и сè уште не сосема довршениот процес на меѓународно признавање, Косово на своите жители не им го нуди ветениот напредок. Во ситуација на социјален распад, воените приказни повеќе не се доволни да ја одржат кохезијата, но повеќето жители не гледаат конструктивна алтернатива.

Некогаш Косово беше многу гордо на својата индустрија. Иако послабо развиена од остатокот на поранешна Југославија, таа земја сепак од аграрна економија во периoдот пред Втората светска војна премина во индустриско-аграрна во периодот на југословенскиот социјализам. Уште во 1980-тите постоеја неколку илјади поголеми и помали фабрики, и неколку стотици илјади индустриски работници кои уживаа одредена социјална заштита и добиваа редовни плати.

Почетокот на 1990-тите го обележаа ненадеjните откази за речиси 150 илјади работници од албанска националност по заострените етнички односи и политиката на засилена репресија на режимот на Слободан Милошевиќ кон поранешната автономна покраина. Паралелно со тоа, дојде и до појава на првите елементи на новата официјална пазарна економија и сериозните проблеми во поранешните општествени (сега државни) претпријатија. Дури по војната кон крајот на таа деценија се направени првите чекори кон оживување на поранешните јавни претпријатија и нивната стара слава, иако со технологии кои не се обновени од раните 1980-ти.

Но, тој период траеше кратко, зашто новите власти, со силна поддршка на Привремената административна мисија на Обединетите Нации на Косово (УНМИК), започнаа опсежен процес на приватизација на сè јавно, кој беше обележан со голема корупција. Дури и фирмите кои дотогаш остваруваа значаен профит одненадеж банкротираа, по што набрзо беа приватизирани. Секако, овие политики дополнително ја влошија тешката социјална состојба во земјата, особено по доаѓањето на Хашим Тачи на власт во 2007 гoдина.

Вознемирувачки резултати од приватизацијата

Демократската партија на Косовo на Тачи (ПДК) настана од распуштената Ослободителна војска на Косово (УЧК) чии основачи (барем дел од нив) своевремено отворено се декларираа како марксисти-ленинисти. И ПДК пред доаѓањето на власт се сметаше за партија на левицата (иако веќе под влијание на т.н. трет пат), учествуваше и на европски и меѓународни конгреси на Социјалистичката интернационала, а првиот предлог за нејзино име во периодот непосредно по војната беше - Партија на трудот.

Очекувано, „левичарството“ на Тачи брзо испари по доаѓањето на власт. Неговото владеење е обележано со забрзување и заострување на приватизациските процеси, како и последично зголемување на невработеноста која доби застрашувачки размери. Некогашната гордост на Косово, Комбинатот Трепча, своевремено вработуваше дури 22 илјади работници и преку своите рудници, топилници и фабрики влијаеше на целокупната економија на Косово. Денес, по одвојувањето на различните погони во состав на комплексот и неколкуте приватизации, едвај некој да работи таму.

Косовската агенција за приватизација во 2014 година објави дека од 2003 преку приватизацискиот процес поминале дури илјада претпријатија во државна сопственост. Повеќето од нив веќе не работат, а во оние кои опстанале во просек има речиси трипати помалку вработени. Платите и социјалната правда се исто така двојно намалени, но во земјата со голема војска невработени конкуренцијата е голема, па работниците не се особено пребирливи околу понудените услови за работа.

Губење време

Во Призрен, вториот најголем град во земјата, приватизацијата доведе до губење на дури 20 илјади работни места. Во Гњилане, на истокот на земјата, индустријата за тутун некогаш беше меѓу најзначајните во поранешна Југославија, извезувајќи производи и во европските земји. Но, по приватизацијата, некогашните повеќе од илјада работници набрзо спаднаа на само неколку стотици, а индустријата за само неколку месеци сосема пропадна и остана затворена до денес.

Како и кај многу други приватизирани претпријатија, сопствениците не беа заинтересирани за продолжување и ширење на производството, а постојат сомнежи дека со приватизацијата лица блиски до власта переле пари заработени во меѓународни криминални потфати. Работниците во тие фабрики денес се осудени на целодневно влечење по улиците каде го кратат времето играјќи шах по градските паркови или пиејќи со часови едно кафе за 50 центи, без да се надеваат на можност за повторно вработување.

Една од последиците на трајната невработеност е и епидемијата на коцкање. Една локална пословица гласи: „банките и коцкарниците се најдобри показатели за сиромаштија“. На Косово и има повеќе банки отколку училишта и повеќе коцкарници отколку дуќани. Повеќето млади одамна се откажаа од идејата дека некогаш ќе се вработат, па сета енергија и надеж ја посветуваат на коцкањето, за кое се надеваат дека ќе им овозможи неколку месеци преживување. Во чекање на добивката која не доаѓа, времето се поминува во јалово пцуење на власта во локалната кафеана.

Клучни прашања

Се проценува дека само минатата зима сто илјади жители на Косово побегнале од земјата, барајќи работа и заштита во земјите на ЕУ. Меѓутоа, голем дел од нив се вратени, откако земјите во кои пристигнале, поради зголемениот прилив на бегалци од блискоисточните војни, ја заострија својата политика на вселување. Меѓутоа, приказната не е завршена тука, па притиснати од бедата, овие мигранти продолжуваат да бараат начин да побегнат од земјата која многу жители денес ги потсетува на постапокалиптичната научна фантастика.

Особено е чувствително прашањето на ветераните на УЧК, кои во најголем дел веруваа дека се борат за идеалите како за национално ослободување, така и за општествена еднаквост и напредок. Денес во општеството постојат силни поделби поврзани со наследството на УЧК, особено по прашањето на воените злосторства за кои се обвинети ветераните. Но, општествените симпатии сепак повеќе одат на нивна страна, во голем дел и поради нивната денешна сиромаштија и разочарувањето од поранешните команданти кои се денес на власт. Чувството на напуштеност и раширената беда доведоа до самоубиство на педесетина од нив по демобилизацијата.

Денешните водечки политичари, особено оние кои дојдоа на функција преку УЧК, значително се збогатија во истиот период, се претпоставува во голема мера и со црна трговија која се спроведува во соработка со српските кримналци, додека на Косово истовремено продаваат приказни за патриотизам. Во извештајот на НАТО објавен во локалните медиуми во 2015 година се наведува дека за повеќето активности поврзани со шверц директно биле одговорни командантите на УЧК, во соработка, меѓу другото, и со криминалната организација на Жељко Ражњатовиќ-Аркан.

Во меѓувреме, 40% од жителите на Косово живеат во сиромаштија, 14% во состојба на екстремна сиромаштија 35% се невработени, 70% меѓу нив млади... На оние кои безнадежно кружат од коцкарница до кафеана, чекајќи можност да побегнат од земјата, односот кон Србија сè уште им се нуди како клучно прашање.

Извор: Bilten

ОкоБоли главаВицФото