„Ајде!“: Од денес Уставот е мртов!

17.03.2016 12:08
„Ајде!“: Од денес Уставот е мртов!

Платформата за граѓанска политика АЈДЕ! ја испрати следнава реакција во врска со денешната одлука на Уставниот суд и вчерашното попречување на мирниот протест закажан пред Уставниот суд:

„Џелатите на уставноста и на суверенитетот на граѓаните се познати. Елена Гошева, Никола Ивановски, Владимир Стојаноски, Вангелина Маркудова и Јован Јосифовски се петте „тефтер“-судии кои надвор од очите на јавноста не само што го убија Уставот, туку станаа и директни соучесници во криминалите и бандитизмот на актулната власт.

Платформата за граѓанска политика АЈДЕ!, заедно со сите слободумни граѓани, бара неотповиклива оставка на судиите, владини послушници, но и енергична и отворена реакција и акција на судиите кои не гласаа за оваа срамна одлука, затоа што од денеска Македонија нема ни Устав ни Уставен суд!

Едновремено, АЈДЕ! бара МВР веднаш да поднесе кривични пријави за организаторите на контрапротестот пред Уставниот суд. Но и веднаш да ги санкционира и да ги повика на одговорност сите оние службени лица кои вчера дозволија да биде згазено уставното право на граѓаните на мирен протест со тоа што не ги отстранија навреме учесниците на контрапротестот од местото на кое претходно беше закажан и уредно пријавен протестот на АЈДЕ!.

И нашата граѓанска иницијатива ќе поднесе пријави и ќе бара одговорност од сите оние лица кои не постапија во согласност со Уставот и законите и кои спречија десетина илјади граѓани слободно да протестираат и да бдеат пред зградата на Уставниот суд.

Ја повикуваме меѓународната заедница будно да ги следи случувањата кои очигледно водат кон продлабочување на политичката криза во државава и кои недвосмислено покажуваат дека во Македонија нема услови за слободни, фер и демократски избори на 5 јуни.

Им благодариме на сите граѓани кои вчера беа со нас и заедно со нас маршираа и протестираа за слобода и демократија. Борбата продолжува. Нашите протести и акции за зачувување на државата нема да запрат. Напротив!

НЕМА ПРАВДА – НЕМА МИР!“

Слика: Свирачиња