(ФОТО+ВИДЕО) Терор во Брисел: Градот блокиран, расте бројот на жртви

22.03.2016 14:52
Терор во Брисел: Градот блокиран, расте бројот на жртви

Серија експлозии утрово го потресе аеродромот и мрежата на метрото во Брисел, загинаа најмалку 28 лица, а повредени се повеќе од 130!

 

Исламската држава презеде одговорност, а станува збор за нов напад во срцето на Европа по смртоносните напади во Париз во 2015.

Потврдено е дека бомбаш-самоубиец предизвикал две експлозии на аеродромот Завентем околу осум часот, а еден час подоцна се слушнале четири експлозии во метрото.

Три часа по нападот полицијата извела контролирана експлозија во т.н. Европски кварт во Брисел, во кој се наоѓаат институциите на ЕУ.

Бројот на жртви и повредени не е официјално потврден, а се стравува дека има повеќе од 30 мртви.

Целиот град е блокиран, безбедноста во Брисел е на највисоко ниво, на улиците има големи полициски и воени сили, над градот летаат хеликоптери, а аеродромот и системите на подземната железница и јавниот превоз се затворени и евакуирани.

Под блокада е и зградата на ЕУ, а евакуирана е и кралската палата.

Локалните власти им препорачаа на сите училишта да не ги пуштаат децата надвор од училишните згради, а на родителите им се препорачува да не доаѓаат по нив.

Нападите се случија само неколку денови по апсењето на главниот осомничен за нападот во Париз, Салах Абдеслам.

Властите сè уште не го соопштија бројот на жртви, но странските агенции се повикуваат на полициски извори и наведуваат дека на аеродромот загинале помеѓу 13 и 17 луѓе, како и дека на станицата Малбек има најмалку десет мртви. Повредени се повеќе од 130 лица, а многу од нив се здобиле со тешки повреди и се шпекулира за десетици луѓе во критична состојба.

Нападнатите станици на метрото Малбек и Шуман се наоѓаат во близина на т.н. Европски кварт, во кој се наоѓаат институциите на Европската Унија. Европската комисија апелираше до сите вработени да не излегуваат на улица, а сите состаноци закажани за денес се откажани.

Истовремено, Белгија го подигна нивото на безбедност поради тероризмот на највисоко, четврто ниво. Исто така, американските функционери соопштија дека ги зголемиле мерките за безбедност поради страв од терористички напади.

Сè уште не е познато кој е одговорен за нападите, но белгиските истражители веќе потврдија дека ќе се фокусираат на две имиња - Наџим Лакхаруи (24) и Мохамед Абрини (31).

Локалните медиуми пренесуваат дека пред експлозијата на аеродромот „се слушале истрели и повици на арапски“, но тие информации уште не се потврдени.

Социјалните мрежи се преплавени од фотографии и снимки од местата на нападите, а меѓу нив има и многу чија автентичност не е потврдена. 

Извор: B92 / Jutarnji list