Анкара, Берлин, Цирих - три поврзани терористички напади?

20.12.2016 10:54
Анкара, Берлин, Цирих - три поврзани терористички напади?

Светот во еден ден се соочи со три напади, во Турција, Германија и Швајцарија, за кои многумина сметаат дека можеби се поврзани терористички акти. Во Анкара беше убиен амбасадорот на Русија во Турција, Андреј Карлов, во кого пукаше поранешен полицаец на отворање на руска изложба на фотографии. Руското Министерство за надворешни работи недвосмислено оцени дека се работи за терористички акт.

Во Берлин возач на камион на Божикен базар уби најмалку 12 лица и повреди педесетина, а во Цирих најмалку три лица се ранети во пукање во Исламски центар, а напаѓачот е во бегство.

За новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп нема дилема дека трите терористички напади се поврзани. Тој ги осуди нападите и за сите ги осуди „исламските терористи“. „Цивилизираниот свет мора да го промени начинот на размислување“, напиша Трамп на Твитер.

Поврзаност меѓу нападите лоцираше и европскиот комесар за проширување, Јоханес Хан, кој на Твитер ги осуди нападите.

„Ги осудувам гансните напади. Насилството и омразата нема да победат“, напиша Хан.

По убиството на амбасадорот, Турција и Русија порачаа дека ќе ја засилат соработката во борбата против тероризмот, а претседателите на двете земји, Реџеп Таип Ердоган и Владимир Путин се согласија дека цел на нападите е загрозувањето на турско-руските односи, но и обид за одлагање на разговорите меѓу Иран, Русија и Турција за иднината на Сирија, кои ќе бидат одржани денеска во Москва.

Камионот-убиец кој влета во штандовите на Божикниот базар, полн со луѓе, потсетува на терористичкиот напад кој се случи во Ница. Германската полиција не исклучува ниедна опција, а министерот за внатрешни работи, Томас де Мезиер смета смртоносното возење е напад.

Во Цирих, главниот град на Швајцарија, во нападот кај Исламскиот центар повредени се најмалку три лица, а осомничените за нападот се во бегство. Инцидентот се случил во молитвен дом во близина на железничка станица во центарот на Цирих.

Извор: 24vesti.mk