Љубовна сцена

31.03.2016 03:54
Љубовна сцена

Неодамна во издание на Темплум излезе од печат книгата „Актерска игра пред камера“ од Синоличка Меллес-Трпкова. Станува збор за студија која може да биде од голема корист за сите актери и студенти, но стилот на кој е напишана ја прави достапна и за поширока публика. Книгата содржи голем број практични вежби, а испреплетена е и со голем број инспиративни цитати за феноменот на актерската игра.

„Она што ја прави оваа книга посебна е, пред сè, тоа што таа е очигледно пишувана и инспирирана од богатото лично искуство. Таа од секоја своја страница ја открива не само големата љубов на авторката кон она што го работи, и на што го има посветено својот професионален живот, туку ни открива и една мудра, благородна и хумана личност. (...) Битно е да се посочи дека она што многу често не може да биде искажано само со практична актерска и педагошка работа е прекрасно артикулирано меѓу страниците на оваа книга. И, со тоа, 'Актерска игра пред камера' се појавува меѓу нас како инспиративен сведок на комплексниот однос меѓу професионалната работа, педагогијата и пишувањето за нив“, вели д-р Наум Пановски во рецензијата за книгата.

Промоцијата на „Актерска игра пред камера“ ќе се одржи на 10 април во Јавна соба, со почеток од 19 часот.

Подолу можете да прочитате едно поглавје од книгата.

 

2.10 Љубовна сцена


„Оној момент кога ќе се почувствуваш глупаво, ти изгледаш глупаво”, Michael Cain1.

Љубовта, заедно со комедијата како филмски жанр, се најтешките за играње. Љубовта, ако не се одигра докрај веродостојно и искрено на филм, подобро да не се игра воопшто. Исто како и во комедијата – ако нема ништо смешно во тоа што го правиме, значи дека нешто не е во ред со нашата игра. Заедничко и за двете е дека приодот во играта мора да биде сериозен. Најдобрите комичари на филм никогаш (или многу ретко) се смеат. Напротив, тие се секогаш сериозни. Нивната длабока верба и сериозност во работите што ги прават е смешна, зашто ситуациите во кои се ставени се апсурдни. Исто е и со пристапот во играта и во љубовната сцена. Ако постои скала за верба во играта од 1 до 10, љубовта или се игра за 10, или не се игра воопшто. Во спротивно играта на актерот ќе биде неуверлива или празна!

За да се одигра љубовна сцена, мора да се чувствува симпатија, блискост, привлечност. Тоа е многу тешко, зашто љубовта е едно од најинтимните човекови чувства. Самото експонирање на едно такво чувство во јавноста претставува огромен залак за секој актер. Тоа значи разголување на актерската интима, што е многу потешко одошто физичкото разголување. Но, секако, најтешко е да се одигра кога физичкото и емотивното разголување се во комбинација, кога искрената љубов треба да се почувствува во еротска сцена2! Ваквите сцени бараат исклучителен фокус, зашто актерите најчесто се во крупен план. Тие треба да гледаат еден во друг (полуголи да лежат во прегратка), да говорат нежни и топли зборови, додека за тоа време цела филмска екипа се движи на сет, се мести светло, режисерот го мести кадарот и дава назнаки, а микрофонот виси над разголените тела. Актерите мора да знаат да се справат со ваквата неитимна атмосфера на сетот, во спротивно вниманиeто лесно може да им се одвлече и концентрацијата да падне. Некој пат се случува и самите тие меѓу себе да се почувствуваат смешно или непријатно, ако не се знаат доволно или, не дај Боже, ако не се нималку привлечни еден на друг во приватниот живот.

Довербата и поддршката од режисерот, довербата во себе, можат да помогнат во премостувањето на оваа тешка филмска задача. Но, исто така, многу е важен меѓусебниот однос на актерите. Мора и обајцата да се чувствуваат пријатно еден со друг за да можат да ја одиграат сцената. Во тоа може да помогне разговорот и дружењето надвор од сетот, но и пред самото снимање. За некои актери е доволно да ги пронајдат карактеристиките од партнерот (доколку постојат) што и во приватниот живот им се пријатни и допадливи. Доколку станува збор за професионалци, сигурно ќе се доведат во обострана пријатна и интимна состојба за да се чувствуваат комотно во сцената. Кога ќе се воспостави заеднички линк со партнерот – кој е многу важен во низата подготовки – тогаш таа ќе може да се надградува со заемна доверба. Тогаш и обајцата актери го постигнуваат фокусот во играта – кога секоја изречена и излезена емоција ќе биде вистинита и искрена.

Во професионална продукција постојат правила за снимање на овие сцени. Се обезбедува минимален број луѓе во тимот, актерите се оставаат насамо извесен период и режисерот суптилно сугерира во играта. Но, и кога ги немаат овие услови, актерите мора самите да ги надминат сите непријатности од сетот и да се фокусираат исклучиво на партнерот и на играта, зашто без тоа никогаш нема да ја снимат сцената. За разлика од театарот, каде што ваквите сцени можат да бидат помогнати и со различни (сценски, технички) ефекти, на филмот крупните планови се неизбежни. А, кога станува збор за крупен план, никогаш не треба да се заборави дека камерата ги чита и најскриените мисли на актерот, односно ликот.

Во контекст на љубовната сцена е и љубовниот бакнеж3, кој, ако се одигра уверливо и на точно определено место, може да биде круна на љубовната сцена. Мора да се внимава - нема лага и нема фингирање бакнеж на филм, а особено ако актерите се бакнуваат во крупен план. Забите треба да бидат измиени и пожелно е да се носи спреј за уста на снимањето. Ако му го понудите и на партнерот, ќе направите добар потег за заемно зближување.

Неретко се случува во сценариото да стои дека актерот се соблекува и е гол или полугол во сцената додека води љубов. Важно е да се разговара со режисерот за да се дојде до одговорот на прашањето: Зошто е потребно ликот да се соблече во сцената? Колку и дали е оправдана неговата голотија? Која е визијата на режисерот и колку аргументите што ги нуди се издржани? И дали сексот произлегува од љубовта, за која претпоставуваме дека е искрено одиграна. Не секогаш, всушност, многу ретко режисерите знаат да аргументираат зошто би морал актерот да се соблече во филмот. Голотијата може лесно да се граничи со невкус и порнографија, доколку е цел самата за себе, но и не мора. Но, има режисери (продуценти) што умеат да го злоупотребат тој момент мислејќи дека филмот ќе биде повеќе гледан. Тоа е нивно право. Должност на актерот е да знае колку може како лик да го оправда тоа што се бара од него. Иако актерот треба да е подготвен на сѐ, кога е во прашање соблекувањето на филм потребно е да е внимателен. Ако еднаш се прослави со празна голотија, тешко ќе излезе од тој имиџ. Најтешко е да се разголат емоциите и мислите, и кога тоа ќе се постигне на филм, може да се размислува чекор понатаму, и за физичкото разголување. Толкувањата на љубовта за различни режисери се различни. Љубовта нема возраст, граници и правила, и режисерските видувања за неа знаат да нѐ изненадат и длабоко да нѐ потресат4. Eротиката и љубовта можат да бидат прикажани без соблекување или експлицитни дејства, а, сепак, да предизвикаат возбуда кај публиката5. Платонската љубов може да биде повозбудлива одошто самиот чин на допир, соблекување и водење љубов. Но, тоа е прашање на видување, стил и естетика на режисерот. Филм што ги има споено сите сегменти од љубовта (еротското, фаталното, инстинктот, страсното, платонското) е „Piano“6.

Во филмот „Дом за бесење“ моите сцени беа врзани за Перхан и беа еротски и љубовни7. Се дружевме интензивно за време на снимањето. Тој беше многу подетинест и поповлечен од мене. Имаше нешто многу чисто, детско и наивно во себе и имаше исклучителен осет за камера. Неговата смисла за хумор и шегите, од друга страна, го оддаваа неговото внатрешно изминато искуство, кое тежеше поприлично. Верувам дека која било актерка да играше со него, ќе најдеше причина да го засака. По потреба во љубовните сцени (а речиси сите беа такви) го користев или детското (чистото) или искусното во него како привлечен момент за мене. Но, и целата атмосфера на снимањето помагаше во нашите актерски изведби. Режисерот, Емир Кустурица, до прецизност нѐ водеше во секој кадар и ја поттикнуваше потребната мисла, емоција и енергија во нас.

Актерска вежба – подготовка за љубовна/еротска сцена, Ивана Чабак(преработка)

а) Во љубовната сцена актерот не игра со „замена”, зашто така играта нема да биде верoдостојна. Сѐ што има на располагање сe неговата имагинација и неговиот партнер во сцената. Пред да се сними сцената, додека сте заедно со партнерот, нека помисли секој за себе на вашата најтешка и најболна лична траума. Побарајте го и видете го истото тоа чувство во очите на партнерот и помислете дека е тој тука со вас и за вас, и ве разбира, зашто точно знае како се чувствувате. Емоционалната блискост може да се изгради преку овој интимен имагинативен пат на актерот.

б) Помислете на вашата најдлабока сексуална фантазија и вклучете го партнерот од сцената во неа. Имагинацијата нека ве однесе во најзабранетите и најпреверзни сексуални моменти со него.

в) Комбинацијата од имагинациите а) и б) може да помогне да се создаде емотивна и сексуална врска – привлечност меѓу вас.

г) Моментот пред тоа е важен и за обајцата партнери. Доколку постои можност, актерите можат да се допрат пред сцената, да се прегрнат, да се гледаат.

Во љубовната сцена нема лажење – или се игра искрено или не се игра воопшто.

Пред да се соблече на филм актерот треба да разговара со режисерот и со продуцентот. Од режисерот да побара добар аргумент, а од продуцентот посебен договор – анекс.

Љубовта и сексот немаат ништо заедничко доколку второто не произлегува од првото.

Актерот е тој што одлучува дали ќе прифати секс и соблекување во сцената и под кој услов.

__________________________________________________

[1] Cain, M. Acting in film, New York, Applause Theatre Book Publishers, 1990,1997,pp.96

[2] Mr. Nobody – Nemo and Anna Meet Again – Full HD – YouTube, uploaded 2013 https://www.youtube.com/watch?v=w-2-tMLI92s

[3] On the waterfront: Terry and Edie`s kiss – YouTube, uploaded 2007 https://www.youtube.com/watch?v=MYaSEygOFbs

[4] Amour film clip, ” Breakfast” https://www.youtube.com/watch?v=_3dpqKpCWYY, published 2013

[5] The Age of Innocence clip – YouTube, uploaded 2012 https://www.youtube.com/watch?v=6tetrxzT_dM

[6] The Piano http://www.imdb.com/title/tt0107822/

[7] Dom za vesanje Perhan in dreams, YouTube, uploaded 2009 https://www.youtube.com/watch?v=ku7IMf_5Kuw

[8] Chubbuck, I. The Power of the Actor, The Chubbuck Technique, New York, Penguin Group, 2004,pp230

 

Извор: Актерска игра пред камера, Темплум, Скопје, 2016.

Слики: Сцени од филмот „Дом за бесење“ (1988) на Емир Кустурица