Лауреатот

25.04.2016 01:30
Лауреатот

Петар воопшто не се сомневаше дали треба да биде тука или не. Единственото нешто во кое се сомневаше беше одлуката од пред малку, да ги обуе или не новите патики кои со денови чмаеја во кутијата во ходникот, обвиткани со црна флис хартија, отфрлени, заробени, осамени и ниту еднаш непрошетани. Но, сега веќе беше надвор, а лошата одлука иташе заедно со него, биејќи му ги стапалата од сите страни. Не знаеше дали треба да ги одлабави или да ги потстегне врвците. Застана, се наведна, одврза-заврза и прв пат во животот му успеа да направи толку убава машничка. „Ова мора да ја разнежни болката“, си се поднасмеа. Стигна предвреме. Луѓе од малите улички полека се влеваа во утоката на ширинката. Го преплави ненадеен бран возбуда и тој се истави скраја, се потпре на едно ѕитче и се зафати со телефонот. Насмевката заради мноштвото духовити, насобрани пораки од пријателите ја затскриваше во својата густа лисеста брада. Иако пораката што најмногу го жежеше и веќе долго, долго ја очекуваше, повторно не беше стигната, Петар не губеше надеж, зашто беше сигурен дека таа не може толку да доцни колку што тој е подготвен да ја чека. Сето време ги чувствуваше своите нозе како пулсираат, небаре срцето му беше слегло во нив.

Полека ѝ се препушти на толпата. Беше сам, а сепак некако со сите. Чекореше неприродно, патиките полека му го менуваа одот, зашто стапалата се обидуваа да ѝ се измолкнат на болката. Одвреме навреме, точно тогаш кога ќе здогледаше нечие познато лице, подзабораваше на патиките и пушташе подолг чекор. Примерен на неговата височина. Не може толку крупен човек толку долго време да чекори толку ситно. Не ќе игра кумановско свадбарско оро на коловозот!

Непознати тела околу него спонтано го носеа таму каде што требаше да се биде. Постојаното титкање на телефонот (за СМС, за Вибер, за Фејсбук нотификации...) почна да го заморува и иако знаеше дека тоа пријателите се обидуваат да го најдат на сите канали, сепак го исклучи телефонот. „Ах, да можам да ги исклучам и патиките!“, си помисли.

Петар беше и мошне љубопитен по природа. Нему му беше малку и недоволно нештата да ги гледа оддалеку. Не сакаше многу да си претпоставува и замислува, повеќе сакаше директно и одблизу да набљудува. Почна да се бутка низ сѐ побројната и погласна толпа не би ли се пробил што понапред. Колку беше понастојчив, толку нозете му стануваа понепослушни. Почувствува нешто лепливо и топло во десната патика и знаеше дека му потекла крв. „Да се враќам дома или не? Ма, што сака нека биде!“

Квечерината зеде залет сама од себе и почна забрзано да се движи кон темнината. Надоаѓаше сѐ повеќе и повеќе народ буквално од сите страни. Од лево, од десно, од секаде! Еуфоријата на луѓето исто така забрзано се пресипуваше од нивните мисли во нивните тела, а она што притоа се излеа на коловозот ја залелеа масата во малку непредвидлив ритам. Петар изгуби рамнотежа, а само миг потоа сфати дека мора да потрча, зашто некој некого, а и секој секого, беше почнал да брка. Наваму, натаму, накај каде било. Го туркаа одзади, ги туркаше тие пред него. Настана општа мешаница, душата некако му се смали од страв, ама, за жал, веројатно од истиот страв, му се смалија и патиките. Петар трчаше избезумено како и сите околу него и викаше, викаше на сет глас од болка:

- Лелеееееееее!

Потоа почувствува силен удар во грбот, ама бидејќи гласот му беше потрошен, во целосен молк се струполи наземи...

Широко ги отвори очите и виде бескрајно пролетно ѕвездено небо. Немаше жив човек околу него. Тешка мртва тишина го беше наметнала со блага зашеметеност. Собра сили, седна, воздивна и дури тогаш забележа дека е бос. На нозете имаше само крвави, бели чорапи. Свлечкани. Иако го болеше секој милиметар од душата, некако се израдува што не треба допрва да ја одврзува проклето-прекрасната машничка од врвците на патиките. Што не треба допрва да ги ослободува своите нозе. Стана. Малку се затетерави, но набрзо си фати рамнотежа. Му ја подаде својата десна, боса нога на асфалтот во агонијата на неумешното оро на одот. Не го беше срочил ни својот прв бос чекор, некој го потупка по рамото. Не беше пендрек, туку мека машка рака. Еден возрасен господин кој му се виде толку многу познат, љубезно му се насмеа, со другата рака подавајќи му стари патики. Под тапата светлина на грдиот канделабар изгледаа чудесно удобни!

- Честито Роман на годината, лауреату!

Прв пат вечерта, Петар се сети дека е писател. Дека некогаш можеби ќе го напише сево ова и тогаш ќе стивнат и болките во стапалата, и неправдите, а и онаа пуста порака што никако не стигнува - помалку ќе го жеже.

Неговото снеможено тело во кое требаше да се преживее стана перце.

Слики: Mouni Feddag

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото