Кај е Узбекистан, а кај сме ние

10.05.2016 10:15
Кај е Узбекистан, а кај сме ние

Третото патување во Узбекистан беше за да го поминеме „Патот на свилата“ на кој се наоѓаат древните градови Хива, Бухара и, особено, Самарканд, кому Амин Малуф му го посветил својот бестселер роман. Самарканд бил двапати освоен од Александар, во Узбекистан повеќе познат како Александар Македонски отколку како Александар Велики. Тоа ми беше познато уште од 1989 година, кога со битолскиот театар гостував во Ташкент со мојата претстава „Лонг плеј“.

Претставата ја игравме под насловот „Ние пораснавме на Битлси“ зашто во централноазиската советска социјалистичка република Узбекистан поимот „лонгплејка“ беше непознат, за разлика од југословенската социјалистичка република Македонија, во која тој поим беше одомаќен уште од педесеттите години на минатиот век. На вечерата што ја приреди мојот колега, деканот на Театарската академија во Ташкент, тој одржа здравица во која ме поздрави како „потомок на Македонецот Искандар“, кого узбечкиот поет од средниот век Алишер Навои во една своја поема го опишал со „сини очи и руса, кадрава коса“.

Се разбира, познато ми беше и дека Скопје и Ташкент се збратимени градови, во шеесеттите години погодени од катастрофални земјотреси. Познато ми беше и тоа дека во Ташкент во 1949 година биле населени бегалци Македонци и Грци, припадници на Демократската армија на Грција, кои морале да ја напуштат Грција по поразот на Грамос и Вичо. Имав и прилика да разговарам со неколкумина од нив кои живееја во еден запустен колхоз во околината на Ташкент. Познато ми беше и дека Марк Вајл, узбекистански Евреин, режисер на театарот „Иљхом“ во кој гостувавме во 1989 година, бил убиен во 2007 година од тројца маскирани исламски фанатици. Познато ми беше и тоа дека со Узбекистан управува железната рака на Ислам Каримов, последниот комунистички господар и првиот и засега единствениот посткомунистички самодржец на Узбекистан, чиј устав бил изменет за да може народот да „си го избира“ Каримов за претседател кога Каримов ќе посака и колку пати ќе посака.

КРАДИ ПОМАЛКУ АКО НЕМА КОЈ ДА ТЕ ПОМИЛУВА

Во авионот од Истанбул до Ташкент, читајќи го водичот за Централна Азија, наидов на сторија за „Памучната афера“, која како да се случила во денешна Македонија. Генсекот на Комунистичката партија на Узбекистан во времето на Брежнев, Шараф Рашидов, имал феудални манири. Рушветот и кумствата му биле специјалност. Тој бил мозокот на една мамутска, долготрајна измама со бербите на памук во доцните 1970-ти и раните 1980-ти години. Памукот од Узбекистан бил од животна важност за СССР, особено за армијата. Откако сателитските снимки откриле дека многу „памучни полиња“ биле де факто пусти, се покажало дека цифрите за производството на памук во Узбекистан биле пумпани со години и дека дел од памукот бил продаван на црните пазари. Незаконски биле присвоени околу 5.000 милиони рубли.

Генсекот Јуриј Андропов, кадар на КГБ, го соочил Рашидов со фактите, по што Рашидов напрасно умрел од инфаркт, но некои тврдат дека извршил самоубиство, а некои дека бил убиен. Рашидов никогаш не бил јавно обвинет, но околу 50.000 функционери биле отпуштени или затворени во периодот 1984-1988 година. Во 1988 година, еден од заштитниците на Рашидов, Јури Чурбанов, зет на Брежњев, бил осуден на 12 години затвор за злоупотребите што ги направил како прв заменик на министерот за внатрешни работи на СССР, вклучително и земањето мито во износ од половина милион долари.

Бившиот премиер на Узбекистан Кудајбердиев добил 11 години затвор за земање поткуп. Четвртата фигура во аферата бил генералниот директор на Агроиндустрискиот комплекс ПАП Ахмаџон Адилов, кој буквално го следел примерот на емирот кој владеел со Бухара пред Октомвриската револуција – си имал приватна армија која му ги обезбедувалa плантажите на кои под принуда работеле робови (принудната робовска работа ја има и денес), си имал и јато конкубини и ги елиминирал сите кои ќе му се најделе на патот. Но, во 1991 година, по неуспешниот пуч во Москва, Врховниот суд ги отфрлил обвинувањата против Адилов, а Кудајбердиев бил помилуван. Во август 1993, рускиот претседател Елцин го помилувал и Јури Чурбанов, зетот на Брежнев, откако овој ја одлежал половината од казната. А Шараф Рашидов? Тој е постхумно рехабилитиран од страна на неговиот наследник Ислам Каримов и прикажан како херој, бранител на узбечките интереси од експлоатацијата наметната на Москва.

Корупција? Мито? Непотизам? Искрадени милиони? Пусти полиња и празни пасишта за кои се добиваат државни субвенции? Напумпани стопански резултати? Приватни армии? Помилувања криминалци од власта? Македонија на Груевски не заостанува зад Узбекистан на Рашидов во сите овие „дисциплини“. Само уште робови фалат. Но затоа пак нашиот Иванов го надмина рускиот Елцин. Елцин раздавал помилувања отпосле, а нашиов раздава аболиции „однапред“.

ШТО МУ Е ТАМЕРЛАН НА КАРИМОВ, ТОА МУ Е АЛЕКСАНДАР НА ГРУЕВСКИ

Узбекистан: Тамерлан на коњ, Тамерлан на престол, Тамерлан простум, а пред него фонтана. Македонија: Александар простум, Александар во рацете на мајка му, Александар на коњ, а под него фонтана. Двајца освојувачи кои уриваат за да градат, разурнувачи и градители во исто време, едниот империјалист од антиката, другиот од средновековието, двајцата злоупотребени заради грандоманијата од која боледуваат двајцата провинциски сатрапи, Каримов и Груевски. За волја на вистината, бронзата на Тамерланите на Каримов е поквалитетна од бронзата на Александрите на Груевски, а пропорциите и анатомијата на Тамерланите се помалку дилетантски од оние на Александрите.

Засега, ни Каримов ни Груевски немаат споменици од бронза или мермер. Славопојките и видеата не ги есапиме. Но Каримов е во предност. Тој го има она што Груевски може само да го посакува и сонува, но во тоа ни путинољупците Хорхе, Мирка, Миленко и Јанко не можат да му помогнат: Далеку е Македонија од Русија. А и помала е од Србија. Барем излез на море да имаше. Груевски се прецени и префорсира и, по сѐ изгледа, ќе остане без споменик и без долговечност. Русија го користи како пион за буричкање, а САД, ЕУ и НАТО го држат на дистанца. И природните ресурси со кои располага тој се гола вода во споредба со оние со кои располага Каримов. Државната каса е празна, а долговите натежнале. Прашање е дали остана уште нешто за продавање, освен кожите на Груевски и Фамилијата.

Папса Груевски. Ги потроши и античките и православните Македонци, за атеистите и „комуњарите“ да не зборуваме. Верските задужбини градени со буџетски пари не можат да ги надоместат изгорените манастири и руинираните цркви, уништените фрески и украдените икони. Згора на тоа, Стефан премногу мрси за да биде Алексеј, а владиците на МПЦ, чест на исклучоците, како повеќе да се плашат од власта отколку од Бога.

Каримов има силен сојузник во угледниот, влијателен и умерен дервишки (суфиски) ред накшбендии. На влезот од светилиштето кое се наоѓа недалеку од Бухара и во кое е погребан основачот на редот, суфијата Накшбенд кој живеел во 12 век, може да се прочита натписот кој потсетува дека Каримов лично е заслужен за уредувањето на светилиштето. Се чини дека на многубројните посетители, кои овде доаѓаат на аџилак, не им пречи тоа што раскошот на светилиштето е во спротивност со заложбите на Накшбенд за скромност, покора и дистанцирање на суфиите од моќниците на власт. Во секој случај, во Узбекистан нема никакви видливи знаци на исламски фундаментализам.

ТАШКЕНТ 2016 И СКОПЈЕ 2014

Ташкент во 1989 година го доживеав како голема советска паланка со централноазиска орнаментика. Тогашниот Ташкент можеше да се пофали само со најубавото метро на светот. Во април 2016 година не можев да го препознам Ташкент. Беспрекорно чисти улици, големи и уредени паркови, зеленило пред зградите и меѓу нив. Со еден збор, метропола со урбанизам кој води сметка за потребите на граѓаните. Нигде не можев да видам напукнати и искршени плочки и столпчиња затоа што во Ташкент тротоарите и улиците не се градат со бекатон. Архитектурата е модерна, монументална и со не многу нападни традиционални локални црти. Новите згради изгледаат солидно и на нив нема ни трага од стиропор или гипс-картон, омилените материјали во обезличувањето и задушувањето на Скопје 2014 во кое само тарабите се долговечни.

Ако судам за автократот Каримов само според тоа како денес изгледа Ташкент, не можам да му одречам извесна просветеност, што никако не можам да го сторам во случајот на автократот Груевски. Дури и во случајот на Каримов да се работи за лукавост, таа несомнено стои повисоко од марифетлаците на Груевски. Разликата веројатно произлегува од тоа што урбанизмот и архитектурата на автократот Каримов ја имаат рационалноста која му недостига на налудничавиот автократ Груевски, кој 10 години владее со Македонија како да е централноазиска советска република.

Извор: Фејсбук профилот на авторот