веќе со денови си замислувам

25.05.2016 11:25

Веќе со денови си замислувам:
вдишувам длабоко,
влегувам во собата,
ти полека ми се доближуваш
како некој крин –
но што ќе стане со нас потоа,
сакам да знам:
ќе ни дојде ли крајот?

И покрај нашите тајни,
ретки и болно неприлични
како полноглавци во шумските предели на Борнео;

и покрај нашата верба,
тврдоглава како планината
по која се качуваме и качуваме,
а никогаш не стасуваме до врвот
со неговите неспоредливи глетки на околината;

и покрај постелнината
во виолетова, црешова и зелена боја,
што некој ноќен добронамерник ни ја оставил пред врата,
ќе ни дојде ли крајот?

И ако мислиш дека цело попладне ќе седам овде
и ќе сонувам за нашата иднина,
сосема си во право:
ќе те кренам
како шеќерен младоженец од свадбена торта
со шеќерни коски,
и ќе те одведам до помодрените езера на иднината –
со белезгии, цимет и шампон,
ќе си направиме дом на брегот,
само ние и месечината што ни досега до колена
и неколку јурти.

Превод: Благородна Богеска

Селима Хил е родена во Лондон 1945 година, но пораснала во селски средини во Англија и Велс. Студирала етика на универзитетот Кембриџ и постојано соработувала со уметници кои се занимавале со мултимедијални проекти, како и со Кралскиот балет, Националната опера и Би-Би-Си Бристол. Работела како предавач по поезија во Лондон, а предавала креативно пишување и во разни болници и затвори во Велика Британија. Има добиено голем број награди за својата поезија.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото