Спортски бајки

30.05.2016 05:24
Спортски бајки

Две крошеа

Си бил еднаш еден прастар боксерски судија, кој во својот живот им одбројал на толкумина, што вкупниот број на губитници денес сигурно би изнесувал повеќе од милион. Еден ден кај овој познат Соломон дотрчало еднорако лево кроше, вознемирено мавтајќи со својата ракавица од четири унци и полно со искрено очајание, рекло:
„О, боже, што да правам? Мојот брат, десното кроше, лажно се колне дека има посилен удар од мене!“
„Тогаш тоа е грешка во системот“, го прекинал судијата. „Десното и левото би требало да бидат подеднакво силни: тоа е свето слово!“
„Вистина зборуваш, зашто ние сме еднакви!“
„Он, не!“, мудро се смешкал старецот. „Слушај: Кога би биле еднакви, двајцата би биле овде - или исто така: Би ме нарекол роднина Удар Вмуцка да му одбројам на несреќникот. Но, вака гледам дека твојот брат, за жал, е во право. Да не беше тој посилен, ти не би дошол пред мене. Сепак, колку што ве знам“ - тука благо се навалил - „ти сигурно имаш подобар карактер!“
Длабоко трогнато, левото кроше го напуштило судијата и оттогаш со презир го казнувало својот брат.
Сепак, едно утро ова го дофатило поради неговото глупаво однесување, преку кое маж со углед на едно десно кроше никако не може да помине, дури ни да станува збор за сопствениот татко. И откако добило неколку синозелени модринки од гола рака, левото кроше не само што било цврсто уверено дека е далеку подобро, туку и дека неговиот брат, десното кроше, е вистински злосторник.

Отскочна даска

Една отскочна даска многу се лутела зашто ѝ се вртеле само вакви мисли:
„Жими Посејдон! Па тоа е нечуено, оние скокачи да можат да се вивнат во височина само ако ме потиснат мене!“
А едно жешко летно неделно попладне го изгубила трпението: кога оној кој со своите безбројни скокови на глава најчесто ја понижувал, тргнал да скокне салто брутално оттурнувајќи ја по којзнае кој пат, се скршила самата себе. Така скокачот не паднал ниту на нос ниту на задник, туку плеснал на стомакот, кој се распукнал. Останал мртов на место.
Отскочната даска сега се нишала на брановите и била многу горда на добиената борба. Но, наскоро на немилосрден начин дознала дека победата го променила надворешниот облик на нејзината состојба, но не и самата суштина на состојбата: зашто сега уморните пливачи ја користеле како летва и се одморале на неа потопувајќи ја.
Моралната поука гласи:
Сè додека отскочната даска не може да го забрани пливањето, никој нема да побегне од својата судбина.

Сè зависи од везовите

Си биле еднаш двајца тркачи на скии.
Едниот знаел да трча извонредно, но бил многу сиромашен, па на лошите скии имал најевтини везови.
Другиот воопшто не знаел да трча. Најмногу што можел е да стои на скиите. Но, бидејќи бил многу богат, на прекрасно заоблените скии имал најдобри везови.
Па кутриот скокнал од ритчето до четириесет метри далечина, но поради проклетите везови го скршил глуждот.
Богатиот го гледал како скока, но не помислил да скокне и самиот. Напротив, бил среќен што воопшто стои.
А стручњакот рекол:
„Сè зависи од везовите!“

Тројца пријатели

Во гостилницата „Кај испосничкиот спорт“ во ќошот седеле тројца пријатели и пиеле пиво.
„Пијам за сила!“, рекол еден од нив со својот моќен глас, зборувајќи од грчко-римскиот граден кош.
„Јас пијам за силен удар!“, рекол другиот. Неговите раце несвесно се згрчиле во тупаници.
„Јас пијам за вештина!“, рекол третиот, сув човечулец со мали жолти очи. На својот стол седел како змија која се напрега да стои исправено.
Откако ги испиле пивата, секој од нив посакал да ја објасни својата здравица - за жал, во исто време. Зашто секој се слушал само себе, од што произлегло дека не можат да се разберат еден со друг, од што повторно произлегло дека сите тројца се разжестиле. Гневот растел и растел до сјајна тепачка; во која секогаш еден бил против двајца. Се знае дека за тоа се потребни како голема сила, така и силен удар и вештина. Со помош на огледала го увиделе тоа дури следното утро. Тогаш седеле во собичката и со букви проткаени со емоции напишале во својот дневник:
„Слава му на Бога на небото, а на земјата мир на спортистите со добра волја!“
Што би значело:
„на спортистите незаинтересирани за животoт.“

Правило

Скокот во височина и скокот во далечина биле смртни непријатели.
Вака било тоа:
Скокот во далечина тврдел дека во животот најмногу треба да се тежнее кон височина, па кон скокот во далечина се однесувал како арогантен аристократ.
Скокот во далечина, напротив, нагласувал во секоја повеќе или помалку соодветна пригода дека височината е секако убав фактор, но ако се гледа на работите од практична страна, сепак треба да се помрднете од место, а тоа е граѓанска должност и -
„Молам“, ќе го прекинел скокот во височина и ќе го одведел до оградата која речиси без залет лесно ја надлетувал.
Но, скокот во далечина воопшто не се обидувал да ја прескокне, туку само ќе го одведел до широката река - и веќе неговото „Молам“ ќе се чуело од другиот брег. Скокот во височина, секако, можел да остане каде што бил, но баш затоа што бил скок во височина, стиснал заби, се одразил во облаците - Тоа бил скок! Но, бидејќи се одразил само во височина, главечки паднал во брановите. Над него паѓале речните брзаци, во неговото грло гргале вртлозите, а дното го зграпчило со калливите раце - Гордиот скок во височина бедно се удавил.
Но, едно џуџе одушевено од правилата, кое во тоа време ловејќи полноглавци седеше на споменатиот брег покрај папратта, ми објасни дека скокот во далечина исто така се удавил, што е логично, бидејќи: според правилата на сите здруженија, скокот во далечина е правилно изведен само ако скокачот доскокне во исправена положба. А нашиот скок во далечина го направил токму спротивното.
Значи -

Падобран

Падобранот му рекол на летачот, својот господар: „Ако вечерва повторно не ми платиш ниту едно пиво, утре ќе скокнеш од авионот, а јас нема да се отворам, како ладнокрвна жена!“
Но, летачот само се насмеал:
„Мораш да се отвориш, драг мој, па предобро те знам!“
Но, падобранот продолжил:
„Знам дека си ме осмислил и направил, но сепак: чувај се! Ги следиш ли ти заповедите на оној кој те создал? Се исповедаш ли? Постиш ли?“
Тука падобранецот пребледел, храброста му се згрчила во страв, па отрчал кај свештеникот на исповед и во катедралата дал завет дека оттогаш ќе пости секој петок.
Но, и покрај сето тоа, неговиот падобран следниот ден го убил: ја остварил својата закана - зашто морал сам да си го плати пивото.

 

Еден Фон Хорват (1901-1938), австриски писател од унгарско потекло, роден во Риека, детството и раната младост ги поминува во Белград, Будимпешта и Минхен, каде што студирал театрологија, филозофија и германистика. После студиите живеел и како слободен писател во Мурнау и во Берлин. По доаѓањето на Хитлер на власт емигрирал во Австрија, а кога германските трупи влегле и таму, побегнал во Швајцарија. Кон крајот на мај 1938 престојувал во Париз. На први јуни истата година загинал на доста банален начин: на Елисејските полиња, за време на бура, се засолнал под костеново дрво; ветрот откорнал една гранка и таа го убила. Хорват е познат пред сè по своето драмско творештво (германските театри и денес го играат доста често). За првиот негов театарски успех индиректно се заслужни нацистичките јуришници. Имено, тој случајно се затекнал на еден социјалистички собир кој брутално бил растурен од младинци со кукасти крстови, што го инспирирало за драмата Италијанска ноќ или Забава во градината. По оваа драма, истата 1931 година, следува и круната на неговата театарска работа – Приказните од Виенската шума поставена на сцената на берлинскиот Deutsches Theater, и за која ја добива Клајстовата награда, најпрестижната книжевна награда во Германија. Се разбира, не треба ни да се спомнува дека лауреатот врз себе го навлекол гневот на збеснатиот рајховски печат. Освен драми Хорват пишувал и кратки раскази, а објавил и три романи: Вечниот малограѓанин, Младина без бог и Дете на нашето време.

 

Извор: Portret, 4.04.2005
Превод: И.Ш.
Слики: David Jablow

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото