Дарко Марковиќ беше нашиот план

13.06.2016 11:02
Дарко Марковиќ беше нашиот план

Беше ироничен, циничен, зајадлив, духовит, луциден, бескрајно талентиран. Дарко Марковиќ е најголемиот, неоспорно, но, внимавајте, полека со овие комплименти.

Тој е оној кој сега да ги прочита овие редови ќе прсне во смеа и ќе слегне со рамениците. Затоа што тоа го констатиравме, тој нема време за губење, треба да се работи, добога. За тоа време Пецко е завален во фотелјата и ужива да слуша дека броиме часови за да го видиме (сликата, ја гледате ли сликата, таа надменост, важност и истопорен пред нас, дека не води десно, додека лево некој друг не носи кон бездна) ама Дар- Мар има малку простор, а толку многу да се каже, ајде сега да зборуваме за друго, како понатаму?

И со право, затоа што излезот, решенијата ги имаше како ретко кој друг. Доволна е само една карикатура, само еден потег со неговото перо, сетете се само.

Ајде, одиме со оваа негова слика: Имате само една нацртана коцка, тоа ви е Парламентот, само еден лик, тоа ви е Груевски, клониран во 120 исти, идентични ликови. Груевски секој ден, секој проклет ден, Груевски сите овие десет години, додека не попука кората под делот каде што расте коса на главата, само тогаш боли, доколку се наведнувате за да ги заврзете врвците на патиките.

Однадвор, во таа слика, пред портите пред Парламентот е народот, гневен, уплашен, бесен, покорен, моќен, стуткан. Му треба на тој народ само една мала каписла, тригер, некој да го повлече орозот и тој да експлодира.

Дарко Марковиќ никогаш не го потценуваше граѓанинот. Тој добро знаеше дека му треба мало охрабрување, некој да го подбутне, да го растресе, да климне некој, можеби благо, но, сепак да му даде сила.

Затоа и го имавме Пецко. Со него, со Дарко Марковиќ, ни беше нацртан патот.

Дарко Марковиќ беше нашиот план.

Неговиот лик, Пецко, тоа беше тој, одважен, бунтовен, урнебесно забавен и врцав, Владимир Милчин како вели- “ни го одземаше здивот среде смеата”, по малку се шепури, по малку е премногу скромен (зависи од околностите кои ви зујат во слепоочниците), грми кон секоја власт, но никогаш доволно строг кон народот, секогаш има разбирање.

Ужасно критичен кон политичарите кои не водеа: Глигоров, Црвенковски, Георгиевски, Груевски, Заев, Шеќеринска.

Бидете цинични колку сакате, но Дарко Марковиќ е премногу интелигентен за да дозволи да го удрите ѕидот, тој никогаш не рече дека сите политичари се исти, колку и да немаше милост.

Конечно, оној што ви одзел најмногу години во читање на уметноста на Марковиќ, со него тој не можеше да се помири. Десет години, добога, зошто уште молчите, Пецко скока врз вашата перница и ве гледа право во очите- зарем не гледате дека не го заслужувате Груевски?

А решението?

Затоа, повторно одиме со сликата која веќе ви ја опишував, иако тоа е секогаш истиот одговор: кликнувате со прстите и веќе во следната слика Дар-Мар ви ја отвора завесата (ви кажал што да се чини) и на крај ви се поклонува. Пред да си замине.

Ако некого препознавам дека е негов наследник, тоа е секако Стевац, Игор Стевковски, уметникот карикатурист во Фокус. Светот ќе беше целосен сите да беа тука: текстот на стрипот да продолжеше да го пишува Никола Младенов и сите заедно, со Дарко Марковиќ, да не оттргнеа од погрешниот пат во кој зацапавме сите ние.

Додека работев во А1, не нацрта неколкумина, сите на карикатурата беа убави, важни и паметни. Само јас бев со камшик на неговата слика. Со денови не ми беше драго за тој свиреп камшик и огорчено и му го спомнав. Со насмевка ми кажа дека ми ги гледа интервјуата и дебатите со политичарите. И ми даде неколку совети, но најважниот е на сила и денес - како не смее да се поштеди ниту еден политичар, ниту еден функционер не смее да го направи тап тој камшик.

Ех, тој шарм, тој господски шарм. Знаете како, ме потсетуваше понекогаш на Арсен Дедиќ, на се што отсекогаш ни требало. Оддалеку можевте да ја препознаете таа црна фигура, таа склоност (неопходност) да се биде облечен само во црно, дополнете ја оваа слика со црниот шешир, кога ќе се појавеше, каде и да се појавеше, беше се доволно и јасно.

Црната силуета се губи, тој мора да си замине, се разбира дека беше несвесен дека е единствен, што сето тоа му значи кога талентот не вреди ништо, ако очите не го ископаат и грбот не го сруши?

Секогаш мислам дека генијалните, талентирани уметници се особено потиштени кога се велича нивниот талент (си велат во себе - сè е тоа фино, ама пробајте само со талентот), а никој не знае и не говори за трудот, за деноноќната работа која ги остава буквално до клиничка смрт, за дилемите и агонијата, несигурноста и стравот- вреди ли ова воопшто, барем нешто?

Она што вредеше во сета оваа џунгла во која сме сите, според овој бескрајно талентиран воркохоличар, беа неговите столбови, со кои заедно работеше и без кои и не можеше тој, а со тоа и ние: Дита, Леа и Филип, неговото семејство. Можеби грешам, но понекогаш е човек и надвор од измешаните гласови во главата, ако не е сам. Како да ми се чини дека тоа за миг и го дофати Дарко Марковиќ.

Тогаш кога замина Дарко Марковиќ, ноќ потоа, пред шарените револуционери говореше Бранко Героски, што ми е многу драго. Ретко ова ни се случува-  да се препознае вистинскиот човек, во случајов човекот кој низ сиве овие години работеше со бесмртниот Дар-Мар. Да беше Велија Рамковски на слобода, ќе говореше и тој со Геро, двајцата знаеја дека мора да го имаме, иако и тие и никој од нас не би сакал никогаш тоа да се случи, Дарко Марковиќ и не смее да умре.

Но, видете и поинаква ситуација, сосема различна од онаа на Велија и на Геро. Мојата многу помлада колешка Кристина Озимец, дента откако замина Дарко Марковиќ, ми кажа дека лично не го познавала, ама тоа не е ни важно, тоа е најмалку важно, затоа што таа го запознала вистинскиот Дарко Марковиќ, кој некако бил дел од нејзиниот свет. Таа пораснала со Дејвид Боуви и со Дарко Марковиќ. Тоа мора да е убав живот.

И сега, ако направам дистанца, ако чесно го погледнам овој свет, одговорно тврдам - можеме многу од нас да заминеме (да не ве исплашам, ова ќе ви го кажам полека, слог по слог- и ќе мо-ра-ме) ама не и Дарко Марковиќ.

Драго ми е што се слагате со мене- многумина од нас и ќе заминат, ама Дарко Марковиќ- тоа не го стори. Ние никогаш не му дадовме, без да размислам заклучувам. Но Пецко, раздрдорениот Пецко, би ме пресекол- јас се погрижив за тоа, сепак. Засекогаш да ме имате.

Извор: НоваТВ

Карикатури: Дарко Марковиќ

ОкоБоли главаВицФото