Осумте веројатно погрешни теории за „Изгубени“

20.05.2010 10:03
Изгубени

Ако творците на серијата „Изгубени“ бидат великодушни, во недела последната епизода на оваа серија конечно ќе одговори на прашањето кое гледачите си го поставуваат изминативе шест сезони: за што, по ѓаволите, се работи?

Или, можеби нема да ни одговорат? Во секој случај, сега е добро време да се навратиме на сите неверојатни и откачени објаснувања кои ни ги понудија верните и страсни обожаватели во изминативе години. Следи листата на осумте најголеми и веројатно погрешни теории за Lost, заедно со нашите претпоставки за тоа како би требало да заврши серијата доколку се покаже дека некоја од претпоставките е вистинита.


Чистилиште

Теоријата: Кога авионот од летот 815 се урива, сите патници биле мртви. Но пред нивните души да заминат во Рајот или Пеколот, секој од нив добива втора можност на Островот да ги исправи грешките од поранешниот живот.

Зошто е веројатно погрешна: Еден од творците на серијата, Џ. Џ. Ејбрамс, во една своја изјава ја негираше теоријата, иако рече дека му се допаднала многу.

Претпоставен крај на серијата: Преживеаните се разнесуваат со динамит за конечно да му се придружат на Фрогурт (едниот од ликовите) во Рајот.

Вештачка околина

Теоријата: Мораме да признаеме дека оваа теорија – која тврди дека преживеаните се непоканети гости на некое злобно и осмислено реално шоу, како она на Џим Кери во филмот „Шоуто на Труман“ – е доста слаба, и доколку последната епизода ни открие дека Островот е само една огромна сцена, гледачите би требало да се побунат. Но доколку крајот на серијата во секој случај биде разочарување, барем некој од нас ќе треба да го доживее задоволството гледајќи го Џон Лок како збеснува и со нож прободува еден куп продуценти.

Зошто е веројатно погрешна: Ви текнува ли дека го напуштија островот?

Препоставен крај на серијата: Збеснатиот Џек хируршки ги поврзува Карлтон Кјуз, Дејмон Линделоф и Џ. Џ. Ејбрамс во човечки тризнаци.

Наноботи

Теоријата: Оваа популарна теорија – која вели дека чадот е создаден од страна на Dharma Initiative, и претставува облак од ситни нано-роботчиња – истрајува долго време, иако постојано е негирана од творците на серијата. Нејзина слабост е тоа што претпоставува дека Џ. Џ. Ејбрамс е доволно смел да украде една од главните загатки на „Изгубени“ од бестселер стар две години (се мисли на трилерот од Мајкл Кричтон „Плен“, од 2002 г.).

Зошто е веројатно погрешна: Изјава на Дејмон Линделоф - „Не знам колку пати треба да повториме дека црниот чад не е создаден од ситни наноботи за да престанат да ни го поставуваат тоа прашање“.

Претпоставен крај на серијата: Островот е бомбардиран од воздушните сили на Коста Рика, како на крајот од филмот „Паркот Јура“.

Изгубени во Рајската градина

Теоријата: Серијата е полна со референци од Библијата, посебно од Книгата на постанокот. Можеби сценаристите на „Изгубени“ суптилно се обидуваат да ни кажат дека Островот – со своите исцелителски моќи, бесмртностите, Адами и Еви и чудовиштето од чад кое наликува на змија – е всушност Рајската градија? Новинарот Док Џенсен од списанието Entertainment Weekly повремено нè забавува со неговата теорија, прашувајќи се дали каснувањето од јаболкото на Соер додека ја испрашува Кејт е алузија на Дрвото на спознанието на Доброто и Злото.

Зошто веројатно е погрешна: Не се сеќаваме дека Рајската градина има некакви статуи со четири прсти на нозете.

Претпоставен крај на серијата: Изнервираниот Господ се појавува и ги брка жителите на Островот бидејќи предолго се зафркавале со целата симболика.

Изгубениот континент

Теоријата: Пред премиерата на „Изгубени“ во 2004 г., најпознатата копнена маса која не можеше да се најде во светот беше Атлантида, која, според легендата, била дом на најнапредната и волшебна технологија пред да исчезне. Дали Островот е Атлантида, или барем еден дел од неа? Некои велат дека континентот се наоѓа близу Канарските острови, за кои неодамна дознавме дека се дом на ликот од серијата Ричард Алперт.

Зошто веројатно е погрешна: Се чини дека е премногу очигледна.

Претпоставен крај на серијата: Островот потонува. Еј, можеби ова и не е толку лошо, после сè што видовме!

Игра

Теоријата: Изгледа пресложено да објаснуваме, но накратко би гласела вака – „Изгубени“ претставува добро и однапред осмислена игра со шест нивоа, која ја играат Џејкоб и Луѓето во црно. Секој од нив постигнува поени преку манипулирање со ликовите од серијата во одредени позиции.

Зошто е веројатно погрешна: Можеби и не е! Но, да бидеме фер, сценаристите на „Изгубени“ можеда да ни кажат за Џејкоб и Луѓето во црно уште на самиот почеток, што не го направија.

Претпоставен крај на серијата: Џејкоб освојува еден милион долари и добива понуда за снимање музички албум.

Седмиот печат

Теоријата: Пред неколку години, инспириран од поднасловот на една од епизодите на „Изгубени“, лудиот суперобожавател на серијата Ендрју Смит, поттикнат од филмот на Ингмар Бергман „Седмиот печат“, го даде следново објаснување – „Изгубени“ е една огромна метафорична партија шах со Смртта. Сепак, теоријата не е толку лоша, иако се покажа дека е многу погрешна. Нашиот омилен дел од теоријата: Островот е составен од „сенчеста материја“ и „го дели истиот физички простор како и Менхетен“. Она што туркаше дрвја во пилот-епизодата (што подоцна се испостави дека е „чудовиштето“ од чад) било, всушност, невидлив воз од подземната железница.

Зошто е веројатно погрешна: Дури и пред да биде докажана како погрешна од страна на серијата, теоријата звучеше премногу лудо.

Претпоставен крај на серијата: Преживеаните си ги собираат бебињата и се преместуваат во невидливот парк Слоп во Њујорк.

Патување низ времето

Теоријата: Теоријата на Џејсон Хантер претпоставува постоење на неколку меѓусебно испресечени временски линии и тврди дека Бен и Ричард ја користат можноста за патување низ времето на Островот за да спречат одредени лоши настани во 2007 кои би можеле да доведат до крајот на светот. Во 1996 г. тие нашле начин да го синхронизираат Островот со компјутерот во станицата Swan, па така, секојпат кога Дезмонд ќе го притисне копчето, Островот се враќа 108 минути назад во времето. Многу луди нешта од првата и втората сезона на „Изгубени“ – можноста Лок повторно да оди, проблемот со плодноста на Другите – можат да бидат објаснети со тоа дека Островот е заглавен во 108 минутно кружење во 1996 г.

Зошто веројатно е погрешна: Би ви кажале кога би ја разбрале.

Претпоставен крај на серијата: Римејк на пилот-епизодата на „Изгубени“ создаден од истите сцени како и во пилот- епизодата.

Извор: nymag.com