Повик од Непал на сметка на примачот

23.07.2016 21:12
Повик од Непал на сметка на примачот

Jа отворив лименката пиво и тргнав да седнам на тремот со весници в раце. Беше шест часот попладне, сабота, средина на јули, прекрасен ден. Но тогаш заѕвони телефонот. Повикот беше на моја сметка, од Катманду во Непал, од Дарси Сајмондс. Со години не сум ја видел Дарси. „Да, ќе го преземам повикот“, реков. „Џадсон, Дарси е. Слушни, во голема неволја сум. Овде се случува револуција и морам да се извлечам. Аеродромите се затворени. Се водат улични борби. Се сомневаат во мене дека сум шпион и владин известувач, но јас не сум, Џадсон, ти се колнам. Мораш да ме извлечеш одовде“, рече. „Добро, Дарси, смири се, ќе смислиме нешто. Како можам да дојдам до тебе? Морам да знам каде си“, реков. „Во тоа е и бељата, што не можеш. Трчам да спасам жива глава. Целиот град е во пламен“, рече. „Јави ми се пак кога ќе знаеш каде си. Во меѓувреме ќе видам што можам да направам“, реков. „Џадсон, нема многу време“, одговори. Ја спушти слушалката. Повлеков една долга голтка пиво и го земав весникот. На насловната страница беше приказна за двегодишно дете коешто од сопственото куче било спасено од давење во градското акумулациско езеро. И уште една за маж кој во постелата пронашол сто и осумдесет сантиметри долг питон. Полицијата се сомневала дека ќе го пронајде сопственикот на питонот. Зошто Дарси ми ѕвони после толку години? И што би требало да направам? Се јавив во Министерството за надворешни работи во Вашингтон но тие ме ставија на чекање и потоа ме префрлија на некој друг кој ме стави на чекање и така натаму, сè додека најпосле не се развикав на некое, конечно, живо суштество: „Жена ми е заточеница во Катманду. Ќе ја убијат доколку не ми помогнете да ја извлечам оттаму!“ „Смирете се, господине. Како се вика вашата жена?“ прашаа. „Дарси Сајмондс“, одговорив. „А кој ќе ја убие?“ прашаа. „Револуционерите. Мислат дека е шпион и известувач“, реков. Го побараа мојот телефонски број и рекоа дека ќе ме побараат кога ќе дознаат нешто. Го испивав пивото и си земав второ. Ја гледав временската прогноза за утре: уште еден совршен ден. Се обидов да ја прочитам статијата за локалните избори, но изгубив интерес. Господин Гидингс ја поткаструваше својата жива ограда сè додека не исчезна и последниот зрак светлина. Каснав малку сирење, солени кекси и малку грозје. Поголемиот дел од ноќта чекав да ми се јави Дарси и човекот од Министерството за надворешни работи. Телефонот не заѕвони ниту еднаш. Го извадив атласот и го побарав Непал. Во енциклопедијата прочитав за земјата. Сепак, мојата фантазија не можеше да замисли ништо освен крици, престрелки со пушки, оган и исплашеното лице на Дарси. Ја видов како, една меѓу многуте, трча во засолниште. Тоа беше само уште еден лош филм, па сепак, таа беше моја жена, или барем сега во тоа верував, и мораше да се заврши среќно, без поголема штета освен некоја гребаница, и со повторна средба на главните ликови. Седев зјапајќи во ѕвездите, слушајќи ги штурците и чувствувајќи се попразен од кога било. „Кој овде заповеда?“, запрашав. „Ќе ни бидат доволни неколку добри војници. Ќе ни биде потребна и техничка поддршка. Ти, Џоунс, неутрализирај ги Хималаите. Мартинез, елиминирај го Буда“.

Превод: Лавинија Шувака
Слики: Jay Rechsteiner

ОкоБоли главаВицФото