Boulevard du Temple (или: Изгубениот автопат)

09.08.2016 11:44
Boulevard du Temple (или: Изгубениот автопат)

Постои една фасцинантна фотографија на Дагер, од самите почетоци на тој фасцинантен медиум, околу 1838 година. Дагеротипијата се води под насловот Boulevard du Temple и се смета за прва фотографија на која се појавува човечка фигура.

Сребрената плоча го претставува парискиот Boulevard du Temple фотографиран од прозорецот на станот на Дагер во време на најголема гужва. Булеварот во тоа време требало да биде полн со луѓе и кочии. Но, со оглед на тоа што тогашните апарати барале исклучително долго време за експозиција, од целата претпоставена маса во движење - не се гледа речиси ништо. Заправо, се гледа само мала црн контура на тротоарот, во долниот лев агол на фотографијата. Во контурата се распознава човек кому му ги гланцаат чизмите; затоа толку долго останал неподвижен, со благо подигната нога за стапалото да може да го потпре врз кутијата на чистачот на чевли.

Во таа човечка флека јас ја гледам Република Македонија, изгубена во просторот и времето. Сè се движи, сè брза, сè е тешко дофатливо - освен нашиов изгубен автопат што голта луѓе како некаков водоврик или свлечиште со својства на црна дупка. Како си ја оставил дупката (во 1991 или 2006 година) - така ќе ја затекнеш (2016). Експозициите овде траат подолго не само од она што можел да го замисли Дагер, туку овдешните местоположби и брзини тешко би ги уловиле и многу посовремени машини. А најтешко е овде да се улови живото, она што пружа отпор.

(А можеби, просто, не сме живи?! Можеби единствената „машина“ што треба да се принесе над тажнава глетка е обичното огледалце кое треба да се приближи до усните на неподвижниот, за да се види дали тој уште дише? Ако огледалцето не се замагли - значи дека не сме живи?!)

Зошто сметам дека Македонија е специфичен зомбиевски случај, нешто што не е ни живо ни мртво и што совршен отслик наоѓа токму во бизарната фотографија на Дагер? Зарем нема и многу други општества парализирани од страв, умртвени од крволочни водачи, урушени сами во себе од масовна корупција и криминал?

Има, се разбира, многу такви општества, кои гнијат зад фасадите. Дури и значаен број на т.н. развиени општества често наликуваат на зомбиленди, царства на површни слики и бескрајни манипулации со перцепциите и чувствата на граѓаните. Но, имам впечаток дека таму еден дел од живите луѓе сепак се обидуваат да се помрднат од мртвите агли.

Кај нас сеуште царуваат министрите (или министрантите) на смртта, од типот на Груевски или Никола Тодоров. Вистински предводници на зомбифицираното племе. После толку многу смрт, сите овие години, вклучувајќи ги и најновите бесмислени жртви од невремето некни, зарем никој не осети ни половина молекул одговорност за да поднесе оставка?! Сетете се на загинатите бугарски туристи во Охрид, на крвавата груевистичка ПР акција „Диво насеље“, на загинатите од поплавите во тетовско и во скопско, на илјадниците Тамари и Мартини, на стотиците илјади жртви на системот кој опстојува исклучиво врз фасадите, пропагандата, неживото - произведувајќи само смрт, низ површност, занемарување, игнорирање, негрижа, алчност, криминал...

Затоа велам дека, под ВМРО, живееме на зомбифицирана територија. Посебноста на Македонија, значи, е што степенот на распад (на гнилост) е неспоредливо поголем дури и од најтажните земји во нашето опкружување - Србија, Косово, Албанија, Бугарија... Во Македонија не се соочуваме само со забегана криминална банда на власт, туку со распад на сите општествени врски, дури и на најобичните меѓучовечки нивоа! Не само што се уништени речиси сите институции (не само државни), што суштински не комуницираат меѓу себе (а што е друго општеството ако не комуникација и релации), туку, мој е впечаток, дека дури и контактите меѓу луѓето веќе немаат посериозна смисла бидејќи стварноста, заедничкиот простор, јавната сфера, им е одземена онака како што вешт магионичар го вади чаршафот од маса без да ги помрдне предметите на масата. Груевизмот ги уништи смислата, логиката, најобичната човечка размена на мислења - зашто сето тоа го прогласи за најголема опасност по поредокот што го воспостави. И тука груевизмот е совршено логичен: само ако ги укинеш смислата, последователноста и елементарните постулати на здравиот разум, можеш да ги поднесеш лудачките потфати без да полудиш (заправо, попрецизно е да се каже: кој овде сеуште не полудел, тој не е нормален).

На пример, никој во земјава (ниту последните преостанати стручњаци, оние кои во меѓувреме не избегале) не ги знае основните статистички податоци: број на население, број на гласачи, број на вработени и невработени, број на чиновници, клучните економски параметри... Не знаеме колкави се долговите; не знаеме колкав процент од целокупниот БДП ни доаѓа низ дознаки од отселените роднини (некои проценки велат дека е можно дури 20% од целиот БДП да ни доаѓа како социјална помош од странство; за споредба, осумте милијарди евра што Хрватска годишно ги заработува од туризмот изнесуваат 15% од нивниот БДП, а хрватските стратези велат дека е тоа преголема зависност од туризмот; од друга страна, никој не знае и колку пари се одлеваат од земјава; само Телекомот од Македонија има испумпано неколку милијарди евра; некои проценки велат и дека Фамилијата преку оф-шор шемите испокрала, главно од буџетот на РМ, исто така барем неколку милијарди евра). Да не зборуваме дека апсолутно никој веродостојно не ги знае пософистицираните параметри (оние што ги мери, на пример, Евро барометар). Кај нас сето тоа се фалсификува - за да се краде и манипулира - или се игнорира (попис) или се ставаат бројки од тепка, оти со локалната организациска памет е неможно да се дознае реалната слика.

Во Хрватска или Србија, на пример, економско-политичката елита е јајце на јајце истата мафиотско-националистичка структура која владее речиси со целата источна (постсоцијалистичка) Европа. Но, во Хрватска и Србија како-така функционираат другите сегменти на општеството: образованието, културата, инфраструктурата, стручњаците, статистиката, јавната сфера, остатоците од граѓанската класа... Во Македонија нема ништо од тоа: целокупното образование е уништено, од основно до високо; целокупната културна и медиумска сфера се уништени поефикасно од атомска бомба. Бројот на стручњаци во сите области драматично брзо се намалува. Јавен простор, како агора, како заштитен простор за разумна и критичка расправа, не постои, ниту во комуникацискиот дел (медиуми, партии, политика), ниту во чисто физичкиот дел - брутално се уништуваат сите јавни простори во државата - паркови, плоштади, културни центри, библиотеки, пензионерски домови... Социјалните медиуми нудат привид на живот и акција, но тие структурно се смислени првенствено како симулакруми, а не нешто што реално врши (демократска) работа. Енклави и симулакруми на јавен простор тук-таму постојат (постојат некакви медиуми, некакви партии, некакви плоштадчиња со фонтанички итн.), но не постои двонасочна и продуктивна комуникација, релации, грижа и одговорност за заедницата и за нејзината иднина... - освен во симулирана форма.

Значи, за разлика од сличните земји, во Македонија е уништена целокупната комуникациска инфраструктура и сите институции. Сите луѓе во сите институции натерани се да глумат манекен(к)и, да симулираат релации и комуникација и да се претворат во опслужувачи на матицата отелотворена во еден малоумник баш налик на некоја монструозна чаура од СФ филм: алиен, човек-гуштер, човек-ембрион, внатрешен паразит... . А целокупната општествена матрица, како некаква пајажина, е изградена за потребите на паразитот-матица и неговата мрежа.

Во овој СФ контекст Македонија може да се спореди и со „Европа“. Притоа не мислам на земскиот континент Европа туку на Јупитеровиот сателит кој е малку помал од нашата Месечина, но е интересен зашто е окован во лед; просечната температура на неговата површина изнесува -150 целзиусови степени. За научниците е возбудлив бидејќи во ледените длабочини на „Европа“ теориски е можно да постојат некакви форми на живот.

Инаку, формите на живот кои опстојуваат во екстремни услови (на пример, бактериите кои живеат во зовриеното сулфурно езеро во Јелоустонскиот парк) се нарекуваат екстремофили. Такви форми на живот се најдени дури и во внатрешноста на нуклеарниот реактор во Чернобил; тоа се габички распространети како црна слуз по ѕидовите на реакторот и се хранат со радиоактивното зрачење; откритието на овие неверојатни организми им помага на научниците, меѓу другото, да најдат ефикасни органски начини за детоксикација на нуклеарниот отпад. Има разни видови екстремофили; криофилите се форми кои живеат во исклучително студени услови; цидофилите живеат во мошне кисели средини итн.

Овие екстремофилни форми на живот ми влеваат некаква мала надеж дека овде, макар и во некоја историска перспектива, е можен живот, па дури и во своите покомплесни, самоорганизирачки, саморефлексивни, когнитивни форми. (Еден афоризам велеше: Ко марсовци сме: елементарни услови за живот нема, а ние постоиме.)

Некои велат, одамна сме на дното, само ја немаме постигнато потребната длабочина. Но, и на дното има надеж, како што покажува скриеното езеро Восток на Антарктикот, каде што токму живеат екстремофилните животни форми. Мистериозното езеро се наоѓа под четири километри длабок лед (уште една добра метафора за груевизмот - четирикилометарска ледена обвивка над светата почва Македонија). Ледената обвивка прави топлотна изолација па затоа водата во езерото е во течна состојба. Тоа е засебен свет, сосема изолиран еко-систем.

Во крајно неповолни услови, во студена вода, со висок притисок и без сончева светлина, таму, во Восток, се откриени повеќе од 3500 генетички секвенци на различни микроорганизми. Но, во таквите екстремни услови живеат - за ова зборувам, во ова се надевам - и покомплексни организми. Неодамна, исто така во длабочините на Антарктикот, 740 метри под дебелата ледена покривка, истражувачите на тимот WHISSARD (Whillans Ice Stream Subglacial Access Research) налетаа на сосема проѕирна непозната риба. Еден од научниците на WHISSARD вели: „Пред десет години Антарктикот дури не го ни сметавме како дел од Земјината биосфера, а сега ги откриваме овие неверојатни животни форми“.

Најпосле, и на славната фотографија на Дагер некои понови истражувачи открија уште траги на живот, уште луѓе-контури, флекички кои некако избегале пред магијата на експозицијата што брише. Земете лупите во раце, просурфајте, почитувани читатели, та можеби и вие ќе
откриете уште некој жив створ на Boulevard du Temple.

Слични содржини

Општество / Активизам / Фотографија / Став
Јавни простори / Став / Екологија
Фотографија / Став
Јавни простори / Фотографија / Уметност / Око
Општество / Јавни простори / Став

ОкоБоли главаВицФото