Света Телма

05.09.2016 10:12
Света Телма

Има една горчлива вистина за мојата земја, а таа е дека ние сме општество кое болно лудува по теории на заговор, чуда и мистерии. Општество кое во својата халуцинација комплетно ги изгонило фактите, аргументите и критичкото мислење. И тоа нема да биде толкава болка доколку во истиот агоничен порив по митоманија не се трескавично вовлечени и оние чија задача е токму преиспитување на митски наративи, како медиумите и академската јавност.

Во саботата попладне, после долго размислување и нечкање прифатив, на покана од еден новинар од ТВ Телма кој исклучително го ценам, да дадам, како што тој рече „критичка изјава по повод канонизирањето на Мајка Тереза во светица“. Се премислував не затоа што имав нелагодност да говорам за сите факти кои ни ги оставија многуте истражувачи на ликот и делото на сега веќе светицата, туку затоа што имав потешкотии да излезам од дома со дете. Нејсе, си реков, важно е да се разбиваат овие митови. Го собрав детето со мене и се симнав пред зграда каде ја дадов изјавата која требаше да оди во вчерашните вести. Сепак, вчерашните вести не ја емитуваа ниту мојата изјава ниту дадоа каков било дел од огромните критики од исклучително релевантни личности ширум светот кои говореа за, благо речено, проблематичната мисија на Гонџа Бојаџиу. Истовремено, Македонската Академија за Науки и Уметности од денес организира т.н. татковинска прослава „Денови на св. Мајка Тереза“. А која била Мајка Тереза, всушност? Ако за миг ги оставиме настрана приказните исплетени од католичката црква со цел креирање имиџ кој подоцна одлично ќе се исплати, имиџ мерлив во милијарди долари, ќе стигнеме до истражувањата кои открија една исклучително темна страна на оваа светица.

Мајка Тереза која е позната по својата хуманост во лекување на сиромашните ја има дадено следнава изјава: Има нешто убаво во тоа да се видат сиромашните како ја прифаќаат својата судбина, да страдаат како Христос. Светот добива многу од нивното страдање“. Што тоа значело во реалност? Болните и од болка изнемоштени биле лишувани од лекови за намалување на болката, третирани со нестеризилизан медицински прибор, оставани да умираат во агонија од болка често поради раширени инфекции од бактерии намножени во несанитарни услови. Истовремено, на сметка на фондацијата на Мајка Тереза се слевале милиони долари донации. Огромните суми не завршувале во овие болници каде приборот се стерилизирал со топла вода како во 18 век. Карантинот речиси и да не бил застапен, па така пациентите со шанса за преживување умирале заради зарази од другите. Мајка Терза имала во најмала рака проблематични врски со озлогласени политичари и криминални бизнисмени кои кеширале големи суми на сметка на нејзината фондација. Нејзините догматски ставови за абортусот, контрацепцијата и разводот можеме само да замислиме каков ефект имале во земји каде сиромаштијата и многудетноста резултирале со краток и мачен животен век.

Ох, зборувајте ми за хуманисти за кои страдањето на сиромашните е божја волја, а не светска неправда и продукт на пеколната распределба на ресурси за преживување меѓу луѓето. Зборувајте ми за светци кои тежат милиони, лекуваат во услови полоши од денешни ветеринарни ординации, а кога самите се болни ги преферираат клиниките во Калифорнија. Такви „светци“ богами во Македонија има многу, дури и премногу. Па, ако ни е до туризам не мора да играме на картата токму на оваа скопјанка.

За темната страна на ликот и делото на Мајка Тереза, со факти аргументирана од славниот Кристофер Хиченс, луѓе инволвирани во нејзините болници, научници од Универзитетот во Монтреал, нејзини волонтери итн., за критиките околу нејзиното канонизирање во светица говореа, на пример Индипендент, Вашингтон пост, Гардиан, ама не и нашите мејнстрим медиуми. Еве, со сигурност не и Телма. Па која е поентата да имаме академици и медиумски уредници кога истите одбиваат критички да размислуваат, да истражуваат, да разобличуваат митски наративи особено кога истите доаѓаат од центри на моќ како Католичката црква. Веќе можам и да ги предвидам реакциите на повиканите во овој текст. Во ред е дечки, би рекла, во ред е, за Мајка Тереза нема да ви ѕвони црвениот телефон, ама се надевав дека ќе ви заѕвонат сивите ќелии.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слика:
 Александар Дојранлиев