Владата со повик за легализирање на бесправно купените дипломи и докторати

06.09.2016 11:40
Владата со повик за легализирање на бесправно купените дипломи и докторати

Скопје, 6 септември 2016

Македонската влада утрово објави дека е отворен рокот за легализирање на сите купени дипломи и докторати, а граѓаните своите образовни титули ќе можат да ги легализираат до 1 април идната година.

Се проценува дека во Македонија постојат десетици илјади лица кои на нелегален начин стекнале диплома од високо образование или докторирале, а озаконувањето ќе можат да го извршат така што ќе поднесат барање до надлежните институции, во случајов, Министерството за образование и наука, и да уплатат такса.

„Висината на таксата зависи од степенот на купената академска титула. Така, за такса дипломците ќе мораат да издвојат 1000 денари, додека докторите ќе мораат да платат нешто повеќе, 1500 денари. На тој начин ќе им помогнеме на граѓаните кои, поради скромните ментални капацитети, недостигот на време или вишокот пари, одлучиле да не студираат туку со купување да дојдат до диплома или докторат“, велат од Министерството за образование и наука.

Сите заинтересирани од факултетите на кои дипломирале или докторирале мораат да извадат уверение дека никогаш не студирале во тие установи, а на оние кои нема да поднесат барање за легализирање во предвидениот рок, дипломите ќе им бидат одземени и поништени.

За жал, не сите се одушевени од повикот на државата.

„Да знаев дека ќе морам да губам време на легализирање на моите дипломи кои ги стекнав на два различни факултети, ќе учев на време“, вели Мартин С., еден од граѓаните кои ќе мораат да ја легализираат својата диплома.

Од друга страна, Славе Т. има сосема поинаков проблем.

„Мене ми рекоа дека морам да ги легализирам посебните делови од докторатот, затоа што се земени од различни места, и за секој од нив да платам посебна такса. Мислам дека тоа не е фер, дека е еден вид грабеж“, објаснува Славе.

Македонската влада очекува дека легализацијата ќе го реши проблемот со дивото образование и дека трговијата со дипломи и докторати ќе добие легален тек во иднина.

Извор: www.njuz.net