Против заборавот: Забошотување на лустрацијата

24.09.2016 11:06
Против заборавот: Забошотување на лустрацијата

Нарачувачите на лустрацијата се повлекуваат од местото на злосторот. Извршителите, членовите на комисијата која требаше да ги утврди фактите, се оставени на бришан простор да го бранат неодбранливото, операцијата на фалсификување на минатото, спроведена според удбашки манири. Накодошија жртви на УДБА/СДБ дека биле соработници на УДБА/СДБ. А сега, оставени без мандат со волјата на наредбодавците, но сепак добро платени, пак со волјата на наредбодавците, си помолчуваат и се надеваат дека бурата ќе помине и злосторот ќе биде заборавен. Третина од лустрираните се мртви, а живите жртви на лустраторите се во поодминати години.

Операцијата на забошотување на лустрацискиот злостор ја спроведува Аџиев, ја спасува својата кожа и кожата на наредбодаваците. Во дебатната емисијата „Лустрација на лустрацијата?“, емитувана на ТВ Нова на 16 септември, уште на самиот почеток, Аџиев порача: „Процесот се заокружи онака како што се заокружи. Се утврдија една одредена бројка на соработници, останаа неодредена бројка неутврдени кои останаа утврдени во досиејата кои се во Државниот архив и во Комисијата.“ Аџиев бега од бројките, односно од фактите, како ѓавол од крст. Бега и од прашањето за ревизија, односно поништување на лустрацијата, па во 68-та минута на дебатата порача: „Не се прави ревизија на правосилни судски одлуки. Тоа е завршена приказна.“ Тој навистина не знае дека судот во Стразбур веќе оспори една од тие нарачани судски одлуки или само се прави недоветен?

Многу катиљ ми ти било човечето Аџиев. Ги менува кожите како чорапи. Од јагнешка кожа изјави: „Јас како претседател имам само една привилегија, да свикам седница“. Само 22 минути подоцна, откако Пивоваров му спомна злосторничко здружување, од волчја кожа, Аџиев посегна по закана: „Знаете за кривично дело клевета и навреда? Сега ќе ги натерам сите десет души (лустраторите, м.з.) да ви поднесат кривична пријава. Ќе видите како ќе помините!“ На самиот крај, не додржа, па се пофали и дека во хороскопот бил бик, на црвена марама се палел, на секоја неправда скокал. Ете ти сега! Па и јас сум бик во хороскопот, скокам на неправдите (од многу одамна, кога човечето Аџиев го немаше ни на повидок како борец против неправдите), па затоа ќе продолжам да скокам на лустрациската неправда спроведена токму од него, човечето кое тврди дека скокало на неправдите во бившиот режим, но не јавно!

Не ми беше лесно, се изнамачив, два пати ја одгледав дебатата меѓу Аџиев и Пивоваров. Во тие 72 минути, Аџиев дури 25 пати ја изговори именката „магла“. „Магла“ сама, во комбинација со глаголот „сеете“ или со глаголската именка „сеење“. Некој го подучил дека повторувањето е мајка на лажењето и маска на незнаењето, но не го предупредил дека од премногу повторување, лагата се тенчи, станува проѕирна.

Кренав раце од броењето на лагите што ги истури човечето. Веќе во третата минута излажа. Тврдеше дека, пред донесувањето на законот во 2008 година, немало јавно искажани критички ставови за лустрацијата како што ја беа замислиле Андов и неговиот тим, односно дека отпорите започнале дури откако почнале да излегуваат досиејата. Во јавните дебати водени уште пред донесувањето на законот, ние, оспорувачите на замислената лустрација, предупредувавме на неколку нејзини проблематични аспекти. Меѓу другото, и на тоа дека македонските институции не располагаат со сите досиеја на македонски граѓани. Во седумнаесеттата минута, Аџиев си скокна на глава, па потврди дека нашите предупредувањата биле на место, извикувајќи: „А кај нас имаме пола досиеја што ги нема!“ Со тоа Аџиев го потврди и тврдењето на Пивоваров дека најважните досиеја, досиејата на „топ“ соработниците, биле однесени во Белград. Но, кога Пивоваров укажа на тоа дека тајните служби креирале, монтирале, злоупотребувале и вметнувале имиња во досиејата и дека овој процес на лажење трае од 1945 година до денес, Аџиев се обиде да ја смени темата: „Не е интересно како работеле службите, интересна е лустрацијата!“.

Не еднаш Аџиев изјави дека лустраторите прегледале 30.000 досиеја (!). „Овие досиеја ги гледале сите 11 членови на Комисијата“, изјави и одново излажа Аџиев во дваесет и осмата минута. Зашто само една минута подоцна, за досието на лустрираниот новинар Шаќири изјави: „Нити го работев тоа досие, нити го видов... Нити ми значеше нешто во животот.“ Аџиев признава дека не го видел (што значи дека не го прегледал) досието на човекот кој починал четири месеци по лустрирањето!

Ајде да му поверуваме на Аџиев кога тврди дека лустраторите прегледале 30.000 досиеја. И да му поверуваме дека таа бројка е половина од вкупниот број, зашто, нели, Аџиев вели дека „имаме пола досиеја што ги немаме“. Аџиев сака да ни каже дека службите воделе 60.000 досиеја? И сега следи прашањето на кое јавноста сè уште не доби одговор: Колку од тие досиеја се досиеја на соработници, а колку се досиеја на жртви? Нема одговор ни на прашањето за тоа за колкумина од оние кои, согласно првиот закон за лустрација, поднесоа изјави за (не)соработка со службите за државна безбедност, УБК на Сашо Мијалков потврди дека биле соработници. Имено, лустраторите побараа одговор од УБК за над 4.800 вршители на јавни функции. И добиле одговор во облик на список. Значи, колкумина на тој список биле соработници? И кои се тие? Јас не сум еден од нив. Прашањето што следи гласи: Зошто некои од оние на списокот на УБК не се лустрирани, а лустрирани се некои кои не се? Во 28-та минута, Аџиев тврдеше дека Комисијата не креира досиеја. Тоа е лага, вистина е дека досиеја на жртви комисијата на Аџиев трансформирала во досиеја на соработници. Затоа Аџиев упорно премолчува дека жртва не можела во исто време да биде и соработник, како што досието на жртва не може да биде досие на соработник.

Аџиев во неколку наврати потсетува дека законот за лустрација бил усвоен со акламација, но премолчува дека тој закон, по интервенциите на Уставниот суд во 2009 и 2011, беше заменет со нов закон, предложен од Силвана Бонева. Премолчува, зашто тој закон не беше донесен ни со акламација ни со консензус, опозицијата не беше во салата. Но, пострашно е тоа што за тој закон Аџиев тврди дека прв пат им овозможил на граѓаните увид во досиејата. И одново лаже! Увид на граѓаните во досиејата водени од идеолошки и политички причини им овозможи законот од 2000 година. Врз основа на тој закон јас остварив увид и добив копија од моето досие, кое СДБ го водела од идеолошки и политички причини (учество во студентски демонстрации, анархолиберализам, граѓанска десница, уривање на уставниот поредок). И ми беа откриени имињата на службените лица кои го формирале моето досие, но псевдонимите на соработниците (кодошите, како што милуваат Аџиев и куртоните) беа покриени со црно.

„Кај ме врзувате мене со политика?“, му опонира Аџиев на Пивоваров, но во 39-тата минута паѓа во идеолошки занес: „Нити направија самостојна држава, нити направија независна, нити Македонија ја направија ослободена, сите работи, ја направија патриотите кои после 45-та година легнаа в затвор, од типот на Ченто, на Пирузе, покасно од името на Васил, Ристо Шишков, на Јован Котески, една плејада други луѓе. Тие ја правеа државата, а не овие, доушниците, овие се сатрапи, му направија зло на македонскиот народ“. Па во 46-тата минута: „Дојдоа луѓе што размислуваат со свои глави. Дојдоа луѓе со нова визија“. Па во 51-та: „Дојде ново време, нови ветришта, нови лица“. Па во 57-та: „Нема да сеат магла тие соросоидни, комуњарски, комунистички, удбашки институции“. Па во 58-та: „Заврши вашето време. Треба да го сфатите тоа. Доаѓаат млади дечки“. Во тој миг се сетив на младите, нови лица на Филимена и Михајло Маневски. И на живите соработници од комунизмот кои станаа фунционери во посткомунизмот, а чии досиеја не излегоа на виделина. Се сетив и на мртвите. Тие не беа лустрирани, што е во ред, зашто мртовци не можат да вршат јавни функции. Но мртвиот писател не беше поштеден зашто, нè просветли Аџиев, им ги крадел книгите на други писатели!

Ах, таа лустрација! Сребрениот куршум, кој требаше да ги замолчи живите критичари на „новото време“ се покажа ќорфишек. Авторите на првиот закон за верификација на фактите се оградија од повампирената лустрација која се претвори во лов на вештерки и политичка пресметка. Повампирените фрустрации на неколку бездарници предизвикаа згрозеност со плукањето по мртвите. Власта доби шлаканици од судот во Стразбур, од комисијата во Венеција и од Брисел. На дневен ред е ревизијата, односно лустрација на лустрацијата. Лустраторите ги очекува соочување со фактите и со прашањата кои бараат одговори и одговорност. Дотогаш, протагонистите, епизодистите и статистите во груевистичкиот хорор ќе произведуваат кодошки писанија како Извештајот за извршен надзор (мониторинг), испратен до Зоран Трајчевски на 17 септември: „Во премиерното издание на „Ноќен експрес“ (емитувано на радиото Канал 77) на 7 септември, со почеток во 21 часот, на темата „Патриоти и предавници“, гостин во студиото беше Владимир Милчин – поранешниот директор на фондацијата Сорос, за кого Комисијата за верификација на фактите констатираше дека е соработник на тајните служби.“

Извор: Плусинфо
Слики: Игор Смирнов

ОкоБоли главаВицФото