Магионичар

04.10.2016 13:02
Магионичар

РУЖЕВИЧ

тој го сфати тоа сериозно
сериозниот смртник
не игра

пали две дебели свеќи
седи пред огледало
занимавајќи се со своето лице

не ги толерира
фриволните форми
комичноста на човечките верувања
сака да знае сигурно

копа по црната земја
лопата е и кртица ранета од лопата

НАУЧНИЦИ

Убавината на природата е сомнителна.
Па да, раскошот на цвеќето.
Науката се грижи да нè лиши од илузии.
Не се знае дури зошто толку ѝ е важно тоа.
Борбата на гените, одликите кои гарантираат успех, добивка и загуба.
Со каков јазик, добога, зборуваат тие луѓе
Во бели мантили? Чарлс Дарвин
Барем чувствувал грижа на совест,
Огласувајќи ја својата, како што велел, ѓаволска теорија.
А тие - што? Зашто, тоа е нивната идеја:
Да се класифицираат глувците во посебни кафези,
Да се класифицираат луѓето, некои нивни видови
Да се отпишат на генетски загуби и да се отрујат.
„Перчењето на паунот е гордоста на Бога“ - напишал Вилијам Блејк.
Некогаш уживавме, гледајќи ја
Несебичната убавина во своето изобилие.
А што ни оставија? Само сметководство
На капиталистичко претпријатие.

 

МАГИОНИЧАР

Магионичару, постави ги своите инструменти.

Високо ехо се враќа од планините, се слуша шумолењето
на пролетните потоци.

Пред детските очи, како твоите некогаш, се открива
првпат убавината на земјата.

Магионичару, градиш ѕвезда, која ќе талка
по небото на штотуку родените.

Додека се провлекуваш без каење, размислувајќи за тоа
како било тешко да се проживее животот.

И да се научи дека не го добиваме она што сме го сакале,
а дека двете најголеми доблести се откажувањето и упорноста.

И дека свеста не дава утеха, зашто свеста е дворски шут кој
се превртува преку глава на сцената и е желен за аплауз.

Стекна знаење кое не го бараше, за себе и за другите,
се преполни себеси со милост и восхит.

За оние кои треба да го продолжат делото, да почнуваат таму,
каде ти завршуваше, маестро на совладаниот очај.

Кој фалиш, обновуваш, исцелуваш, благодарен за тоа
што за тебе имало, и за друите ќе има изгрејсонца.

Превод: Иван Шопов
Слики: PRRINT

ОкоБоли главаВицФото