Мртов како клинец во капија!

10.10.2016 13:27
Мртов како клинец во капија!

Минатата недела, на 85-годишна возраст, почина Трин Ти Нго – позната како „Ханој Хана“ – една од најоригиналните појави во светот на пропагандата во минатиот век. Тоа е жената која, за време на војната во Виетнам, секој ден, на посебни радиски фреквенции, на течен англиски јазик (научен заради вљубеноста во холивудскиот мега-хит „Одвеани од ветерот“) и со глас „нежен како свила“ („Гардијан“), им се обраќала на американските војници на фронтот со апели да ја напуштат американската окупациска војска во Виетнам, да го фрлат оружјето и, ако веќе не сакаат да се придружат на северновиетнамската ослободителна армија, да се вратат дома, во САД, каде што нивните девојки, како што ги убедувала „Ханој Хана“, ги изневеруваат со други, додека тие гинеле низ индокинеските полиња со ориз.

Воените архиви на Пентагон од тоа време велат дека не е забележан случај некој војник на САД да дезертирал поради пропагандните апели на „Ханој Хана“, но со текот на годините овие радио емитувања станале толку популарни меѓу американските војници, што тие, со пиво и цигари в раце, во слободното време се собирале во групи околу радијата за да ја слушаат и весело да се подбиваат со нејзиниот глас и нејзините пропагандни објави.


ПРОСТО КО ПАСУЉ

Овој лик неверојатно ме потсетува на современата, жива македонска пропагандна легенда, на нашиот Илија Димовски! Навечер, групи Македонци, млади и стари, се собираат околу телевизиските и телефонските екрани и, во одлична атмосфера, со пиво и цигари в раце, со шеги и смеење, ги слушаат пропагандните објави, на течен македонски јазик (научен заради нуждата од македонскиот мега-хит „Завеани од Катица“), со глас „рапав како чоја“, на нашиот „Велеш Илче“, дека македонската јавност треба да ја напушти поддршката за СЈО и да прејде во одбрана на светото криминално дело на Фамилијата!

Трогателен е напорот на Димовски. Евоцира спомени на народната холандска приказна од 19-тиот век за детето кое со прст ја затнало дупката на браната што почнала да протекува, за да ја спречи поплавата на земјата (Холандија) којашто е пониска од нивото на морето. Нашиот Велеш Илче веќе ги има пикнато сите прсти од рацете во разни дупки на „браната“ на Фамилијата, за да го спречи поплавувањето на земјата (Македонија) чијшто режим нема море што може да го испере. Секој ден, сѐ поочаен, Илче прави и гимнастички шпаги за да затне со ножните прсти уште една и уште една и уште една дупка во „браната“ – ама насипов протекува на сите страни како старо корито, како швајцарско сирење, како ’рѓосано решето! Дупките стануваат пукнатини, пукнатините – големи расцепи.

Во недостаток на Протуѓер, Димовски сега треба да биде не само прост извршител на пропагандните насоки, туку и мислител, креатор на пропагандната стратегија. Тоа, објективно, е многу над неговите образовни и интелектуални потенцијали. Некои формални недостатоци, едноставно, не можат да се надополнат ни со многу работа и труд, а ни со најслепа лојалност кон криминалната агенда. Добро, знаеме, има таму околу Димовски и странци кои се платени да помагаат, ама нема странски експерти кои можат да го разберат, а ниту пропагандно да го амортизираат феноменот на една Силвана Бонева, на пример, тој зовриен „експрес лонец“ на македонската политичка транспортна корупција.

Погледајте ја последната пропагандна операција околу Груевски: отишол во САД, да се слика по канцеларии и ходници, за овде да се мисли дека е тој еден светски лидер, радо виден „државник“, примен насекаде низ светот, а особено во центарот на глобалната моќ, Вашингтон! На сите им е јасно дека тие средби, со соговорници чија важност се протега од релативно, до апсолутно безначајни за Македонија, се купени со (наши) пари. На сите им е јасно дека, во рамките на платениот пакет, изјавите се однапред подготвени и немаат никаква, па дури ни безначајна важност за американската политика кон Македонија. Но, Груевски тоа, сепак, го прави, ДПМНЕ безмилосно ни ги троши и тие милиони, овдешните ЕПП медиуми таа посета, сеедно, ја претставуваат како меѓународен дострел на човекот кој, реално, не знае дали, додека е уште во авионот над Атлантикот, нема да се најде и на меѓународни потерници. Тој шета по ходниците на американскиот Конгрес во потрага по Американци кои би биле подготвени за пазарење, а „Гласот на Америка“, преку (бесплатна!) изјава на претседателот на Асоцијацијата на обвинители на Вашингтон, Дејвид Лабан, јасно му порачува: „Да потрошите 50 милиони долари јавни пари за да отидете во Израел и да купите опрема, да прислушувате 20 илјади луѓе, и на крај сите информации да излезат токму од сопственото прислушување, е вистинска иронија. Во суштина, тие се фатија себеси.“ Просто ко пасуљ.


ДЕКОРАТИВЕН КЛИНЕЦ

А зошто Груевски не отиде до Москва, таму да си плати средби со руските пратеници во Думата, тие да бидат „импресионирани“ од успесите на неговото владеење? Сигурен сум дека тие средби ќе бидат и поевтини и посрдечни. Зошто овде ни го спроведува рускиот модел за демократија, а поддршката за себе ја бара во Берлин и Вашингтон? Зошто сите негови главни пропагандисти (баш сите: од Мирка, Латас и десетина други, до Никовски и Миленко!) се паднати во занес по Путин, а тој моли за фотографија со Хилари? Зошто, барем, нема храброст да побара средба со Трамп, со кого споделуваат многу клучни политички вредности?! Зошто Груевски нема храброст искрено да ги изложи своите политички аспирации, да се стави во одбрана на своите вистински инспирации, барем на залезот од својата политичка кариера?

Таа постојана, одвратна дволичност и кукавичлак на Груевски – од една страна, Пуки ќе прави десант на Американската амбасада во Скопје, а следната недела неговиот шеф, Груевски, ќе се лигави за пазар низ вашингтонските кулоари – се она што го прави Шефот на Фамилијата особено политички мувлосан, неупотреблив, трајно „мртов како клинец во капија“, што би рекол Шекспир во „Кралот Хенри Шести“.

Сега трговијата е следна: сакате избори – или сакате продолжен мандат на СЈО со заштита на сведоците и со формирање специјално судско одделение за процесуирање на обвиненијата од прислушуваните разговори? ДПМНЕ вели: „И двете, не може!“... Односно, тие мислат дека не може ни двете, ама денеска ја немаат таа некогашна моќ на севластие за да решаваат самите за сѐ. Признавам, иако ги знам повеќето аргументи за и против, мене сепак не ми е до крај јасно кој добива и кој губи со одлагање на изборите од декември годинава до март идната година. Но, совршено ми е јасно кој добива од продолжување на една матна, повремено хаотична и, генерално, политички и институционално импотентна ситуација во која, пред сѐ, СЈО не смее да покаже ефикасност во работата. И на тоа се сведува целокупната анализа на македонската сегашна политика. Бидејќи, да може(ше) СЈО нормално да работи, нам избори не ни требаат, промените сами ќе се случеа, како нормален резултат на функционирањето на една правна, демократска држава.

Во недостаток на таква држава, Велеш Илче секоја вечер нѐ забавува со нова гимнастичка вежба со шпаги на партерот. Од целокупната политика, им останаа само уште пропагандните трикчиња за затнување дупки и дупчиња во напрегнатата „брана“ на јавноста којашто само што не ги поплавила. Во декември или во март, сеедно.

Слики: Свирачиња
Извор:Слободен печат