Отворена недела

07.06.2010 10:27
open-week-web.jpg

Расшколувано знаење (o^o)

(партнерски проект на Контрапункт, Скопје и на ТкХ, Белград)
ве поканува да ги посетите настаните во рамки на
Отворената недела

која ќе се одржи од

08. 06. 2010 – 11. 06. 2010

Сите настани ќе се одвиваат во ГЕМ клубот (Стара чаршија), освен каде што не е наведено поинаку)

 

08. 06. 2010

20.00 – 20.15

Вовед – Што е Расшколувано знаење?

Ана Вујановиќ (ТкХ платформа, Белград) и Искра Гешоска (Контрапункт, Скопје)

20:15 – 21.30

Теодор Целакоски (Хрватска)

Уметност и активизам – формати и значења на политичкото дејствување и влијание на независната културна сцена

(презентација и дискусија)

Која е улогата на културата и уметничкото-перформативно дејствување во поширокиот политички и општествен контекст? Кои се форматите но и идеолошките премиси на активизмот на независната културна сцена? Како независната културна сцена преку своите акции се застапува за општествена и политичка релевантност. Теодор Целакоски ќе се обиде низ примери и теориски заклучоци базирани на исклучителното активистичко искуство кое го има преку иницијативата Право на град од Загреб, да даде одговор и да поттикне дискусија на овие прашања.

Теодор Целакоски е проектен координатор на Мултимедијалниот институт (МаМа), од Загреб. Во изминатите десет години тој е клучниот стратег и иницијатор на најважните промени во однос на дејствувањето и здобивањето со политичка важност на независната културна сцена во Хрватска и во регионот. Иницирал бројни проекти и платформи насочени кон заговарање за промени во хрватската културна политика (Clubture, Загреб – Културен капитал на Европа 3000, Сојуз за центар за независна култура и млади...) Во последно време е активен во кампањата Право на град која се бори против девастацијата на јавните простори во Загреб и во Хрватска.


21.30 – 22.30

Завршна презентација на првата генерација на проектот Расшколувано знаење, група Читање на Капитал од Карл Маркс)

Јавна дискусија на која ќе се разгледаат предизвиците со кои оваа читачка група се сретна во текот на својата повеќемесечна работа. Повикувајќи се на Алтисер кој вели дека не постои „невино читање на Капитал“ оваа група ќе ги презентира своите критички гледишта и дилеми во однос на дискурсот, во однос на тоа во каква релација форматот/методот читање се поставува спрема политичките, филозофските позиции на поединецот но и на оние кои ги делиме како „колективна вина“)

09. 06. 2010

10:30 – 13:30 (Културен Центар ЦК)

Everybodys, Франција
(работилница)

За време на двете сесии Everybodys ќе ја претстават својата работа и принципите на нејзиниот развој. Потоа практично ќе се изведат некои од нивните игри а ќе се направи и вовед во употребата на нивната веб страница.

Everybodys е уметничка платформа за изведбени уметности. Нивната цел е да развиваат дискурси и можности за размена помеѓу изведбените уметности. Станува збор за меѓународен проект кој секој може да го ползува и во кој секој може да учествува преку www.everybodystoolbox.net. Веб страницата се состои главно од збирка на игри и алатки, создадени од уметници со цел да се покрене разговор за нивните стратегии, методи и идеи. Everybodys се фокусираат на прашањето како поединечната позиција на уметникот може да придонесе за развој на погенерален дискурс во рамки на изведбените уметности денес. Everybodys исто така работат на дистрибуција на содржина создадена преку игри во рамки на серија публикации.

10.30 – 13.30 (Клуб ГЕМ, Стара чаршија)

Емина Вишниќ (Хрватска)

(работилница)

Културни политики и независна културна сцена

На работилницата ќе се разработува контекстуално важноста на независната културна сцена на стратешко ниво. Ќе се разгледуваат моделите за лобирање, застапување и активно учествување како интегрален дел во изградбата на урбаната култура и на културната политика. Работилницата ќе се обиде иницијално да постави некои назнаки за тоа како независната културна сцена да постигне структурирано и артикулирано инкорпорирање во одлуките на централната и локалната власт.

Емина Вишниќ е културен менаџер од Загреб. Таа е еден од иницијаторите и креаторите на најзначајните движења во рамките на независната културна сцена и културните политики во Хрватска, но и регионално како и интернационално. Вклучена е во различни активности и сфери на интерес како што се вмрежување, културна политика и застапување во и за непрофитниот сектор. Во моментов работи како директор на Центарот за независна култура и млади, Загреб. Членка е на управниот одбор на мрежата Clubture и на извршниот одбор на Culture Action Europe.

 

19.30 – 20.30

Матео Пасквинели (Италија/Германија)

Уметноста во времето на комунизмот на капиталот
(предавање)

Повеќето уметници се концентрирани на создавање нова, политички ангажирана уметност, очајнички инсистирајќи на застарените формати на 19 век. Наместо форсирањето уметничките практики да се поврзат со „активизмот“, можеби би било поинтересно и порадикално да се концептуализира уметничкиот свет самиот по себе како општествен симптом. Денес, општествените координати на уметноста мораат да бидат одново промислувани.

На почетокот на 21 век, која било авангардна утопија базирана на „креативноста на масите“ е сосема надмината. Естетскиот импулс денес им припаѓа многу повеќе на темната страна на медиумизацијата. Општествената креативност е масовно секуларизирана од креативните индустрии и од институционалните културни политики. Има ли некаква можност да се побегне од концептот на Overcode кој ја неутрализира уметноста во еден биополитички апаратус?
На геополитичкото скалило големите наративи на 20 век веќе се во измаглина. Дваесет години по падот на Источниот блок, Западните земји ги национализираа своите банки за да го одбегнат амбисот на финансиската криза. Како што вели Пол Вирно во Граматика на мноштвото, пост-фордизмот инкарнираше своевиден „комунизам на капиталот“ и ја помири разликата помеѓу двата историски антагонистички оверкодови (overcodes). После клаустрофобичните парентези на Англо-американскиот активизам и на неговите политички-коректни формати, како да ги замислиме одново уметноста и политиката наспрема овој авангарден „комунизам на капиталот“?

Матео Пасквинели е писател, куратор и истражувач на Queen Mary University, Лондон. Автор е на книгата Animal Spirits: A Bestiary of the Commons (2008) и уредник на збирката Media Activism (2002). Неговите написи се ориентирани кон областа на Француската филозофија, медиумската култура и италијанскиот пост-оперативизам. Во моментов работи на книга во која се третира историјата на поимот surplus преку билогијата, психоанализата, економијата на знаењето.
член е на Edufactory колективот и на жирито на фестивалот Transmediale во Берлин. Од 2000 година е уредник на mailing листата Rekombinant. Во рамки на универзитетот во Лондон, Пасквинели е ко-организатор на серија семинари на тема Уметност на изнајмувањето (The Art of Rent) и на истражувачката мрежа Фабрика на заедничкото (The Factory of the Common). Заедно со Wietske Maas тој го разви проектот Urbanibalism.


21.00 – 22.00

Завршна презентација на првата генерација на проектот Расшколувано знаење, група: Од онаа страна на идентитетите; презентација проектот во изработка „Субалтерни интервенции“ – звучна инсталација)

10.06. 2010

10.30 – 13.30

Everybodyes (Клуб ГЕМ, Стара чаршија)

10.30 – 13.30
Емина Вишниќ (работилница)

Културни политики и независна културна сцена

18:00 – 20.00

Завршна презентација на првата генерација на проектот Расшколувано знаење, група Термини - Интерактивна презентација/перформанс на издание во создавање Отворена печатница)

20.00 – 21.15

Томислав Медак (Хрватска)

Уметност и/како политика
(презентација и дискусија)

Од различни теориски ракурси ќе се согледаат линиите на раздвојување и на преклопување на уметноста и на политиката во полето на тактичко дејствување. Воедно ќе се преиспитува како и кога уметноста дејствува политички а како и кога политичкото дејствување можеме да го согледаме во поимите на уметничката практика. Појдовното разликување ќе биде од прескриптивно, апелативно дејствување и од изведбено, ефективно дејствување. Примарниот предмет на разгледување ќе бидат примери на тактичко дејствување во медиумскиот простор – примери на активизам на граѓански иницијативи, симболички акции, culture jamming, апропријација и останати практики во семантичкиот простор. Станува збор за простор чијашто тектоника во последните десет години на омасовен јавен говор и на губење на семантичката делотворност радикално се менува и со себе повлекува тектонски промени во политиката онаква каква што ја познававме.

Томислав Медак е член на Мултимедијалниот институт МаМа, каде што ги организира теориските и издавачките активности. Во средиштето на неговиот интерес се констелациите на современата социјална теорија, медиумската теорија и естетика. Застапник е на спроведувањето на идејата за слободната култура и за слободниот софтвер. Активист е на иницијативата Право на град. Кога не работи нешто друго, преокупиран е со работата на својот театарски колектив Badco.


21.30 – 22.30

Петар Милат

Презентација/промоција на две книги

„Учителот незнајко“, од Жак Рансиер
„Мноштво“ од Мајкал Хард и Антонио Негри

Петар Милат е филозоф, уредник и раководител на независниот културен клуб МаМа, од Загреб. Воедно ја координира издавачката и музичката програма на Мултимедијалниот институт. Заедно со Томислав Медак ја уредуваат и општествено-теориската библиотека. Главен фокус на неговите скорешни истражувања е нексусот на биополитиката и нормативноста применет на историјата на социјалистичка Југославија и на југословенската кинематографија. (www.zoeforward.org)

 

 

Расшколувано знаење е партнерски проект на ТкХ (Теорија која хода) платформа за теорија и практика, од Белград (http://tkh-generator.net) и НВО Контрапункт (Културен центар Точка) од Скопје (http://kontrapunkt-mk.org), кој се реализира со финансиска поддршка од Швајцарската програма за култура за Западен Балкан (http://scp-ba.net).

Каде е поточно Клуб ГЕМ,

Каде е поточно Клуб ГЕМ, Стара чаршија?

Во моментов има мапа каде се

Во моментов има мапа каде се наоѓа ГЕМ клубот на врвот на оваа страна http://gem.org.mk/

ОкоБоли главаВицФото