Мораме да го смениме идентитетот!

08.11.2016 17:51
Мораме да го смениме идентитетот!

Каква е таа држава во која претседателот на кривичниот суд е криминалец!?

Тоа што во некои сервиси за миење на автомобилите го прават убавиците со голи цицки и многу пена, тоа го прави Тој за Злосторничкото здружување на власта: им ги гланца автомобилите на моќта, само што кај него цицките му се во главата, а како пена користи адаптирани закони и широки овластувања да кажува кој криминал е криминален.

Тефтерите сваровски, тие евангелија по Сашо и по Горде, му овозможуваат улогата на Будала да ја игра маестрално. Оти, само на тешка будала може да ѝ се случи моќта со која ја сервисирал пљачката на шест милијарди евра на вмровската фамилија, за себе да ја употреби така што ќе изгради на диво два ката и едно мочано поткровје во центарот на Скопјанг. Значи, не така што ќе го купи целиот кварт, да речеме сите згради, улици и семафори и така натаму и така наваму, од Тифани до Говното на коњ, легално, транспарентно, што би рекла Елизабета Друга Чија, туку како селски кокошкар, ноќе да ѕида два ката и поткровје надевајќи се дека луѓето што тој со своето поведение ги натерал да си гледаат во курот или во тоа што го имаат меѓу нозете, нема да го кренат погледот и да видат што тој им има направено на небото.

Стока!

Па уште организирал прогон, ма каков прогон, чист терор врз инспекциските служби и службеници што се дрзнале да го кренат погледот и да видат дека на небото виси говното на претседателот.

Значи, што би рекла една друга будала што деновиве се шета по телевизиите и нуди решенија за срањата што самиот ги испосрал, Тој е Диме, кој ги вози соите Туарези по крововите во нашите маала.

Ова се многу сериозни знаци дека режимот е во напредната фаза на распаѓање и дека ќе си ја ебе мајката самиот на себе пред да стигне да ја умре Македонија.

Хахаха.


Урко, Диме, Силванева, Зоки, Миле, Гоца, Сашо, Никола, убава галерија ликова скотова, која говори дека и режимот на вемерето ќе ја следи сјорановската закономерност која вели дека империите умираат кога пешаците што ги создале ќе станат коњаници.

Ова звучи премногу убаво за говњарите во нашите редови, но тоа е тоа. Да одеше Силванева пешки од Струмица до Скопје или на некое машко магаре, добро, еве нека е и со автобус, немаше да може да ѝ го начука на својата партија со милиони денари за патни трошоци. Или оваа будала од дополнителен министер, тој би се лигавел со тамарчето на задното седиште на некое евтино такси, а не вака да прави ’ршум, богати.

Можеби веќе утре ќе го видиме на некои портали поткровјето на Гошева или дивиот подрум на испиената, обезводенета, сува, лепотица од таканаречениот Врховен суд!

Во што ќе се учукаат тие со своите туарези!?

Треба да знаеш да се носиш со вишокот пари. И моќ. Треба да имаш стил. Сељаците ќе ја загубат власта поради недостиг на манири. Сè што знаат да прават со парите што ги опљачкаа е да купат некој плац, да го појаваат Водно, да изградат некој крст или да лапнат некоја печена кокошка на фирмена картичка. Тоа се вика декаденција на сељачански начин. Прост разврат, многу прост разврат. Да купуваш станови за синовите од украдени патарини што си ги набилдал како стопати да си ја обиколил земјата во три дена. Стока. Да возиш туѓи туарези. Да бегаш. Да лажеш. Да тераш други да лажат за тебе. Где то има бре, о, Елизабето, Канческа, Милеска, Некултурановска.


Во науката е познато (Нојман) дека, кога ќе ја освои власта, регресивното масовно движење мора да го институционализира стравот за да може да го одржува идентификувањето со водачот. Тоа се прави преку три методи: терор, пропаганда и заеднички направено злосторство.

Власта на ВМРО-ДПМНЕ/ ДУИ е класичен случај.

Злосторството што во Македонија е направено врз државата, општеството и луѓето, ги оневинува злосторниците во сите други злодела, од убиствата, пљачките и грабежи, до најобичните сообраќајни прекршоци, за оваа необичната на Диме, да не правиме муабет.

Не верувам дека тој завет може да се растури на демократски избори.

Ова е, драги мои, потонување на општеството во варваризам (Срѓа Поповиќ).

Тоа е состојба што настанува кога општеството ќе успее да ја убие смислата за себе и во себе и да ја минира карабината од право и правда, морал и институционален ред, од сеќавањата за себе, инсталацијата во која смислата добивала своја форма.

Ние сме веома врло разидентизирана гомила гована.


Да згази некој лудак од власта сто луѓе зашто сакал да ги згази или затоа што во халуцинациите му се виделе како шумски јаготки врз кои тој може да шуми со својот туарешки комбајн и да им ги кине главите како плодови, ништо друго, освен скандализираноста на Фејсбук и на Твитер нема да се случи зашто ќе се најде некој поп, лидер или новинарски гном, да излезе и да каже дека мртвите не се мртви туку се стебла од обрани јаготки.

Од таа кома луѓето не можеш да ги разбудиш со планови за едно, друго или трето, туку само со план за будење, со морални, културни, политички и други електрошокови, не со предизборни кашички на база на моркови и валеријани!


Еве за што станува збор:

Македонија влезе во транзицијата од еднопартискиот авторитарен режим во тоа што требаше да биде, а не испадна така, либерална демократија, со надеж дека културните формати можат да се задржат и во новите историски околности, односно да се оди без промена на идентитетот. Се покажа дека тие матрици се неотпорни во услови на демократија, а дека се особено кршливи во услови на квазидемократија. Граѓанскоста, средната класа, интелектуалната сфера, културата, образованието, академијата, црквата, сè отиде по ѓаволите зашто се појавија на слободниот пазар со сета своја шупливост.

Во тој културен модел од времето на еднопартизмот имаше еден куп лаги. Најголемата лага ја искористи историската прилика и се јави како вистина за себе и за нас и нè нокаутира како држава, нација и луѓе. Станува збор за вмро, се разбира. Не за дпмне, оти и денеска се слуша дека ова е некаква деформација на историското вмро; не, ова е чиста реализација на историското вмро. Тоа вмро го смени нашиот културен формат и идентитетот така што нè посељачи, нè примитивизира и нè кретенизира.

Тоа значи дека ослободувањето на кое сè уште можеме да се надеваме мора да ги опфати идентитетските прашања. Нашето ослободување е културно, а не политичко прашање односно не е само политичко.

Сè е компромитирано. Немаме за што да се фатиме. Мораме да градиме нов идентитет, веројатно не наративен каков што беше овој со кој катастрофиравме во историјата како Диме Спасов со Туарегот.

Идентитет темелен на правото, не на хероите што стануваат од гробовите. Широка коалиција може да заговара само некоја тешка будала или некој што на работите гледа интересовно, без поглед врз општите работи.

Широката коалиција меѓу велепредавството и најтешкиот можен криминал и оние што се нудат како спасители ќе биде дефинитивен крај на сè.


Монтажи: Били Даркарт (врз слики на Френсис Бејкон)
Извор: Слободен печат