Еј, Македонијо, изгледа дека уште еднаш ќе се спасиш

26.10.2016 15:25
Еј, Македонијо, изгледа дека уште еднаш ќе се спасиш

Чавков ми е како испиено јајце, празен и шуплив, не можам да се сетам за што би можел да служи, можеби да се фрли во темна соба со сто свингери кои ќе се обложат кој прв ќе го смачка на својот задник!

Елизабета Милевска-Канческа ми личи на старите играчки на навивање, волшебни направи од времето на моето детство, ќе ги навиевме, а тие се движеа лево десно, па во круг, се удираа во ногарките на железните кревети, па ќе чекаа да ги превртиме и така, таа ми е таква навиена кукличка, да не речам кучкичка, која секој момент се судира самата со себе во форма на безвезните објекти за кои спичка милијарда евра.

А Андонов, што човек да каже за тоа чудовиште: Севишниот имал тешка забоболка и висока активност на хемороидите или се занесувал со идејата дека можеби би можел да направи створ што ќе биде користен како овен, направа за правење дупки во ѕидови до три метри дебелина, на тврдини каква што е УБК.

А, бе, Чавков, ти можеш да ја блокираш Јанева, која со валиден судски налог бара во УБК одредени материјали, но твојата позиција, всушност, е позиција на глупак затоа што колку повеќе ја блокираш ти повеќе се разобличуваш себеси како злосторник на кој чавка му го испила мозокот, во таа трагикомична поза ти го стриптизираш целиот механизам на власта како злосторничко здружување, го потврдуваш Извештајот на Прибе за спојот односно приватизацијата и окупацијата на државата од страна на фамилијарното шефовство на твојата партија. И, конечно, го разобличуваш самото тоа шефовство како јадро на злосторничкиот потфат и на злосторничкото здружување.

Сите заедно сте наебале.

Твојот гард пред УБК ги урна и најмалите шанси, не за спас, оти спас ви нема, туку за продолжување на играта која тебе, да речеме, ќе ти овозможеше да завршиш во притвор по три или четири месеци, а сега можеш и треба да завршиш уште утре вечер.

Ме потсетуваш на еден цртан филм, во кој Том затвора една дупка од која морето продира во неговиот брод, но во тој момент се отвора нова дупка, тој ја затвора и таа дупка со предната шепа, но се отвора трета што ја затвора со задната нога, а четвртата, од која во меѓувреме почнало да тече, ја затвора со втората задна нога, но во тој момент доаѓа Џери и му ја затвора задната дупка. Сакам да кажам, ти си Чавков, човече, ти не си мачор, престани да изигруваш некаков Том, знаеш ли колку глувци има што сакаат да ти го начукаат?

Специјалното јавно обвинителство го растура холограмот на злосторничката моќ. Можеби и злосторничката моќ како холограм. И фасцинацијата на општеството со лажните слики за себе. Од кои допрва ќе се срамиме. Злосторничкото здружување не го тревожат толку инкриминациите колку што го тревожи исчезнувањето на системот во кој тие би можеле да бидат процесуирани. На местото на нивните холограми, се јавува стварноста, како и обично, сурова и безмилосна дури и беспристрасна, стварноста која на министерката, која очигледно се подготвувала или ја подготвувале за одбрана од криминалите што ги правела сама или под диктат, ѝ доаѓа и ѝ вика: Елизабето, можеш да се посереш на своите папири и на сто и осумдесет степени во некоја печка „бош“ или „сименс“, да речеме, да испечеш убави мафини за себе и за Груевски, можеш еден да му пратиш и на Латас, можеби ќе сака човекот да те израдува со некоја куртонска одбрана на твојата невиност.

Тоа чувство дека стварноста почнува да ги урива нивните самопретстави е вистинскиот извор на паниката во паркот на чипираните идиоти повеќе отколку самото соопштение дека Специјалното обвинителство отворило истрага против оваа смрдла или против прилепското говно што на бившиот премиер му ги договараше провизиите и плацевите, уриваше објекти од по шеесет милиони евра и ги освојуваше тротоарите на граѓаните за да му го развлажни шупакот на својот лидер. Да, и давеше Бугари во Охрид.

Тие си беа изградиле систем од, во суштина, специјални закони, кои самите за себе или во неверојатните испреплетености и контрадикторности меѓу себе, им сугерираа дека се и дека ќе бидат недопирливи, тие изградија свои институции, инсталираа свои судии, направија своја милиција, односно, цел систем во кој можеа да се чувствуваа комотно за реализацијата на која и да е криминална идеја што ќе им се родеше во закржлавените мозоци. И се чувствуваа!

Сакам да кажам дека ние се движиме кон тоа да не ги признаваме папирите на злосторничкото здружување и, уште повеќе, нивниот нормативен систем во кој се произведени. Најмногу, пак, се движиме или јас сакам да се движиме, кон точката во која ќе утврдиме дека комплетниот нормативен систем што го изградија во функција на криминалот е криминален и освен како доказ за криминалот нема да го сметаме за релевантен во никаква друга смисла.

Криминалноста на еден објект нема да се оценува според тоа дали е или бил во рамките на дупот или гупот, затоа што дупот и гупот ќе бидат прогласени за криминални акти донесени во криминални услови, со најтешки можни злоупотреби. Транспарентноста во постапките при јавните набавки или при изборот на поединци на одредени функции, нема да се третираат според тоа дека имало огласи на кој се јавиле повеќе фирми или поединци и на кои секогаш победувала нашата страна, туку ќе се инкриминира самиот систем во кој било можно еден баџанак да заврши како судија во Стразбур, а еден тајкун да изгради цел еден град, сосе зградурината на партијата која му овозможи да го изгради тој град и да му ги опљачка парите на народот.

Скопје 2014 е криминален проект, кој на општо ниво нема потреба да се докажува, а ако ги има сите папири, тогаш е уште покриминален зашто тие папири покажуваат дека кај главните актери имало свест за криминалноста која се обиделе да ја покријат со перфектноста на документацијата. Документацијата дури и кога самата по себе е океј, е криминална, сакам да кажам дека Елизабета, всушност, мавташе со обвинителни акти против себе.

Со оглед на епските димензии на злоделото кое ѝ е направено на Македонија и на луѓето во Македонија, мислам дека почетна точка на правниот одговор мора да биде прогласување на комплетното правно наследство на режимот за неправно и антиправно зашто законите и подзаконските акти биле носени во функција на злосторничкиот потфат на злосторничкото здружување на власта и прогласување на партијата на вмро како злосторничка организација, како антиуставен субјект на злото.

Не знам дали дотаму ќе оди Специјалното обвинителство, но ако е амбицијата да се демонтира овој монструм, а не само да се процесуираат одделни криминални дејанија, тоа мора да оди во тој правец.

Во таа насока говорат и некои рефлексии од последните активности на екипата на Катица Јанева. Влегувањето во УБК не само што не е чин што може да ја загрози безбедноста на државата како што тропаше она чудовиште од прв дополнителен помошник, туку е во директна одбрана на безбедноста; прво, по линија на првите знаци на рехабилитираниот легализам; второ, по линија на расчистување на конкретното дело во врска со кое се бараат доказни материјали; трето, по тоа што се докажува дека самата УБК и целото Министерство за внатрешни работи десет години се обликувани како материјална сила на Злото.

Утре да тресне некој астероид врз УБК или Андонов да го активира прслукот и да уништи сè, безбедноста на државата ќе се зголеми на ента степен. Институциите, вклучувајќи ја тука и самата влада, се центри на злото и на криминалот. Тоа е многу добро опишано во Извештајот на Прибе. Тоа е очигледно, тие, просто, не постојат надвор од криминалот што го правеле и го прават.

Ме забавува и ме радува тоа распаѓање на системот на фамилијарното уништување на Македонија. Специјалното обвинителство ја носи со себе не само идејата за правдата и нејзината рехабилитација, туку и нешто повеќе, некоја таинствена моќ која е над нормативностите и која ги плаши злотворите повеќе отколку самата правна порака. А мене ми е така симпатична, забавна и шармантна.

Последните настани драматично ќе ги забрзаат процесите во Македонија, тие ја прават диференцијацијата во конфликтот драстична, тие даваат и нова перспектива во која може и треба да се гледа на изборниот процес, тие се дефинитивна и неотповиклива смртна пресуда за режимот, тие се киселина што го разјадува монструмот на груевизмот до најситните атоми.

Еј, Македонијо, мајку ти ебам, изгледа дека пак ќе се спасиш!

Слики: Били Даркарт (врз фотки од филмот Untouchables, 1987)
Извор: Слободен печат