Жедни сме за дебата!

06.12.2016 04:33
Жедни сме за дебата!

Дебата ваму, дебата таму, сегде кај што има граѓани – политичка дебата. Политика во училиште, на работа, па дури и во градинка. Но, таму каде што навистина треба, по медиумите, никаде нема една вистинска дебата, дебата каква што наликува за едно демократско општество. Во еден специфичен период како што се последните месеци, народот во Македонија е крајно изморен од понудите, од пропагандата и сака да види еден вистински двобој. Двобој на идеи и понуди меѓу разните политички опции.

Влегуваме во последната недела на кампањата, сити сме од политиката, но изгледа на граѓаните сè уште не им е сервирана вистинска дебата, која веќе со години наназад ја нема по медиумите.

Иако верував дека овие избори ќе го сменат пристапот на партиите кон медиумите, дека тие ќе ги искористат максимално за да се промовираат, дури и ако не се медиуми што ги фалат, пак се случи спротивното. Дел од парламентарните партии продолжуваат да одбиваат учества на телевизии што не им одат по ќејфот и не прифаќаат да се соочат со нивните најголеми противници.

Долги години не сме виделе дебата на лидери.

Али Ахмети и Мендух Тачи, како политички опоненти цело време ја избегнуваат меѓусебната дебата по медиуми. Но, сега, кога се променија околностите, по сè изгледа дека го подготвуваат теренот за медиумско соочување во последната недела од предизборната кампања. Од друга страна, пак, Ахмети и Тачи не дебатираат на телевизиските екрани со другите лидери на политичките партии како што се Билал Касами, Зијадин Села, Г’зим Острени, Фадил Зендели, Весел Мемеди… Ова наликува на еден обид да се минимизираат и факторизираат тие што може да им ги расипат есапите кај народот.

Честопати размислувам за тоа која е причината за ова несоочување. Дали е големото его или недостигот на идеи? Или пак е стравот од неуспех како последица на недостигот на аргументи? А може да биде и друга опција – Ахмети и Тачи ги бранат интересите еден на друг. Ахмети не ја чепка вечноста на Тачи во опозицијата, а Тачи не се ни обидува да му ја расипе на Ахмети удобноста на фотелјата во власта.

И кај македонскиот политички камп ситуацијата е иста. Сега веќе години наназад, ВМРО-ДПМНЕ воопшто не учествува на ниедна дебата во телевизиите што не ги контролира, и посебно не оди по албанските телевизии. Можеби за да го зачуваат епитетот „патриоти“. Не прифаќаат покани за дебата ни пратениците, ни директорите на институциите, а да не зборуваме за лидерот. Буквално, никој не се појавува на медиуми, со неколку исклучоци што се бројат на прсти, како што беше тој последниот што го направи министерот за надворешни работи Никола Попоски со појавувањето на телевизија Алсат-М.

Мислам дека маркетиншкиот трик е да не се појавуваат воопшто, за да избегнат некој непријатен момент кој би ги чинел многу. При неформални разговори со луѓето од оваа партија може да се сфати дека нив не ги „интересира мислењето на албанското население“, дека тие го задржуваат рејтингот кај нивните гласачи и дека се занимаваат екслузивно со нив, преку каналите што ги контролираат.

Зошто политичарите во Македонија да уживаат во удобноста на власта и да не приложуваат сметка за тоа?

Во која демократија на светот постои таква ситуација на медиумски пропаганден мрак, каде приложувањето сметка и комуницирањето преку медиумите се прави по желба?

Моите проценки се колку субјективни, бидејќи се соочувам со недостаток на готовност на партиите за да дебатираат во емисијата што јас ја водам, толку и објективни, бидејќи сите сме сведоци на „сувоста“ на дебатите во медиуми. Дали некогаш ќе дојде денот кога политичките партии ќе чекаат на ред за да се претстават на екранот на кој било медиум? Дали некогаш ќе се случи партиите да ги молат новинарите, а не новинарите да ги молат партиите?

За тоа како се одвива дебатата во телевизиите на албански јазик во Македонија елабориравме во нашата анализа „Како се одвива политичката дебата во ТВ Екраните на албански јазик?“, каде и статистички може да се види недостигот на содржинска дебата.

Секако дека ќе дојдат подобри времиња за новинарството, но сега засега, новинарството е прегазено и со сета сила се обидува да се крене на нозе. Отсуството на дебатата и улогата и одговорноста на политичарите во ова обезвреднување на медиумите, е многу голема.

Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слики: Коноли Џејмс

ОкоБоли главаВицФото