„Мртви, а летаат!“

18.12.2016 20:47
„Мртви, а летаат!“

На Окно често сме укажувале дека поведението на лажниот македонски месија, Никола Груевски, е крајно проблематично, не само во политичка или морална смисла. Можно е под дејство на „бомбите“ и под исклучително нездравата тензија под која сите живееме (вклучително и тој, нашиот господар) целата таа кревка психичка структура дополнително да е растурена, „ко бугарска скупштина“. Најновите јавни испади на Груевски - неговите најави дека нема да ги признае изборните резултати ниту институциите кои самиот максимално ги „груевизира“ изминативе години создавајќи си приватна држава - се само уште еден од десетиците прилози низ годиниве дека патологијата на општествената атмосфера во која сакале-нејќеле сме принудени да живееме, можеби потекнува од една скромна, кутра и тешко решлива лична патологија - како, впрочем, многу пати низ историјата. Од тие причини потсетуваме на еден инструктивен текст од 2011 година.

Деспотот-дерле

Деспотот најчесто е татко на нацијата. Повеќето тирани, автократи, диктатори си ја избираат улогата на татко, некој чиј збор мора да се слуша и беспоговорно да се следи. Како синови на нацијата или на народот се претставуваат помал дел од диктаторите и тираните.

Како што Република Македонија по многу нешта е сосема посебна, тешко споредлива и тешко предвидлива земја, така и нашиот актуелен деспот е посебен; во нашиот случај не станува збор за деспот-татко или деспот-син на нацијата туку за – деспот-дерле. Или дериште. Размазен нарцисоиден цмиздравец кој мора да добие сè што ќе замисли и што ќе посака. Потсетете се само на случајот „СК014“; наполно беа игнорирани стотиците критики од стотиците компетентни луѓе. Наполно беа игнорирани дури и ретките повици за разум од страна на содружниците на деспотот. На крај, некои од верните слуги дури паѓаа на колена пред своето возљубено тиранско чедо и молеа: „океј, пастиру, налет сите споменици, згради и фонтани, те молиме само за една единствена безвредна ситница: не ја прај Триумфалната капија, таа е ужасот, руглото, врвот на нашето лудило кое инаку феноменално го менаџираш и ти се клањаме за тоа!“ Знаеме сите, џабе беше паѓањето на колена; ене ја Триумфалната капија како историски пример до кој степен може да излезе од шрафовите едно време и еден народ впрегнат да ги извршува и најнастраните фантазии на своето премило дерле-деспот.

Има и многу други примери за инфантилната непопустливост на нашиот џепен тиранин (четирите предизборни услови на опозицијата, на пример, која бараше фер и демократски избори; не доби ништо, се разбира, и мораше со гол газ да излезе на таламбас). Да, овдешните слуги на деспотијата знаат да зборуваат за компромис, дури и за разумен компромис, но кога нашиот деспот зборува за компромис тоа личи на договор меѓу нацистите и Евреите. Нацистите сакаат да ги потепаат сите Евреи, а Евреите сакаат да останат живи сите. Во таква ситуација чесно поштено правиме компромис, утепуеме пола од Евреите и – мир у куќа. Разумен компромис.

Една од причините зошто дозволивме со Македонија да владее деспот-дерле веројатно е и овдешниот култ на детето. Тој култ веројатно во просек во општеството произведува повеќе деришта, а во таква културна клима се чини нормално нашиот национал-социјалистички обединувач да биде дерле. Сакаш споменик? Еве ти. Мал ти е? Еве ти поголем. Само немој да плачеш и да се трескаш од земја. Сè ќе направиме да ти биде раат и да немаш приговори на нас.

Освен послушност, нашето дерле бара да му рецитираме и мантри благодарници. Ни велат слугите на деспотот-дерле: „Тој ви гради град, нација, идентитет, децата ви ги става во спортски сали, а инаку со малиот прст би можел сите да ве потепа! Ко Ленин. Ама нејќе. Зашто е бескрајно добар и мил. Затоа ќе му пеете мантри благодарници“. И му пееме. Зашто ни годи. Зашто на Македонците дерлето им годи. Како чир на газот им годи, ама пеат.

А слугите на дерлето вака му велат на пастирот кога одат на лов и кога не знаат како да се соочат со пастировите постојани промашувања на дивите гуски: „Хм, хм, чудно, пресветол пастиру, мртви, а летаат!“

Целиот текст Деспотот-дерле

Слики: Александар Дојранлиев

ОкоБоли главаВицФото