За што се известува кога навистина треба да се известува

08.02.2017 09:41
За што се известува кога навистина треба да се известува

Во една ваква реалност, особено во последните 20-тина денови, одмерувајќи ја вистинитоста, објективноста и точноста на медиумските содржини, се чини дека заборавивме на еден битен услов за професионалноста во известувањето. Тоа е нејзината актуелност, во контекст дека професионалноста едновремено се мери и преку навременоста, т.е. актуелноста на информацијата. Се работи за демаскирање на информациите кои се битни за јавноста. Се прави дефокусирање на јавното мнение во однапред проектирана насока заради влијание врз публиката. Така, деновиве пред финалето за немоќта на мандатарот и ВМРО-ДПМНЕ да состави влада, во улога на бранители на нивниот кредибилитет повторно се јавија провладините медиуми. Но, истите или не известија за тој настан или известија несоодветно или само напомнаа и продолжија со приказните за Специјалното јавно обвинителство и за Катица Јанева, потоа за Зоран Заев, како и за Џорџ Сорос.

Илустративно, во периодот од почетокот, па до крајот на рокот за составување нова влада, доколку во агрегаторот на вести „Тајм“ внесете „ВМРО“, „избори“, „Груевски“, „мандат“, ќе забележите релативно мал број написи за оваа тема, при што забележителен е нивниот недостиг кај медиумите кои се сметаат поблиски кон владејачката партија. Имате безмалку целосен молк за (не)успешноста на процесот! За сметка на тоа, доколку го користите истиот агрегатор за пребарување написи поврзани со СЈО, ќе добиете значителен број линкови до написи, најчесто преповторени и подзастарени, при што јасно е дека нивната цел е одвлекување внимание преку сензации, тенденциозност, спинување од типот:

-„Одлуката на СЈО за случајот „Пуч“ е правен и јавнообвинителски скандал“;
-Многупати копираната „СЈО не е дораснато на задачата за која е формирано и самото ја поништи основната причина за негово постоење“;
-Но, и на „Јанева и СЈО одлучија да одиграат пристрасно и политички“.

Едновремено, на темата „СЈО отвори два нови случаи – „Тарифа“ и „Тенк“, речиси многу мал број од истите медиуми ја пренесоа веста со изговор „МЕДИУМИТЕ ЗАНЕМАРЕНИ: СЈО отвори две нови истражни постапки, не ги соопшти пред новинарите“. И анализата „Неделници – Непријателот се бара меѓу Сорос и СЈО“ дава доволна илустрација за претходното кога вели: „одолговлекувањето на Груевски со доделениот мандат да состави влада, „десоросоизацијата“ и „амнестирањето“ на Заев од страна на СЈО, како што упорно пропагираат медиумите блиски на ВМРО-ДПМНЕ, се основните теми со кои се „борат“ домашните неделници“, додека „најмногу коментари има за Трамп, Сорос и СЈО“.

Преголемо акцентирање и одвлекување на вниманието на јавноста е забележително и со написите во ист манир за лидерот на опозицијата:

-„Продолжува судскиот процес „Поткуп“ против Заев“;
-„Предметите на СЈО се почнати за Заев да избегне кривична одговорност“;

-Преповторуваната вест дека „Зоран Заев не може да избега од правдата“;
-Па затоа „Заев се скри во зајачка дупка“;
-Со заклучок дека „ќе има правда, ќе има мир кога криминалци како Заев ќе одговараат“.

Вакви инсинуации и искроени модели за заведување на јавноста има и во написите кои беа лиферувани во овој период поврзани со името на Џорџ Сорос заради подгревање и подигнување на народниот адреналин:

-„Светските медиуми: Малата Македонија му објави војна на Џорџ Сорос!“;
-Па сè до лабаво споредување на т.н. методологија на Сорос – „МАКЕДОНИЈА 2016-САД 2017: Соросовите шарени платеници против Трамп со исти методи како во Македонија“.

Последните денови од периодов, силината, реториката и начинот со кој овие написи се пуштаат во „оптек“ се персонализираат и на македонско тло:

-„Дали со високи плати фондацијата на Сорос регрутирала шпиони во Македонија“;
-Потоа „Цел Сорос ѝ се нафрли на опозиционерката Ристова, кога ги праша за платите од 3.400 евра“;
-А кулминираа во енормно копираната и пренесувана изјава на „Отец Ивица Тодоров од МПЦ: „Целта на Сорос е човештво без човек, без идентитет, без став, вредност и вистина“,т.е. „целта на Сорос е зомбирање на човештвото!“.

И, како и секогаш, во обидот да се одбраните, нападот е најдоброто решение. Но, овојпат во нападот однапред беше презрена тактиката. Барем за оние кои сакаа критички да ги апсолвираат погрешните потези и тоа преку лошите медиумски практики, како што е тоа дефокусирање на јавноста. Во потврда на овој став говорат и претседателот на ЗНМ, Насер Селмани: „Парите на Сорос предизвикуваат страв и паника само во авторитарни земји, како што е Македонија“, но и на директорката на Македонскиот институт за медиуми, Биљана Петковска, кога вели: „Изјавите дека во Македонија функционираат медиуми кои пари добиваат од „Сорос“ е тенденциозно тврдење за дефокусирање на јавноста“, во прилогот „Војната против Сорос е дефокусирање од реалните проблеми“.

Логично на крај би било да се запрашаме по стоти пат за етичноста во упорноста од продолжување на ваквиот тренд во информирањето во ситуација кога сме без оформени институции, без составена влада, без барем иницијално решена политичка криза. Причината и последицата однапред добро познати, единствено процесот на „еутаназирање на јавноста“ е сè уште необјаснив парадокс. И додека има медиуми кои работат согласно принципот „како ќе каже шефот“, спремни за скокање во река, а јавноста и понатаму останува пасивна, дотогаш ќе продолжи во воздух да лебди прашањето за што известуваат медиумите кога треба да известуваат?

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слики: Џена Андерсен