Три најпознати фудбалери од неколкуте досега кои имаат јавно обелоденето дека се геј мажи

13.02.2017 01:16
Три најпознати фудбалери од неколкуте досега кои имаат јавно обелоденето дека се геј мажи

Хомофобијата сѐ уште претставува огромен проблем во фудбалот.

Минатата година напаѓачот на Барнли, Андре Греј, беше казнет од Фудбалската Асоцијација на Англија поради недолично однесување, токму на оваа тема. Имено, некој решил да се „позанимава“ со неговиот Твитер профил, па открил хомофобични твитови од 2012 година, поради кои подоцна беше казнет.

Во последните години спортистите сѐ почесто говорат за својата сексуалност, па вестите за такви „откритија“ се појавуваат редовно во медиумите.

Џастин Фашану (Фото: Allsport UK/Allsport/Getty Images)

Џастин Фашану „го проби мразот“ со обелоденувањето на неговата сексуална ориентација многу години претходно, уште во 1990 година. Но, приказната на поранешниот напаѓач на Норвич заврши трагично. Тој не наиде на разбирање во неговата околина, па во 37-мата година од животот изврши самоубиство.

Томас Хицлспергер (Фото: Daniel Karmann/dpa/lby)

Томас Хицлшпергер некогаш со многу успех го носеше дресот на германската репрезентација, играше за Штутгарт и Астон Вила, а кога на медиумите им ја раскажа својата животна приказна, поддршка стигна од сите страни.

Многумина ја пофалија неговата одлука, тоа беше храбар потег во време кога не можете да претпоставите каква реакција ќе уследи од јавноста – а беше одлична, додека соиграчите беа полни со разбирање. За жал, тој немаше среќа со повредите, па релативно рано ја заврши својата фудбалска кариера.

Роби Роџерс (Фото: Jeff Gross/Getty Images)

Доволно храбар да каже дека е геј беше и Роби Роџерс. Поранешниот репрезентативец на САД го носеше дресот на Лидс Јунајтед и ЛА Галакси.

Уште во 2013 година Роџерс обелодени дека е хомосексуалец и изнесе неколку детали од соблекувалната – каде призна зошто не сакал порано да ја открие својата сексуалност. За Би-Би-Си тој раскажа дека во соблекувалните слушнал доста навредливи коментари за геј луѓето, а во еден наврат на тренинг има слушнато дофрлање од тренер, од типот „не туку ја додавај топката како педер“.

Сега Роџерс настапува за ЛА Галакси, а неодамна на Инстаграм изјави дека сѐ уште трпи навредливи коментари на теренот, но и на социјалните мрежи. Во едно од обраќањата до јавноста, тој рече дека во многу наврати посакал да изреагира онака како што Зидан тоа го стори со Матераци во 2006 година.

Според медиумските написи кои во последните години се сѐ позачестени, постојат бројни фудбалери во модерниот фудбал кои не се осмелуваат да зборуваат за својата сексуална ориентација од страв од реакцијата на јавноста и навивачите. Во 21 век во Премиер лигата не постои ниту еден професионален фудбалер кој јавно се има декларирано како геј, што доволно говори за стравот кој владее меѓу оние играчи кои сѐ уште живеат „во плакарот“.

Оваа активност е дел од проектот „Queering Football“. „Queering Football“ е кофинансиран од Европската комисија/ERASMUS+ спортска програма.

Извор: www.queer.mk