Дедикар Икарал

17.03.2017 04:40
Дедикар Икарал

се заиграв

фрлајте
фрлајте со дрвја и камења
по мене
сум бил јас
и дрво и камен

...

за крстот што го носиме
и за крстот што нѐ носи нас
за тоа зборувам

некој на чело
некој на плеќи
некој в џеб
некој го загинал негде по фиоките
го затурил меѓу некои парталави алишта
меѓу лаванда и нафталин
да го чуваат од молци

за средето на телово
зборувам
за крстопатот што ни е во него впишан
за угоре и удолу и
за открај докрај

за тоа дека сме тука на поседување
на пет минути од вечноста дојдени

сме рекле на почетокот:
не, фала, не сум за влегување
ама сме влегле колку за малку
колку за ич-малку
колку за беља
и сме останале
сме се замуабетиле
сме се заборајле...

и сме заборавиле сѐ

и крстопатот
и патувањето
и дека не сме биле за влегување
...

фрлајте
фрлајте со дрвја и камења
по мене
сум бил јас
и дрво и камен

 

телото памти сѐ

треба со денови да се седи мирен.
со затворени очи да се молчи. но
да се биде буден и да се набљудува.
треба со денови, малку по малку,
трпеливо да се остри умот.
да не му побегне ниту еден јадеж
под носот, ниту една морница
по грбот, ниту една игра на нервот
од врвот на главата до стапалата.
треба отстрана да се биде и да се
набљудува. без страст на навивач.
без суд. без фрлен камен. без лутина,
но и без радост. без копнеж. тукутака.
простум. од просторот и времето надвор.

и дури тогаш може да се почне.

оти телото памти сѐ.
и стравот на мајка ти дури
додека си ѝ се превртувал
во утробата.

фрагмент

одново отелотворен
самоубиец. кога ги затворам
очите, си ја гледам последната
смрт. сум си свирнал куршум
пругоре кон небото. сум го
продупчил. сум му пуштил
вода. и сега во таа вода живеам
удавен. удвоен. чекам да се родам.


погледите ни се бездомни

ништо не знаеме едни за други.
не знаеме ништо за јанѕата и кабаетот
што се кријат во брчката
од вкочанетата насмевка
на тој спроти нас. во потта
на дланките не го препознаваме
стравот од смртта и
другите привремени разделби.

на „како си?“ одговараме со
„добро сум“, а во себе продолжуваме
да си ја прераскажуваме прикаската
што нѐ скорнала од сонот.

погледите ни се бездомни, просат
леб од случајните минувачи.

Извор: Дедикар Икарал, Антолог, Скопје, 2017
Слики: Ники Смит

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Активизам / Книжевност

ОкоБоли главаВицФото