Знаци

06.05.2013 11:37
Знаци

istanblues
(боза блуз)

the sky is crying
лутаме по сомнителни сокачиња
бараме турска боза

има ли некаде на светот
подобра од онаа нашата од апче?

the sky is criyng
постои ли
друга девојка
што би тргнала
заедно да ја бараме
најдобрата боза на светот?


патувам...

ги мијам садовите
лебот им го фрлам на гулабите
алиштата недосушени ги пакувам

патувам...

го проверувам шпоретот
бојлерот
машината за перење

патувам...

во фрижидерот повторно ќе останат тегли со недојадени
маслинки
цвекло
слатко од шумски јаготки

патувам...

ги затворам сите прозорци
и сите ролетни ги спуштам
за сонцето да не ја топли собата додека не сум таму

патувам...

ја заклучувам вратата
па ја отклучувам
проверувам
сите прозорци се затворени
сите ролетни спуштени
светилките исклучени
и бојлерот
и шпоретот
и машината за перење

патувам...

а одамна веќе нигде не ми се патува


стравови

1.
клаустрофобичен сум
во автобусот секогаш седам
најблиску до излезот
никогаш на седиштето до прозорецот

2.
повеќе сакам напуштени села
отколку
модерни градови

повеќе сакам селски друмови
со дупки
(како оние до небрегово
или зрзе)
отколку
широки автопатишта

сакам планински езера
на кои никој не оди
а не мориња
и плажи
на кои тетките
и чичковците со црни мустаќи викаат
тазе крофни!
варена пченка!

а не мориња и плажи!
на кои
мажите ги гледаат
жените во цицките
наместо во очи.

3.
кучињата
ми се поблиски
од луѓето

оти
од луѓето
се плашам

4.
кријам илјадници
стравови
во себе

кога сум сам дома
во вецето седам
со отворена врата


заминување

го погребуваме дедо ми

чекорам напред
со своето име
заковано на крстот


знаци

кога бев малечок
го вежбав својот невешт автограм
на замагленото стакло
од стариот црвен автомобил

денес на стаклото од туш-кабината
со показалецот испишувам
знаци што не ги разбирам

знам само дека доаѓаат
од некое подалечно детство


во мојата детска соба
светецот потпрен на слонче од божем
слонова коска ја убива ламјата

светото писмо и куранот
карши-карши стојат простум
меѓу нив будниот бдее седнат
зад него мајката и синот

најдолу виси џебниот часовник на дедо ми

времето стои

трите стрелки една врз друга
спијат

во сонот
некој некого мисли

Песните се преземени од книгата „Куќичка за птици-преселници“ во издание на Антолог.

Слики: Наилија Шварц

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Активизам / Книжевност

ОкоБоли главаВицФото