Најк хиџаб: производ кој ги разбесни десничарите

24.03.2017 12:08
Најк хиџаб: производ кој ги разбесни десничарите

Откако компанијата за спортска облека и опрема Најк го најави појавувањето на Најк Про Хиџаб на пазарот, колекција наменета за спортистките муслиманки, едни најавија бојкот на брендот, а други го пофалија потегот.

Овој спортски хиџаб го дизајнираа и тестираа лизгачката Захра Лари и кревачката на тегови Амна Ал Хадад, а негова цел е да ги отстрани бариерите кои ги спречуваат муслиманките да се занимаваат со спорт. Иако хиџабот нема да биде пуштен во продажба до 2018 година, предизвика бројни реакции, позитивни и негативни.

Многумина ја критикуваа компанијата истакнувајќи дека хиџабот го нормализира угнетувањето на жените, а други се закануваа со бојкот на производот.

„Никогаш повеќе нема да купам производ на Најк. Нивната алчност за пари е толку голема, што им излегоа во пресрет на муслиманите. Не сакаме шеријатски закон во Aмерика“, „Честитки до Најк зашто го нормализира угнетувањето на жените преку Про Хиџаб. Одвратно“, „Најк заработува од покорувањето, угнетувањето и доминацијата врз жените. Никогаш повеќе нема да купам ништо од Најк“, се само дел од коментарите на социјалните мрежи.

Амна Ал Хадад на Инстаграм порача дека ги разбира мешаните реакции на јавноста.

„Големите брендови во минатото не гледале потреба или пазар зашто натпреварувањето со хиџаб не било популарно и било нечуено да се види жена да тренира, вежба или да се натпреварува со хиџаб. Тој феномен се појави неодамна и многу жени изразија потреба за тоа и многу професионални спортисти се бореа за правата да се натпреваруваат со марама и да имаат еднакво игралиште. Големите момци го забележаа нашето влијание во спортската индустрија и знаат дека сме овде за да останеме, па одлучија да се придружат на забавата и да создадат спортски хиџаб“, пишува Амна.

Многумина се согласуваат со неа и го пофалија потегот на Најк.

Извор: Independent