Албанката Ибе Паликуќа и нејзината Македонија

28.03.2017 11:30
Албанката Ибе Паликуќа и нејзината Македонија

Одвратната албанофобија искажана на протестите на „Заедничка Македонија“ го отсликува не само дното на ДПМНЕ, туку и дефетистичкиот карактер на македонскиот етно-национализам во целина.

Најмизерната форма на фатализам и дефетизам е за сопствената несреќа да се обвинуваат други - а кај македонските националисти овој наратив на виктимизација и сеење омраза кон „другиот“ е стандард кој трае непрекинато со децении.

До ден денешен, дури 70 години по завршувањето на Втората светска војна, етно-националистите Македонци сè уште колективно го обвинуваат ЦЕЛИОТ албански народ во Македонија за злосторствата извршени од страна на група балисти, а во исто време перфидно го игнорираат фактот дека ИЛЈАДНИЦИ македонски Албанци се вклучуваат во НОБ и заедно со нивните соборки и соборци Македонци војуваат против фашистичкиот непријател. Псевдо-патриотите Македонци го игнорираат и фактот дека стотици Албанки и Албанци слободата на Македонија ја плаќаат со сопствените животи.

Вредно е да се спомене примерот на младата партизанка Ибе Паликуќа, која умира херојски во септември 1944 година, тешко ранета во битка со балистите во околината на село Шутово, кичевско. Ибе имала само 17 години кога паднала погодена од балистички куршум. Пушка почнала да носи една година претходно, непосредно пред да наполни 16 години.

Младата Ибе и целото нејзино семејство се вклучуваат во НОБ уште од почетокот на антифашистичкото востание - но не заради идејата за некаква „чиста Македонија“, пропагирана од раководителите на протестот „Заедничка Македонија“. Ибе Паликуќа, Бајрам Шабани, како и илјадниците други Албанци, етнички Македонци, Власи, Турци, Роми, Евреи и други народности, се вклучуваат во антифашистичката борба за да им се спротивстават на оние кои сакаат да прават „чиста Македонија“ или „чиста Албанија“, или каква било друга „чиста“ држава.

Ибе се вклучува во антифашистичката борба за да го помогне раѓањето на нова светла иднина, во една нова Македонија, која еднакво им припаѓа на СИТЕ нејзини жители, без разлика на народност и вера. Македонија во која албанскиот и македонскиот јазик се рамноправни, а Албанците и етничките Македонци ги уживаат истите човекови права. Кажано со други зборови, таа го дава својот живот за идеалите на Илинден!

А идеалите на Илинден (оние вистинските, историските, оние непоругани од лажните патриоти од ДПМНЕ и останатите слични УДБА-шки творби) ги видовме материјализирани на 17 Мај 2015, кога Албанци и етнички Македонци, гушнати рамо до рамо, заеднички ги виореа албанското и македонското национално знаме и јавно ја искажуваа својата верба во идеалот за светлата егалитарна република за која загина Ибе.