Нека им е? (Полемика: Малески, Милчин, Тричковски, Героски)

07.04.2017 12:27
Нека им е? (Полемика: Малески, Милчин, Тричковски, Героски)

Нека им е

Да не губиме нерви: или мирен трансфер на власта или нека им е. Тие треба да мислат што ќе прават со нелегитимна власт, непризнаена од мнозинството граѓани на Македонија, од ЕУ, од САД , од НАТО и од европското и светското демократско јавно мислење. Финалето на мирните демократски избори не може да биде насилство туку само мирен трансфер на власта. Тоа е вистинскиот пат кон демократските реформи кои треба да произведат одговорно и отчетно поведение на партиите во Македонија во демокрaтски систем на меѓусебна контрола. Другите патишта се само реприза на истото.

Денко Малески, Плусинфо, 07.04.17.

 

Нека им е?!

Со оглед на тоа дека од ден на ден ВМРО-ДПМНЕ на Груевски на мнозинството граѓани на Македонија, на ЕУ, САД и НАТО им демонстрира дека нема намера да овозможи мирен трансфер на власта, ни преостанува само да ја прифатиме беневолентната препорака на професорот Малески да се помириме со неслободата и обесправеноста и да го прифатиме груевизмот како судбина. И утехата да ја бараме во непризнавањето на режимот на Груевски од страна на европското и светското демократско јавно мислење кое, нели, нема други и поголеми проблеми од овој нашиов. Колку долго би траело тоа "нека им е", професорот не кажува. Но мене ми се чини дека до моментот кога Груевски и кликата ќе се наситат од цедењето на Македонија и ќе си летнат заедно со парите, во земјава ќе останат само оние кои нема да имаат ниту волја ниту знаење да ја поведат Македонија по патот на демократските реформи. Македонија е соочена со нов бран на иселување на учените и способните. Тој бран добива димензии на егзодус кој драматично ги стеснува перспективите на Македонија до точката на нејзино претворање во запустена неизорана ледина.

Владимир Милчин, Фејсбук, 07.04.17.

 

Нека им е!

„Да не губиме нерви: или мирен трансфер на власта или нека им е!“ - вели професорот Малевски.
Понеже тие не се за мирен трансфер на власта, нам ни останува да се помириме: нека им е!
За кој кур да губиме нерви!
Тоа не е гандизан, тоа не е ниту будизам, тоа не е ниту груевизам, ниту колишевизам, тоа е, можеби, политички антидарвинизам, мина во шините на цивилизацијата, неверојатна антихумана позиција, со ваков став кромањонците воопшто не би излегле од пештерите, многу ми е жал за професорот!
Јас ја почитувам идејата да нема жртви, тоа е претпоставувам водилката на професорот, но алтернативата не е отсуство на жртви, туку многу жртви, комплет жртви, ситуација во која сите се жртви!

Бранко Тричковски, Фејсбук, 07.04.17.

 

Груевски и ајкулите

Мислам дека стратегијата на меѓународниот фактор, кој ја води играта, е Груевски прво да се „испразни“ од стравот, да се успокои, да сфати дека ќе има живот и за него (иако не таков каков што посакува), за потоа човекот да ги опушти прстите цврсто стегнати околу кормилото и да го предаде на друг. Имам впечаток дека ова е фазата кога токму тоа се случува. Има еден виц што најдобро го објаснува тој феномен. Начекале ајкулата и ајкулчето бродоломец среде море. Гладното ајкулче рекло: „Мамо, ајде да го изедеме!“ Мудрата ајкула не се согласила: „Почекај малку, ајде прво да кружиме околу него“. И вртеле така неколку круга, а ајкулчето станало нетрпеливо: „Мамо ма, па кога ќе го јадеме?!“ Ајкулата одговорила: „Ако сакаш да го изедеме сосе гомна, ајде сега. Ако не, стрпи се малку да свртиме уште неколку круга“.

Бранко Героски, Плусинфо, 07.04.17.

Слика: Свирачиња