Не многу „забавни“ факти за биолошки потпомогнато оплодување во Македонија

27.04.2017 03:17
Не многу „забавни“ факти за биолошки потпомогнато оплодување во Македонија

Бидејќи кај нас, очигледно, треба да случи нешто монструозно за да се отворат дебати за одредени прашања, кои инаку засегаат многу поголем број граѓани отколку што мислите (најсериозно, не сте свесни колку аспиранти за родители имаат некаква фрка) , еве дел од многуте „не толку забавни“ факти поврзани со биолошки потпомогнато оплодување во РМ, познато како ин витро фертилизација.

Сите што имале среќа да не се соочат со доктор психопат, а сепак немаат доволно пари за приватно да платат повеќе обиди, стануваат т.н. „фондовки“ како што во најфенси клиниката во Скопје нагалено ги нарекуваат пациентките со ваучер од Фондот за здравствено осигурување.

ФЗО покрива до три обиди за вонтелесно оплодување, што е за поздравување, поради високата цена на оваа постапка, но пропратната приказна, како и сè друго во земјава, е да полудиш.

Прво, за воопшто да се добие т.н. ваучер, треба да се собере куп документација, која има важност од шест месеци, односно треба да се собира одново за секој обид. Претходно, мора да се реализираат и приватно да се платат четири инсеминации, како чекор пред ин витро. Таа техника има толку мала стапка на успешност, што претставува обично малтретирање, губење време, нерви и пари. Но мора да се спроведе четири пати и да се приложи доказ за тоа.

Од другите папири, мора да се прават тестови за ХИВ, хепатит, општа крвна слика, хормонален статус и три спермограми направени во различни установи. Никогаш, ама баш никогаш ги нема сите реагенси за испитувањата, па дел се прават приватно за да се заштеди време. Пример: хормонален статус се испитува исклучиво на трет ден од менструален циклус. Одиш, се боцкаш на државно и ти велат дека имаат реагенси за 3 хормони, а потоа продолжуваш во приватна лабораторија за да се боцнеш и за останатите 3-4 за да не чекаш уште еден месец. Многу е забавно кога ќе се случи неколкупати.

Кога конечно добиваш ваучер, дознаваш дека тој не ги покрива баш сите трошоци. Предвиден е фиксен број ампули со терапија, која речиси никогаш не е доволна и треба да си ја набавиш сам. Отприлика 100 евра за секој дополнителен ден. Терапијата после извршен трансфер на ембриони е целосно на товар на пациентот, а се плаќа и партиципација за во клиниката каде се одвива процесот.

Ова е само дел од проблемите. Луѓето кои имаат средства избегнуваат голем дел од ова.

Забавен факт, исто така, е дека од наводните бесплатни ПАП тестови добиваш резултат после три месеци, што ќе рече, секогаш избираш да платиш за да го добиеш за пет дена. Најбизарно од сè е што „фондовките“ мора да се подложат на едно прилично болно рентген снимање на матка, што не е задолжително за попривилегираните.

Инаку, имаме и одлични доктори во оваа област, но тие се премалку за толкав број пациенти. Кај мојот последен доктор - гад блес хим - Петановски, редицата беше како кај некој исцелител. Гужвата во многу клиники е искористена за да се штанца државно и приватно ин витро, со униформирани протоколи наместо адаптирани на секој пациент посебно, со непотребни или лошо изведени операции во име на подобрување на репродуктивното здравје, со застарени методи за тестирање, со паушални дијагнози, без психолошка поддршка од лекарот... сешто ви се случува или го гледате околу себе во чекалните и меѓу пријателите.

А за нашиот провинциски акал поради којшто жени се срамат да зборуваат за ова, каде децата се нарекуваат ,,вештачки“ и каде се девиктимизираат жртвите, да не почнуваме....

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слика: Александар Ковачевски