Полноќно возење

04.05.2017 13:45

Волтер Рудницки ми зборуваше за тоа како мојот град е корумпиран. „Дали го виде новиот противпожарен камион?“, запраша. „Не знам. Претпоставувам не“, одговорив. „Тоа е зашто нема нов противпожарен камион“, рече. „Нема?“ прашав. „Не, противпожарната единица го вози истион стар расипан камион како и последните две децении. Даночните обврзници платија да се купи нов, но покажи ми каде е“, рече. „Па, не знам. Не сум многу упатен во таа тематика“, реков. „Во тоа и е проблемот со вас даночните обврзници. Наивни сте, лековерни или, да се изразам поинаку, будали сте“, рече. „Те молам, Волтер“, возвратив, „внимавај кого нарекуваш будала.“ „Ја знаеш онаа три километри долга делница од патот Стоунхем што пред три години ја подлока порој?“ праша. „Не одам често низ тој крај“, реков. „Значи, граѓаните на добриов град гласаа таа да се асфалтира. А тоа, дозволи да ти кажам, чини куп пари“, рече. „Па, ако тоа било потребно, добро одлучиле“, реков. „Ти дури и не знаеш за што зборувам, така ли е, Френк?“, праша. „Не, Волтер, не знам. Ти реков дека немам потреба да возам низ тој крај“, одговорив. „Е па да имаш, би видел дека патот не е асфалтиран. А што мислиш, каде исчезнаа парите?“, праша. „Луѓето се понекогаш мрзливи, или едноставно заборавни. Не верувам дека тука станува збор за нешто незаконско“, одговорив. „Ти значи ли нешто името Томас Столарски?“, праша. „Сум слушнал за него“, одговорив. „Си слушнал, е па сјајно. А дали си слушнал за името Норен Даулинг?“, праша. „Претпоставувам дека сум го видел некаде, на некој предизборен плакат или така некако. Не знам“, одговорив. Волтер забрзано чекореше по мојата кујна кубејќи се за коса. Ми беше жал што го пуштив дома. Алесија седеше на масата во трпезаријата и го довршуваше ручекот. „Некои луѓе во градов заслужуваат да бидат линчувани, но гледам дека ти не си вистинскиот човек за таа задача“, рече. „Ти мислиш на оној вистински старински линч?“ прашав. „А каков поинаков линч постои?“, возврати тој. „О, Боже!“, рече Алесија. „Тие луѓе, тие избрани вршители на должност, ги украдоа нашите пари кои ги плаќаме преку даноци и затоа сега ќе ги гониме и ќе би бесиме по дрва?“, запрашав, колку да се уверам дека исправно сум ги сфатил фактите. „Токму така“, рече Волтер. Алесија ни се придружи во кујната. „Тоа звучи многу возбудливо“, рече смеејќи се. „Дали си за или не?“ праша тој. „Го сакам градов“, одговорив. „Значи ли тоа дека си?“, истрајуваше. „Можам ли малку да размислам?“, одговорив. „Одиме вечер, на полноќ“, рече тој, „на коњи“. „Јас немам коњ“, одговорив, „но имам магаре“. „Магаре?“ запраша. „Не можеш да одиш во линч на магаре.“ „Во тој случај претпоставувам дека не можам да одам“, реков. Алесија се чинеше разочарана. Никогаш повеќе не го видов Волтер Рудницки. Дури никогаш ништо не слушнав за линчување. Ова е мирен град и тоа е она што во него го сакам. Го сакам стариот противпожарен камион и подлоканите улици. 

Превод: Лавинија Шувака

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото