Рани и жртви

11.05.2017 13:09
Рани и жртви

Не мислам дека Кире Наумов баш случајно, во поствоен жаргон, говори за „рани и жртви“. И за нивното точно евидентирање веќе две недели по изборот на новата реформска Влада на РМ. Зашто, де факто, Македонија беше во војна – наречете ја како сакате: граѓанска, локална, мафијашка, режимска, властодржечка и слично – цели единаесет години, самата со себе односно „тие контра сите“, злосторничко мафијашкото здружение контра целиот нормален народ во оваа држава. И како после секоја војна, мора да се подвлече црта и да се избројат жртвите, да се евидентираат раните. И да се платат сметките! Тоа, секако, е (можеби) најбитно во финансискиот сектор, за да се документираат последиците од овој грабеж на столетието и да се направи стратегија за понатаму, но подеднакво важно е слична операција да се спроведе во сите останати сектори, па и во културата. Дали тоа ќе биде, како што сугерира Наумов, во првите две недели на новата влада, или нека бидат четири, не е толку важно. Иако, мислам дека ќе треба многу повеќе зашто, без оглед што голем дел од злосторствата се однапред познати, сигурно има едно чудо скриени нешта кои што биле велемајсторски фантомизирани и цензурирани. Но, за првите впечатоци, за првите извештаи, доволни се и тие, да речеме, две недели, при што ќе се излезе со генерални видувања на „раните и жртвите“, со општи, а некаде и детализирани впечатоци за клучните насоки на грабежот и главните актери на истиот, а потоа ќе следи прецизна евиденција на сите бараби кои дебело омрсиле мустаќ и го оштетиле државниот буџет за нивни лично партиски финансиско некултурни дивеења.

И таквиот список ќе биде долг, многу долг. И за многумина изненадувачки, дури запрепастувачки. А за почеток, доволно е јавноста да добие увид во списоците за финансирање на годишните програми/проекти од т.н. национален интерес, каде до паричка ќе се види кој колку дрпнал од буџетот, и за што, колку „проекти“ влегле на мала задна врата за која што јавноста ништо не знае, колку имиња се повторуваат – два, три, четири пати годишно, итн. А и тие списоци ќе мора да бидат подложени на двојна проверка зашто, гарантирам, ги има во неколку верзии, а најмалку две: една за евентуална јавна употреба а друга за интерна! И тие податоци ќе бидат доволни за првите месец-два, за јавноста малку да се насладува со ексклузивни вести за „патриотските“ игри на нашиве антиквизирани сељачишта, да ја види цената на нивната „македонштина“ (што би рекол Дакиќ), но и да постави првичен репер за – иднината. Понатаму, една група пристојни и ефикасни стручни лица може да ги чешла сите останати скриени финансиски зделки што секако ги има едно чудо, вметнувани и подметнувани по разноразни шифри и сметки. И тоа не е лесна работа, се разбира, но во неа не смеат да имаат пристап сегашните финансиски структури на Министерството за култура кои не се ништо друго туку директни соучесници во државно-мафијашкиот криминал извршуван во континуитет од цела деценија. И тука ќе изгорат и луѓе кои можеби, на прв поглед, немаат ништо заедничко со Елизабет, земјоделецот и остала братија, ама се соучесници по дефиниција. Стравот за работното место, наредбите од шефот/шефовите и слични будалаштини не се никакво оправдување, уште помалку некакво покритие!

А кога сите тие операции ќе се прострат и подолу во институциите, дури тогаш ќе се добие првичната слика за сите збирни „рани и жртви“ во македонската култура. Но, тоа ќе биде, да речеме, вториот чекор, не помалку важен од првиот, секако, со што прилично верно ќе се отслика девастираниот пејзаж на македонската (не)култура во изминатата деценија. И ќе се посочи на главните бараби и нивните помошници, па на соучесниците, па на „корисниците“ – кои ги гледам нималку поневини од првите три „фактори“ зашто точно знаеле во што учествуваат, дека тоа што го добивале било целосно незаслужено и вон сите критериуми и процедури итн.

Тоа, секако, нема да ги зацели „раните“ ниту да ги „оживее“ жртвите. А жртви имаше, и буквални и метафорични, имаше поединци на кои отворено им беше забрането да си ја работат работата, да се занимаваат со својата професија. Криминалните партизирани процедури фаворизираа само една и единствена категорија корисници на буџетските средства од културата – оние слуги на режимот, партиските поданици, членови и симпатизери, кои беа абонирани на точно определена буџетска поддршка секоја божја година, секому според „заслугите“. Сите други, повеќе или помалку, беа „жртви“ на режимот!

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Небојша Гелевски

ОкоБоли главаВицФото