Верижен генератор (19)

31.05.2017 08:27
Верижен генератор (19

Љупчо Силјановски

ЈАГУЛА

Непознат дојде во нашата куќа
уморен, побара чаша вода, и
постела, посака да умре.

Го погребавме според обичаите и,
не знаејќи како да му го обележиме каменот,
го напишавме името на татко ни.

И кога многу, многу подоцна,
татко разбра за гостинот,
ни ја раскажа приказната
за чудесниот пат на јагулите.

 

Милован Стефановски

За „Јагула“ на Љупчо Силјановски уште при првиот прочит верував дека и по многу години ќе си ја задржи поетската свежина и дека ништо не ќе ѝ можат временските пластови кои во иднина ќе ја препокриваат. Таа е воведна песна на истоимената книга поезија објавена двојазично (на македонски и на српски јазик) во далечната 1978 година (издание на „Младост“, Белград и на Книжевна младина на Македонија). Земајќи за основа една вечна тема која на неверојатно сликовит начин се допира до тажната македонска судбина предизвикана од потребата за заминување од домот на печалба во туѓина, Љ. Силјановски преку експресивната споредба со „чудесниот пат на јагулите“, на лапидарен и во исто време сугестивен начин, ја заокружува поетската слика за истовремено задоволување и на потребата од враќање на саканиот дома, и од исполнување на обредните обичаи за исконско и трајно врежување на татковото име во каменот! Авторското исходиште што е постигнато во песната „Јагула“ недвосмислено сведочи за вонвременските вредности на овој вдахновен поетски резултат.

ОкоБоли главаВицФото