16 бугарски поети

16.08.2017 10:42
16 бугарски поети

Аксинија Михајлова
ЧОВЕЧКАТА МИЛОСТ

Сега, кога сите пречки
во нас
срамнети се со земја
и со неколкуте ѕидови помалку
во душите
видовме како се приближува
небото,
сега, кога ја заковавме
и последната скршена штица
на врвот од скалата,
пренесена
од еден друг живот,
веќе ништо не нѐ дели
од градините на Бога,
со грациозно движење
тој ја фаќа белата пеперуга,
која летка меѓу нас,
и полека со прстите
ја смачкува.
Дробовите ми се стари,
за да го соберат сето тоа небо,
што таа го носи на крилјата.
Зошто плачеш,
вели,
веќе си неранлива.
Човек не може да убие два пати
една и иста пеперуга.



Ана Христова

Документи

пополнувам рутински
ред по ред

име и презиме
крвна врска сестра

име и презиме
крвна врска брат

име и презиме
крвна врска мајка

име и презиме
крвна врска татко

Ти благодарам Господе
што немам
празни места


Ани Илков

како живеев во индија

ме сместија во огромен апартман
со централен систем за ладење
и пропелер во холот. И сѐ
си беше исто со исклучок на сѐ.
Ги загубив очилата – ги најдов
сонцата се преобразија во месечини
и само што се охрабрив да исмевам сѐ
татко ми умре.


Белослава Димитрова

Без тебе

На Вл. С.

доаѓам да ти кажам илјадници нешта
доволно молчев
ќе умреш на особено свиреп начин
убиен од плунките на сопствените деца
едното од нив бев и јас
но ти ме сакаше повеќе од другите
затоа одлучивме да те убиеме
љубовта не може да се дели
потоа грмна бојлерот
ја сруши сета вселена
материјата и антиматеријата
времето во целина
експлозијата беше впечатлива
само ти не можеше да ја видиш
наспроти тоа што телото ти беше присутно
а ние се храневме од него
пцуејќи ги боговите
а најмногу тебе
тогаш се сетив дека
исто е и со вдахновението
тоа доаѓа за да ти ги повреди блиските
да ја убие твојата љубов
да те збрише
безброј берберски ножиња во устата
а ти не престануваш да зборуваш.

 


Владимир Левчев

ЅИДОТ


Mother, should l trust the government?
Пинк Флојд

Го прашавме ѕидот:
Како е возможно социјалистите и етничките Турци
да бидат во коалиција со неонацистите,
кои ги мразат малцинствата?
Тој не одговори.
Го прашавме ѕидот:
Како е возможно бугарските патриоти да сакаат
Бугарија да излезе од Европскиот сојуз и да
влезе во Евроазија?
Тој не одговори.
Го прашавме ѕидот:
Зошто тие, кои сакаат да ја спасуваат Бугарија од
корупцијата и мафијата, се обидуваат да му ја подарат
националната сигурност на еден олигарх,
кој е сопственик на медиумите?
Тој не одговори.
Го прашавме ѕидот:
Зошто тој, којшто сака да ја спасува Бугарија
од корупцијата и мафијата, продолжува да
вработува луѓе испрашувани
за корупција и ѝ припаѓаат на мафијата?
Тој не одговори.
Го прашавме ѕидот:
Зошто социјалистите, кои тврдат дека
ги штитат сиромашните, не направија ништо за нив дури
беа на власт две третини од последните 25
години?
Тој не одговори.
Го прашавме ѕидот:
Ако земеш државен заем за да ги поткупиш
Сиромасите предизборно со дваесет лева бонус на
човек, кој ќе ја плати лихвата?
Тој не одговори.
Го прашавме ѕидот:
Зошто раководителите на Социјалистичката
партија, кои тврдат дека веќе не се комунисти,
никогаш не се оградија од логорите, од
убиствата, од злосторствата на Комунизмот?
Тој не одговори.
Го прашавме ѕидот:
Зошто Народното собрание се чува од народот
со огради, блиндирани коли и тешко
вооружена полиција?
Тој не одговори.
Го прашавме ѕидот:
Зошто не одговараш никогаш кога
те прашуваме?
Тој не одговори.
Ѕидот не може да зборува.
(Макар што, некои ѕидови, како Берлинскиот,
можеа да стрелаат.)
Ѕидот одговара само
кога народот го прашува со чекан.


Иван Христов

Нулта кота


Се качив на оној автобус –
панорамскиот,
со кој можеш да го разгледаш
Њујорк за два дена.
Се почудив,
оти во рутата
имаше станица „Нулта кота“.
Можеш ли да ја престориш
празнината во предмет на желба,
колку чини билетот
за ништото?
Пред „Нулта кота“
сите молчеа
како пред некакви
невидливи гробишта.
Само една Афроамериканка,
сè уште врескаше:
„Внимавајте!“
„Внимавајте!“,
иако веќе
беа поминале
пет години.
Се загледав
во голата земја
со надеж
дека ќе откријам некакви руини,
некаков знак,
за изминат живот,
но не успеав.
Во таа ужасна тишина
јас бев единствениот турист,
оптоварен со историја.

 


Лора Динкова

ПРЕПОЗНАВАЊЕ

 

„Мртвите поети се под земјата.
Живите подлабоко од нив“

Иван Динков

„Многу совесни, малку совести!“

Лора Динкова

 

зошто ја прифаќаш смртта
како традиција
нашите мртовци
имаат свои невидливи
градови,
по коишто минуваат
без да нè поканат
тие се смеат, љубат и плачат
и го поседуваат секој спомен
но за тоа никогаш не зборуваат
додека ние си вообразуваме
дека сме единствени
почвата и земјата од долу
ги познаваат нашите блиски
темни и црни
а што е црно во поезијата
црно е од прстот
почвата не разликува
имитации
мозокот поцрнел
не се пишува повеќе
кога веќе знаеш
дека во невидливите
улици
мртвите поети
никогаш и не те
познавале


Поли Муканова

* * *


таткото меси леб
на врвот од карпата
ги храни орлите
молитвата се врежува
во тишината
откорнат крик
нема страдање
нема страдање
не разбирате ли, верници
животот на Исус е повторување
таткото меси леб
од семињата
на избавувањето
родот да биде прероден
таткото меси леб –
најсилното убиство
на метафората
единствениот којшто е поголем
од лебот
се нарекува Бог
таткото им меси леб на орлите


Стефан Иванов
преведувачката на достоевски

родена е во киев пред 87 години
денес
гледа низ прозорецот
бавно се облекува
пегла сече лук
вари леќа
гледа во себе

мајка ѝ израснува во домот на царски офицер
татко ѝ е професор по ботаника
едно утро тој бидува уапсен
сталин одлучил да направи чистка
по една година се враќа во семејната дача
за да умира од повредите
и од истоштеност

денес таа го носи неговиот часовник
на својот
како бледа стрелка
тенок зглоб

поминуваат две години
вермахтот се вмешува
нејзината најдобра пријателка се качува на воз
со целото семејство
и слегуваат на станицата ужас

завршила гимназија запишала филологија
германската армија ѝ нуди
да биде преведувач
при изградбата на важен воен објект
ѝ ветуваат стипендија во германија
за една година работа

по поразот кај сталинград
изградбата е сопрена
и таа е жигосана како предавник
не може да го продолжи образованието
мајка ѝ не сака да живее во земјата што ѝ го убила сопругот

ги населуваат покрај дортмунд
во логор за работници од исток
добива хумболтова стипендија
потонува во лавиринтот
на студирањето на јазикот
некаде таму или вон него
запознава виолинист

раѓа се разведуваат
сама си ги крпи вечерите
предава руски преведува на германски
толстој булгаков солженицин
и достоевски
ѝ ги диктира
своите преводи



Роман Кисјов

ИНТЕРВЈУ СО ПОЕТОТ

– Претставете се накусо, Ве молам
– Јас сум редок примерок
од исчезнат вид
Но не сум заштитен со закон
(а можеби сум само со
милоста на Бог)
– Кога почнавте да пишувате?
– Кога ножот допре до... стихот
– Зошто продолжувате да пишувате?
– Затоа што животот ми виси
не на влакно туку на стих...
– А ако ненадејно се скине?
– Тогаш ќе пропаднам
во прозата

 

Извор: 16 бугарски поети, ПНВ публикации, Скопје, 2017.

Препев: Игор Исаковски (Иван Христов), Зоран Јакимоски (Поли Муканова, Белослава Димитрова, Стефан Иванов, Лора Динкова), Славе Ѓорѓо Димоски (Аксинија Михајлова, Ани Илков, Владимир Левчев, Роман Кисјов, Ана Христова)

Слики: Henrique de França

ОкоБоли главаВицФото