Борба на Титаните

18.09.2017 01:13
Борба на Титаните

Дури и кога ги разобличи сите нивни лаги и си замина од нив, сѐ уште го оптоваруваа со своето невидливо присуство.

Седеа во мрак и го мереа секој негов збор, ја проценуваа секоја негова постапка, стрпливо чекаа на неговиот телефонски повик.

Се трудеше да не размислува за нив и да не им придава важност на нивните премолчени очекувања, но знаеше дека ќе биде сосема слободен дури кога ќе ги погреба и исплати гробарите по извршената работа.

Не се осмелуваше да ги запали семејните фотографии.

Во ситниот растер* од црно-бели сенки се криеја премногу духови со здрави заби и слабички лица, дефинитвно премногу евтини блузи и прекратки панталони, се менуваа премногу наивниот оптимизам и прераната сериозност...

Имаше премногу, премногу нешта што ги зајакнуваа.

А тие?

Тие седеа во своите фотелји и со слабите, жилави раце цврсто ја држеа слушалката на телефонот во која изговараа наредби во форма на молби.

За разлика од него, кој го поседуваше светот, тие поседуваа моќ.

Сепак, неговата непобедливост воопшто не ја интересираше тоа.

________________________________________________
* Мрежа од хоризонтално поставени редови од точки што се користат за креирање на слика на телевизиски или компјутерски монитор (заб. прев.)

Извор: Mesečari na izletu, LOM, Beograd, 2012.
Превод од српски: Иван Шопов
Слика: Брет Ејмори

Звонко Карановиќ (1959, Ниш), српски поет и романописец. Работел како диџеј и организатор на концерти, а имал и своја музичка продавница. Објавил десет поетски книги и три романи. Песните му се преведени на десетина европски јазици, меѓу кои и на македонски. Живее и работи во Белград.

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото