15 водечки модни дизајнери креираат за „Сите стоплени во зима“

29.01.2018 13:41
15 водечки модни дизајнери креираат за „Сите стоплени во зима“

Стотици парчиња топла зимска облека беа собрани во текот на декеври и јануари за да им биде подарена на нашите сограѓани на кои им е најпотребна. Дел од облеката беше редизајнирана од страна на 15 водечки македонски дизајнери кои доброволно се вклучија во акцијата – Никола Булевски, Лидија Георгиева, Јасмина Дракуловска, Олгица Ѓорѓиева, Никола Ефтимов, Горан Костовски – Индог, Јана Манева Чупевска, Силвија Михајловска „Алшар“, Благој Мицевски, Антонија Ристовска, Нина Симовска, Емилија M.Ставрова, Ирина Тошева и Иван Петрушевски – Флим, Јована Филиповиќ, Јана Ацевска „Капка“, и таа во нивните раце доби сосема нов лик.

Акцијата „Сите стоплени во зима“ ќе кулминира со модна ревија во среда, 31 јануари, во 20 часот во МКЦ, на која нашите дизајнери ќе покажат како со малку умешност и многу фантазија користената облека може да изгледа како нова. Модели на ревијата ќе бидат наши познати јавни личности, а влезницата ќе биде – донирана зимска облека.

Собраната облека ќе им биде подарена на нашите сограѓани за што ќе се погрижат организациите „Љубезност“ и „СОС Детско Село“.

„За жал, многу наши сограѓани се соочуваат со проблемот да немаат доволно топла облека за преку зимата. Затоа секое мало мрдање со прст за да се донира користена зимска облека која повеќе не се носи, значи многу. Користена зимска облека која што повеќе не се носи (капути, јакни, шалови, џемпери, блузи, пантолони и сл.) беше собирана на неколку пунктови во текот на декември и јануари во рамки на акцијата „Сите стоплени во зима“, за да добие нов живот кај луѓето на кои им е најпотребна и нов лик во рацете на водечките македонски дизајнери“, пишуваат организаторите.

Мрдни со прст е граѓанска платформа, чија мисија е да поттикне акција на размислување за индивидуалната одговорност и зголемување на вклученоста во решавање на општествените прашања кои сите нè засегаат, бидејќи секое мало мрдање придонесува за големи резултати и промени. Иницијативата започна пред повеќе од една година и ги поттикна граѓаните да почнат да размислуваат за нивниот индивидуален придонес како и активно да се вклучат во адресирање или решавање на проблемите со кои секојденевно се соочуваат преку бројни настани и акции. Секој граѓанин, граѓанска иницијатива или организација може да стане дел од „Мрдни со прст“.