Навредена Македонија

29.05.2018 01:57
Навредена Македонија

Денес во Македонија секој се чувствува навреден. Но, единственото нешто за кое може да се каже дека е заедничко за најголем број луѓе во нашата земја не ги обединува, туку напротив. Чувството што го делат сите, веќе ги подели сите.

Сите среќни нации личат една на друга, ниедна несреќна не личи на македонската, би рекол Толстој. Навредени сме глобално, зашто светот очигледно нема разбирање за една голема неправда што ѝ е нанесена на една мала земја (сега веќе почнувам да ѝ го забравам името), нешто што е без преседан дури и во светската историја на бесчестието. Таа е единствената нација на која ѝ се заканува бришење од списокот на постојните. И тоа, навистина, не личи на ништо друго. Се мисли на името, односно на барањето од позиција на сила да се смени нејзиното уставно име, не само за надворешна, туку и за интимна употреба.

А внатре, се мисли во земјата, навредата одамна е прифатена за секаква употреба, што значи важи eрга омнес. Секој е навреден секогаш и во секое време, од сѐ и за сѐ. Дури навредата е подигната на степен повисоко – таа е претворена во спиритус мовенс, движечка сила што ја парализира секоја рационална акција. Не само што најлесно се нанесува, туку стана пожелно тоа да се направи во што е можно повеќе слоеви.

Емоциите го надвладеаја мислењето, филмот е одамна пукнат, и Македонија денес ни оддалеку не е способна да го положи тестот на емоционална интелигенција. Ако тоa е способност ефикасно да се одржува врска помеѓу емоциите и мислењето, вештина чувствата да се користат за да го олеснат расудувањето, тогаш ние сме емоционално глупи. Без навреда.

Слика: Свирачиња

Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото