Пофалба за Душан Макавеев

07.02.2019 02:58
Пофалба за Душан Макавеев

Секоја генерација на моите студенти мораше да го гледа „Невиност без заштита“ на Душан Макавеев од 1968: овој филм беше неизбежен илустративен дел од предавањата по историска антропологија, балканологија, антропологија на родовите и уште мораа да слушаат зошто овој филм го ставам помеѓу најдобрите, а можеби и најдобар југословенски филм. Со овој и со уште едeн филм, две години постар „ Маргаритки“ на режисерката Вера Хитилова, ја објаснував револуцијата од 1968 година и клучните глобални промени што ги предизвика во антропологијата и културата.

Ги сакам сите филмови на Макавеев, но овој ми е најдраг. Легендарната изјава на лошиот чичко кој ја загрозува невиноста од насловот е од главната сцена на филмот во филм, на Драган Алексиќ, кој во вистинскиот момент, со помош на стап и јаже, ја прелетува белградската улица во висина на третиот кат (многу смешна трик – снимка) за да ја спаси невиноста од нешто многу полошо од смртта, па влетувајќи низ прозорецот на чичкото му ја нуди главата, а тој од таа глава крши неколу даски што згодно се нашле во салонот, притоа јуниаците викаат: „Удри!“. Трклањето од смеа е загарантирано. Темата на Макавеев беше сплет на урбани легенди за филмот, а и неговиот филм стана урбана легенда за себе.

Во извесна смисла, тоа е неправда за филмот: премногу среќа и смеа, добро распоредени во овие половина век, можеше да ги скрие некои од важните одлики на филмската поетика на Душан Макавеев, а притоа и страшните пораки што ги испрати во иднината.

Не е важно дали Душан Макавеев верувал во револуцијата: извесно е дека ѝ се радувал и истовремено правел филмови кои ги ставија под прашање сите минати и идни револуции. „ВР или мистериите на орга(ни)змот“ е филм кој колку што е возбудлив, подеднакво го сочинуваат и деструктивната, цинична желба социјалистичката револуција да се опамети – можеби со нова револуција, и трогателната, сосема човечка солидарна желба во историјата на психоанализата и во современата култура да се врати заборавениот Вилхелм Рајх. Истражувачката работа што не ја завршија американските истражувачи за нив ја реализираше Душан Макавеев во Америка и притоа себе и својата публика бесконечно ја забавуваше. Со толку високи барања морал да оперира со фанатастика слична на онаа на Булгаков, со каламбури слични на оние на Рабле и мораше да се пресмета со монтажата на атракции на Езенштајн. Деконструкцијата на монтажата на атракции е нешто што го работел од почетокот, од документарецот „Парада“ за да ја усоврши во филмот настанат пред „ ВР или мистериите на орга(ни)змот“, станува збор токму за „Невиност без заштита“. Ерудитот, авангардистот и револуционерот се наведна над својот каллив и беден Балкан.

Душан Макавеев, честопати и главно заради мрзливост го вбројувале во црниот бран. Тој не спаѓа таму и заради тоа што имаше весел и слободен дух, беше начитан и детски злобен. Никако не му одговараше да бара одговори за жалосната судбина на мажите на општествените маргини во расипаните жени и тапата полиција, како симболички слики на репресивната идеологија, додека за јунакот секогаш се грижи единствено расплаканата мајка и парализираната сестра. Само една генерација подоцна, оваа критика на општеството заврши во жалопојки за тоа како комунизмот го уништил традиционалното српско семејство...Макавеев гледаше подалеку, подлабоко и повеќе. Видел како патријахатот како основен општествен систем тивко се лепи за која било општествена програма, да речеме за комунизмот: секаде бил прифатен.

Затоа во „Невиност без заштита“ главниот јунак мора да биде екстремно машки, чијашто ексцентричност станува ранлива, особено кога ќе запее бестрашниот акробат. Понатамошната деконструкција на машкоста е убиствена: нескршливиот маж во окупираниот Белград го снима првиот звучен српски филм, уредно шутнат под тепих во официјалната историја на филмот затоа што нема апсолутно никаква врска со пропишаните историски модели, ниту борбените, ниту предавничките. На урнатините да се прави „наш“ филм според последните излитени тогашни филмски клишеа, во кои домаќинското изгледа совршено гротескно, можел некој кој всушност ја истражувал окупациската историја, историската антропологија на секојдневието, обичниот свет, стварноста што e сосема запоставена.

Колку истражувачка работа Макавеев морал да вложи за да го најде целиот материјал кој бил внимателно криен, може само да се замисли, но има уште сведоци. Во тоа дело го наоѓаме истиот мотив на творецот и истражувачот како и во другите филмови: откривање на непознатата историја. Основата на таа историја е кичот, единствената можност за самопретставување на поттчинетите, непривилегираните, необразованите, социјално пониските, далеку од елитите, далеку од идеологиите и логично, далеку од јасното определување. Тој понизок свет, главно под граѓанството и средната класа, има свој свет на фантазми, главно од кино и свој свет на атракции, уживање, народна забава и оддалеченост од сè што е големо.

Кога над тој свет почнуваат да паѓаат бомби и се отвораат куќите и улиците да ги исфрлат мртвите, првата реакција може да биде бегството – на плоштадот кадешто свири германска воена музика, на Калемегдан каде над публиката лета акробатот, вози велосипед во место на кула од бесмислени предмети, лета со заби закачен за авион и оди по јаже помеѓу две згради – и во кино. Тогаш, сето тоа треба да се смести во филм, единственото достапно на дожд и снег. И уште јунаците и јунакињите зборуваат на наш јазик, не мора ништо да се чита. А подоцна, уште подобро место за сето тоа е сеќевањето.

Значи, што е првиот звучен српски филм, историскиот споменик, капсула на значење за иднината? Клопче на баналност, кич, провинцијализам, бесмисла, наивна самоувереност, навистина совршена гротеска. И истовремено, тоа е извонредна анализа на еден период кој никогаш не бил сериозно истражуван: затоа не бил ни злоупотребуван. Таквото соочување со еден сегмент на историјата на војната е педагошко, донесува расветлување што враќа во разумско гледање на минатото, буди одговорност и го уништува бајкосочинението на национализмот.

Филмот би морал да влијае врз гледачите уште многу посилно во 1988 – година, отколку кога настанал, кога „српското“ станало жртва на неспроделиво погнасниот, поподлиот, истовремено поглупавиот и нималку трогателниот кич, сè до масовното уништување на разумот токму во тие години. И така нè имаа лошите чичковци без никој да скока од третиот кат за да нè спаси. Во таа смисла, филмот на Душан Макавеев беше пророштво.

Монтажата на откачените баналности, високата и ниска бурлеска во филмот е повеќеслојна: документарните снимки на окупацијата и кич филмската фикција, аматерски наслутениот говор на филмот и спомените на старецот за сето тоа, не без самопотсмешливост, отсуството на желбата да се запише во било што институционално. Митските простори на Белград, гозбата на гробот, покривите и конечно, фантазмагоричната белградска слика безобзирно уништена: празен бетонски екран на старата кино теараса на врвот од зградата на почетокот на Балканска улица. За мене тоа беше белградски поглед во историјата.

Кога повторно и повторно го гледаме овој филм, сфаќаме дека Душан Макавеев не само што е филмски гениј, туку и сериозен историчар. Единствен наследник на неговата „школа“, пред сè заради ерудицијата, духовитоста, деструктивната монтажа и веселиот однос кон револуцијата беше Лазар Стојановиќ со неговиот „Пластичен Исус“: хибернацијата на овој филм експлодираше во вистинскиот момент, во 1989 година со своите изненадувачки актуелни откритија.

Меѓу темите за семинарски работи за своите студенти ја имав и темата: „Шлафрокот во југословенскиот филм“ – оној што ме инспирираше ѝ припаѓаше на лошата маќеа во филмот на Душан Макавеев. Не помалку провокативен од позадината на Ева Рас со црната мачка и кадриците и долната облека на Милена Дравиќ, овој ноторно балканско – апенински знак на родот само нека укаже на еден од најважните аспекти на големиот проект на Душан Макавеев. Или отворено кажано, уште колку многу работа има околу неговото дело.

Извор: Peščanik.net, 06.02.2019.

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото