Итна средба со Заев и децентрализација на моќта на министерот, бараат културните работници

20.02.2019 03:33
Итна средба со Заев и децентрализација на моќта на министерот, бараат културните работници

Немаме веќе простор, ниту милиметар, за да си ги нервираме најталентираните луѓе, децата кои живеат и работат тука и кои ни се единствената надеж да направиме нешто добро. Да се децентрализира моќта на министерот, да се воведе систем за правилен развој и негување на културните вредности, да се дефинираат критериуми и да има одговорност, порачаа културните работници, потписници на Иницијативата „Култура е насловна страна на секое општество“.

Тие, синоќа на прес-конференција ги повторија барањата: итна средба со премиерот Зоран Заев, неговата советничка за култура Цветанка Ласкова, министерот Асаф Адеми и националниот координатор Роберт Алаѓозовски, транспарентна ревизија на поддржаните и повторно разгледување, особено на одбиените проекти со новата Програма, зголемување на буџетот за културата и финализирање на Законот за јавен интерес во културата.

„Зошто Влада што има реформски карактер би сакала да ги стави во ваква позиција највлијателните и најевропски ориентираните луѓе и организации“, праша Мирко Попов од ПМГ Рекордингс, квалификувајќи ја распределбата на средствата од годинашната Програма за култура како скандалозна и како навреда за сите што работат и постигнуваат резултати.

Одговорноста за распределбата на државната поддршка Попов не ја гледа само во министерот, туку, како што рече, во целата Влада.

„Распределбата на средствата е сиптом на она што подолго време се случува во културата. Потребен е посериозен третман, евалуација и валоризација на сите културни работници – истакна Билјана Тануровска Ќулавковски од „Локомотива“.

Во врска со Програмата оцени дека проектите досега адекватно не се разгледани, освен одбиените од драмската и музичко-сценската дејност.

„Треба особено да се обрне внимание на одбиените и на поддржаните со недоволен износ кои доставиле комплетна документација, комплетна програма и издржани проекти, а се познати и признати на домашен и на меѓународен план“, нагласи Тануровска Ќулавковски.

Како што рече Рисима Рисимкин, Иницијативата е повик да се почне дијалог за заедничко решавање на итните проблеми. Таа очекува одговорните луѓе да ги препознаат заложбите на културните работници и во најскоро време да одговорат на нивните барања.

„Ќе предложиме мерки за создавање ново, чисто и јасно поле за делување во културата. Бараме воведување на критериумот „одговорност“. Употребата на овој критериум ќе овозможи санкционирање на неправилното работење и на ненаменското трошење на доделените средства“, подвлече Рисимкин.

Додаде и дека мора да има исти критериуми за сите, за да се избегнат сите малверзации и неправилности во распределбата на средствата. Распределбата, рече, не смее да биде по случаен избор и во случајни околности, туку според претходно утврден, воспоставен систем.

На прес-конференцијата беше укажано дека е неопходно формирање работна група што ќе ги подготви критериумите за оценување на пријавените проекти, а бодовите треба да претставуваат сума на средствата што ќе се доделуваат.

Зад Иницијативата „Култура е насловна страна на секое општество“ стојат: Локомотива – Центар за нови иницијатива во уметноста и културата, Театар на Навигатор Цветко Кино Култура – проектен простор за современи изведувачки уметности и култура, Факултет за работи што не се учат (ФРУ)/АКТО Фестивал за современи уметности, Интерарт културен центар – Танц Фест Скопје и Скопје танцов театар, како и ПМГ Рекордингс. Поддршка на иницијативата даваат и други работници од областа на културата.

За скандалот во ресорот култура новиот состав на Антикорупциската комисија веќе оформи случај чиј исход јавноста го очекува.

 Барања претставени на прес конференција на 19.02.2019. на Инцијатива Културата е насловната страна на секое општество:

1. Средба со премиерот на Република Македонија, министерот за култура на Република Македонија, советникот за култура на премиерот, национален координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка

Ние, предлагачи на иницијативата „Култура е насловна страна на секое општество” бараме итна средба со премиерот Зоран Заев, министерот за култура Асаф Адеми, советничката за култура на премиерот Цветанка Ласкова и националниот координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка Роберт Алаѓозовски, на која ќе ги образложиме нашите барања и ќе понудиме предлог решенија за надминување на настаната ситуација. Нашето долгогодишно искуство и опстојување во сферата на културата и постигнатите успеси во земјава и надвор од неа, јасно зборуваат за нашиот кредибилитет и капацитет за понатамошно делување. Ние ќе предложиме мерки преку кои овие прашања можат да се решат, како и примери на кој начин овие прашања се решени и како се третираат во други земји, со цел да создадеме ново, чисто и јасно поле за делување во културата. Нашата иницијатива е основана со цел да се избориме за воведување на СИСТЕМ кој ќе помогне во понатамошното делување во културата и правилен развој и негување на културните вредности во едно општество за сите, сакаме да помогнеме, да укажеме и во иднина да делуваме според утврдени правила, кои ќе обезбедат овие услови да се спроведат. Очекуваме, одговорните луѓе на челните позиции во државава, да ги слушнат нашите укажувања, да ги препознаат нашите заложби и да обезбедат средбата која ја бараме да се случи во најкраток рок.

2. Транспарентна ревизија на поддржаните проекти и повторно разгледување на одбиените проекти во сите дејности

Досега се направи повторно разгледување само на одбиените проекти. Бараме транспарентна ревизија на поддржаните проекти и повторно разгледување на одбиените проекти во сите дејности. Особено да се обрне внимание на оние организации чии проекти се одбиени или подржани со недоволен износ, кои доставиле комплетна документација и квалитетна програма, а притоа се организации со долгогодишна работа и активно делување во полето на културата и уметноста, признаени како во домашен, така ви меѓународен контекст.

3. Воспоставување на нови и јасно мерливи критериуми за оценување и одлучување

За да се избегнат сите малверзации и неправилности во доделувањето на средства и начинот на делување на културните работници во иднина бараме воведување на јасни, дефинирани и мерливи критериуми кои ќе помогнат во воспоставување на систем на професионална распределба на средствата во конкурсите за програми од национален интерес. Не сакаме повеќе да добиваме средства по случаен избор, во случајни околности. Сакаме, систем кој ќе овозможи работата на секој културен оператор и работник, искусен или млад, да може да се валоризира, систем кој ќе овозможи секој поединец или група, да може да даде максимален придонес во општеството, преку своето делување во културата. Оттаму бараме „одговорност” како критериум, или јасни индикатори преку кои ќе оценува дали и на кој начин е реализирана поддржаната програма. На тој начин ќе се санкционира неправилното работење и ненаменско трошење на доделените средства и ќе се намали/оневозможи доделување на средства на оние субјекти, кои нема да ја остварат поддржаната програма/проект.

4. Зголемување на буџетот за поддршка на културни и уметнички програми

Покрај дефиниран модел на одлучување базирани на јасни и професионални критериуми за распределба на средства планирани од буџетот за култура за конкурсите распишани од Министерство за култура, реакциите од институционалниот и вонинституционалниот сектор на резултатите од конкурс за 2019 година покажаа евидентна потребата за зголемување на буџетот за поддршка на културни и уметнички програми водени од културните оператори во земјава.

5. Финализација и ставање во функција на новиот Закон за јавен интерес во културата

Финализација на „Законот за јавен интерес во културата” кој ќе ги содржи стратешките промени и негово изгласување со што ќе се овозможи правна и обврзувачка основа за негова имплементација.

Дел од работите кои треба да се уредат со Законот се:

- Деконцентрација и децентрализација на моќта на Министерот за културата и неговото влијание во донесување на одлуки за поддршка на конкурсите распишани од Министерството за култура на РМ;

- Развој и имплементација на нов модел на оценување, што подразбира доволен број професионални и профилирани оценувачи, чии број и начин на оценување ќе се дефинира согласно спецификите на секоја дејност;

- Дефинирани буџети по дејности при објавување на повикот со дадена рамка на максимален и минимален износ по типови и по носители на проекти;

- Воведување на повеќегодишно финансирање за развојни проекти со времетраење од повеќе години, меѓу кои проекти кои се подржани од други европски, регионални или меѓународни фондови;

- Распишување на минимум 2 конкурси за финансирање во текот на годината по дејности (што веќе е предложено во Предлог законот за јавен интерес за култура)

- Воведување на посебни структурни фондови како поддршка на вонинституционален сектор, посебно на организации кои раководат со независни културни простори кои имаат јавен карактер и задоволуваат потреби за професионалците од полето или се бават со специфични современи уметнички форми кои не се застапени или немаат можност да се развијат во рамки на постоечкиот институционалниот систем.

Ова се нацрт барања преставени од Иницијативата кои понатака плански ќе се разработат, особено барањата под точките 3, 4 и 5.

 

 

Фотографии: МИА

ОкоБоли главаВицФото