Десет години Окно

11.03.2019 18:51
Десет години Окно

 Во ова време, пред десет години, почна да излегува Окно (првите прилози ги поставивме на 9 март 2009, а „официјалниот“ уводен текст се случи на 13 март 2009).

Во уводниот текст стоеше и реченицата: „Сто години по зборовите на Цепенков, во Окно ја имаме истата намера: да собереме и да објавиме барем 28.000 прилози! (’приказни, обичаи, песни, преданиа за места...’)“

За овие десет години на Окно објавивме, речиси двојно надминувајќи ја првобитната намера, над 50.000 прилози. 

Во првите денови ги објавивме и целите кон кои се стремиме:

Окно во прв ред сака да биде создавач на нови, веродостојни, креативни и квалитетни медиумски содржини; сакаме да бидеме средиште и собиралиште на новите критички и креативни генерации пред сè од сферата на културата и активизмот. Сакаме да ги покриваме темите и областите кои се важни за јавниот живот, а се слабо застапени во „меинстрим“ медиумите: јавни простори, книжевност, уметност, наука, теорија, историја, активизам, квир, Европа, регион, свет...

Исклучително важно ни е културното значење на Окно, особено зашто не постојат сериозни и влијателни медиуми за култура во нашата културно опустошена и брутализирана земја. Окно треба да биде важно и за самиот медиумски сектор, како знак дека можат да се прават и поинакви медиуми, непрофитни и несензационалистички. Окно е важно и во општествено‒политичко смисла, како добар пример дека некои работи можат да се прават поинаку, и пак да бидат влијателни и одржливи.

Суштината на нашата уредувачка политика е: отвореност кон полето на културата, кон невладиниот сектор и кон општествениот активизам, промовирање, афирмирање и продукција на културни и уметнички содржини, отвореност кон регионот и светот, критичност спрема власта, борба против национализмот, тесноградоста, поданичката свест...

Важно е и уште еднаш да напоменеме како порталот се финансираше овие десет години. Најголем дел од парите (исклучиво за хонорари) доаѓаа од Фондацијата Отворено Општество Македонија. Во два наврата добивме грантови и од фондацијата на Трифун Костовски. И во оваа пригода им благодариме ‒ без нив Окно веројатно немаше да постои. Но, исто така е важно да се нагласи дека порталот од самиот почеток опстојува со малку пари и со многу рационално економизирање. Канцеларии никогаш немавме (освен првите година-две, благодарение на здружението Контрапункт). И трошевме отприлика 1000 евра месечно, за хонорари на барем пет-шест луѓе, сиве десет години.

Во уредничкиот тим на Окно досега работеле или сеуште работат следниве луѓе: Никола Гелевски (2009‒), Марија Смилевска (2009‒), Александар Јосифовски (2009‒), Небојша Гелевски (2009‒), Дамјан Јаневски (веб администратор, 2009‒), Вангел Башевски Барми (2009‒2010), Владица Младеновски (2011‒2015), Владимир Лукаш (2011‒2015), Ѓорѓе Јовановиќ (2011‒2015), Владимир Јанковски (2009‒2011), Ѓорѓи Крстевски (2009‒2011), Теона Мицевска (2012‒2013), Иван Шопов (2012‒2018), Ива Димовска (2013‒2014), Алек Кузмановски (2013‒), Маријана Јанчевска (2013), Ненад Јолдески (2013), Вангел Ноневски (2014), Елена Митреска (2015), Јана Колева (2015), Александра Бубевска (2017‒), Владимир Јанчевски (2018) и Ѓоко Здравески (2018‒).

Сегашни уредници на Окно се Никола Гелевски, Александра Бубевска, Ѓоко Здравески и Алек Кузмановски. Графичкото уредување го прави студиото „Кома“, од 2009 до денес.
За иднината на Окно во оваа прилика нема да зборуваме. Неизвесна е, како и повеќето работи во нашите животи. Министерството за култура ни одобри грант (350.000 денари) за минатата година (2018), но сè уште не ни ги уплатиле парите.

Ќе се потрудиме Окно да го одржуваме во живот, макар со малку намалена продукција на прилози.

На сите читатели и поддржувачи ‒ искрено и сесрдно им благодариме! Тие беа главната енергија што ни даваше надеж и снага. Им благодариме, се разбира, и на сите кои го создаваа Окно овие десет години, уредници, соработници и луѓе кои ни ги праќаа своите прилози, најчесто бесплатно. Сите вие, всушност, сте Окно :)

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото