Гордост и предрасуди

25.10.2010 12:40
Гордост и предрасуди

Проблемот се наоѓа во културата на експонирање која ги престигна напорите да се спречи суровоста на интернет. Малтретирањето се храни со слабостите, бесот и, во најново време, со систематското потценување на приватноста.

Последниве неколку недели лесно можеше да се предвиди дека Американците сè повеќе ги прифаќаат геј и лезбејките како рамноправни граѓани. Месецов бевме сведоци на самоубиството на Тајлер Клементи, 18-годишен бруцош од универзитетот Ratgers, кој се фрли од мостот Џорџ Вашингтон откако неговиот цимер ги снимил во прегратка со партнер и тоа го објавил на интернет. Неговото самоубиство се случи по неколкуте самоубиства во септември: Били Лукас Гринзбург од Индијана, 15 години, и Сет Волш од Калифорнија, кој имаше само 13 години. Еден ден пред Клементи, уште едно 13-годишно момче од Хјустон, Тексас, Ашер Браун, изврши самоубиство од истите причини. Судејќи според сè, трите момчиња биле жртви на анти-геј малтретирања. На деветти октомври, читателите на Times на насловната страница можеа да ја прочитаат приказната за грабнувањето на тројца мажи во Бронкс, кои ги киднапирала и измачувала бандата наречена Latin King Goonies. Бандата се настрвила на овие три момчиња, од кои двајца имаат по седумнаесет години, бидејќи биле етикетирани како хомосексуалци.

А потоа следеа коментарите на Карло Паладино, републиканскиот кандидат за гувернер на државата Њујорк, кој во говорот пред ортодоскните еврејски рабини изјави дека на децата не треба да им се „пере мозокот“ со идејата дека хомосексуалноста „е подеднакво исправен и успешен избор“. Кога доби можност да ја објасни својата изјава во емисиите „Добро утро, Америко“ и „Денес“, Паладино ги нарече геј парадите „одвратни“ и го обвини својот противник, Ендрју Куоми, дека ги однел своите деца, кои имаат 12 и 15 години, на геј парадата во Њујорк. И без воспоставувањето врска меѓу линчувањето на трите хомосексуалци и неумерените изјави на политичарите, лесно е да се препознае дека користењето на зборот „одвратно“ открива нешто лошо и фундаментално, еден вид идентитет на една идеологија.

Делумно ова е исход на смената на генерациите. Многу поголеми се шансите тинејџерите и младите да ги прифатат истополовите бракови отколку луѓето кои му припаѓаат на постарото поколение. Делумно тоа е резултат на правецот во кој луѓето размислуваат кога се работи за правата на хомосексуалците: ако го сменат мислењето, обично тоа наместо противење – е поддршка. Неодамнешното истражување кое го спроведе Роберт П. Џонс од Јавниот институт за истражување на религијата, покажа дека за време на последниве пет години секој четврти жител на Калифорнија почнал да дава поголема поддршка за правата на хомосексуалците. Тенкото мнозинство од 51% вели дека би гласало да им дозволи брак на геј и лезбејските двојки. (Во 2008 г., Предлогот 8, референдумот во Калифорнија кој ги забрани истополовите бракови во оваа земја, беше усвоен со 52%). Истражувањата на јавните мислења исто така покажуваат дека Американците стануваат сè покритични кон политиката на американската војска „Не прашувај, не кажувај“ (Don’t ask, don’t tell). Анкетата коа ја спроведоа ABC News и Washington Post на почетокот на годинава покажува дека 75% од Американците сметаат дека треба да им се дозволи на геј и лезбејките слободно да служат во војската. (Според резултатите од истата анкета во 2001 ваков став имаа 62% од испитаниците, а во 1993 г. само 44% од нив).

Сфаќањето на правото на брак и останатите граѓански права обично оди заедно со прифаќањето на идејата дека хомосексуалноста не е избор, туку нешто слично на „вродено“, со што таа станува поблиска до расата или полот, а помалку „избор“ на неодговорниот начин на живот, како што може да се претпостави од изјавите на Паладини. А и врската меѓу религиозноста и ставовите за правата на хомосексуалците станува помалку предвидлива. Младите евангелисти се многу поотворени од постарите кога се работи за правата на хомосексуалците, а анкетата на Џонс покажува дека солидно мнозинство на латино-католиците во Калиформнија го поддржува правото на брак на хомосексуалците, но кога се работи за латино-протестантите, тој процент паѓа на само 20%.

Меѓутоа, како што напредува прифаќањето на правата на хомосексуалците – а факт е дека напредува – ќе бидеме сведоци на сè пожестоки попречувања од страна на луѓето кои сè уште не можат да го прифатат ова. Јасно е дека толеранцијата наиде на неколку неочекувани пречки, од кои некои се малку посериозни. Според некои податоци, бројот на кривични дела сторени од омраза и насочени против хомосексуалците е зголемен последниве две години. Тоа охрабри некои противници на истополовите бракови да се свртат кон тврда реторика. На 3 октомври, Бој К. Паркер, кој во својата 86 година е вториот најзначаен водач на мормонската црква, изјави дека „некои мислат дека се родени и предодредени, и дека не можат да го надвладеат она што тие го сметаат за природна склоност кон нечистото и неприродното“. (Обратете внимание на зборовите „нечисто“ и „неприродно“ со кои се оправдува омразата). Сенатот сè уште на го укинал законот „Не прашувај, не кажувај“, наспроти пресудата на федералниот судија на Вирџинија, А. Филипс, која вели дека овој закон е неуставен, и неговиот налог на војската, издаден минатата недела, за прекинување со примената на законот.

Една од неочекуваните пречки не е поврзана со самата хомосексуалност, туку со нарушувањето на приватноста како таква. Ова е замката во која падна Клементи, а можеби и некој друг тинејџер самоубиец. Клементи живееше во свет каде што да го снимиш својот цимер во најинтимниот момент и потоа таа снимка да ја емитуваш без негово знаење претставува само разлика во степенот, ако не и во видот на општото интернет однесување. Најверојатно е дека цимерот бил делумно мотивиран од фактот дека Клементи е геј. (Тој го поставил следниов коментар на Твитер: „Ја вклучив веб-камерата. Видов како се мува со некој тип. Кул.“) Но она што го стори, со помош на пријателката која исто така е бруцош, не би било полесно да се одбрани ниту да го снимал Клементи во интимните моменти со некоја девојка.

Проблемот се наоѓа во културата на експонирање која ги престигна напорите да се спречи суровоста на интернет. Малтретирањето се храни со слабостите, бесот и, во најново време, со систематското потценување на приватноста. (Патем, Паладино има проблем со одредувањето на границите. Призна дека испраќал е-пошта која содржела снимки на зоофилија и раскажувал расистички вицеви кои некои луѓе ги сметаат за подеднакво одвратни колку и тој што ги смета геј парадите.) На младите кои допрва ги истражуваат своите идентитети и своите желби потребна им е зона на приватност во која можат да бидат она што се, можеби во друштво на друго човечко суштество – без да се грижат дали некој за тоа ќе пишува на твитер, ќе го сними, ќе пишува блогови за истото – и без чувството на обврска дека самите треба да го сторат тоа, бидејќи постои нешто што се нарекува нарушување на сопствената приватност. Бидејќи и животот кој никој не го набљудува во целост е вреден за живеење.

Извор: The New Yorker

Слики: Ден Виц

ОкоБоли главаВицФото