Легализација на марихуаната во Германија?

26.10.2010 12:50
Легализација на марихуаната во Германија?

Прашањето за легализација на марихуаната во Германија и понатаму претставува тема за политичарите. Постигнат е договор германските лекари, без издавање посебни дозволи, на тешко болните да можат да им препишат лекови кои содржат канабис.

Неодамнешното барање на левицата за озаконување на марихуаната во Германија предизвика бурни реакции. Треба да напоменеме дека слично барање, иако поинаку формулирано, веќе десет години постои во програмата за Зелените. Во редовите на германските социјалдемократи уште во средината на 1990-те се појавија барања да не се казнува употребата на марихуаната за лични потреби.

Уште од поодамна се бара угледување на примерите на Холандија и Чешка и да се воведе декриминализација на уживањето марихуана за околу два милиони Германци. Шефот на левицата во Бундестагот, Грегор Гизи, вели: „Тоа е т.н. лесна дрога, што значи дека не е ни подобра ни полоша од алкохолот, и само затоа што се работи за друга култура ние кон неа се однесуваме поинаку одошто спрема алкохолот. Неопходна е заштита за младите и децата, а за возрасните треба да овозможиме слободна трговија“.

Уживањето марихуана не е забрането во Германија освен кога станува збор за одгледувањето, поседувањето и продажбата. Германскиот уставен суд пропишува дека не треба да се казнуваат лицата кај кои ќе се пронајде помала количина трева, освен во случајот таа личност да е фатена околу некое училиште или на некој друг начин го загрозува јавниот ред. Меѓутоа, германските покраини никако не можат да се договорат што значи тоа „мала количина марихуана“. Во Берлин тоа се 15 грама, а во Минхен а само 6.

„Јас сум за декриминализација“, вели Грегор Гизи, „бидејќи казненото гонење нема да нè одведе никаде. Освен тоа, забележав дека криминалот се зголемува. Младите не го прифаќаат фактот дека тоа не е дозволено бидејќи имаат поинакво искуство“.

Германското општество е поделено околу ова прашање. Истражувањата покажуваат дека незначително мнозинство е за полиберален пристап кон консумирањето хашиш, а само една четвртина од граѓаните смета дека треба да се дозволи одгледување и користење (за приватни цели), како и за државен регулиран пазар.