Дечки од владиниот ПР, ја потценувате нашата интелигенција!

27.06.2019 00:15
Дечки од владиниот ПР, ја потценувате нашата интелигенција!

По првиот речиси смешен обид иницијативата за задржување на автономијата на МКЦ да се прогласи за албанофобна (значителен процент од потписниците се Албанци, патем), се продолжи со напад на анти-елитистичка основа, демек, наводно се собрале „само“ 250 арогантни културњаци кои го сметаат МКЦ за своја сопственост. И оваа приказна пропадна со самиот факт што зад иницијативата се потпишаа илјадници луѓе на социјалните мрежи (наскоро, информиран сум, за ова ќе постои посебна страница).

Најновата теза од про-СДСМ кујните е дека требало да се фокусираме на програмите (кои не може да ги видиме), и дека, да, се признава дека МКЦ израснал во центар на независната сцена, но... „што направил за младите?“ Наводно, десетици програми кои ги има за МКЦ, не се доволни, и „младите не биле прашани“. Не би навлагал премногу во веродостојноста на оваа дрска теза, но ова доаѓа и од луѓе на кои МКЦ, токму кога биле млади, им овозможил простор за комуникација и артикулирање на политики.

Целта на оваа теза е да се протне Бени Шаќири како некој кој ете, можеби не бил заслужен за БИЛО ШТО во развојот на независната сцена, но, згодно, неговата програма автентично се грижела за младите. Се кладам дека во програмата таксативно и уредно има набројано со кои младински организации ќе соработувал, ако биде директор. Бени Шаќири, шампионот на младите, потоа откако би бил избран поради овие причини, великодушно би задржал дел од сегашниот тим.

Дечки од владин ПР, не знам со кого и со што си мислите дека имате работа и што се обидувате да постигнете со ова потценување на нашата интелигенција? Дали сериозно мислите дека ова ќе помине, и тоа во денови кога токму од најголемите скептици за нашето ЕУ проширување стигнуваат пораки токму за арбитрарното поставување директори?

Пораката е гласна, јасна и недвосмислена: #НеГоЧепкајтеМКЦ.

Одбивањето да се слушне и да се прифати ќе ви отвори фронт од кој ќе излезете трајно поразени.

Слика: Ilya Milstein

ОкоБоли главаВицФото