„Влада ДООЕЛ“: 92,3 отсто потфрлување во реформите

08.11.2010 11:34
vlada-pad.jpg

Претставен седмиот извештај на ФИООМ и МЦЕО – „Влада ДООЕЛ“: 92,3 отсто потфрлување во реформите

Фондацијата Институт отворено општество Македонија (ФИООМ) и Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО) на 4-ти ноември го претставија седмиот по ред извештај од програмата на следење на пристапувањето на Република Македонија во ЕУ. Како најголем недостаток во процесот на европската интеграција, се наведува неисполнувањето на индикаторите од Ревизијата на Пристапното партнерство 2010, но и проблеми кои се влечат веќе години наназад, како нападите врз Уставниот суд и невладиниот сектор, и слабата реформа на јавната администграција.

„Анализата на исполнувањето на индикаторите од Ревизијата на Пристапното партнерство покажува дека реформите во најголем дел, односно 92,3 проценти се делумно или целосно неоставрени, додека целосно се остварени само 7,6 проценти од договорените индикатори. Ако на овој статистички пресек додаме и тоа дека голем дел од задачите, Европската Комисија (ЕК) ни ги повторува со години наназад, можеме да заклучиме дека во оваа година Владата воопшто не „остваруваше“ во европската агенда“ - оцени Фани Каранфилова Пановска од ФИООМ, додавајќи дека со случајот на судијата Трендафил Ивановски, се случила кулминација на нападите врз Уставниот Суд.

За Лидија Димова од МЦЕО, спорни се неколку нови закони во областа на финансии а кои сигурно ќе се најдат на тапет на ЕК. „Владата прави директен интервенционизам со Законот за јавни набавки со кој се овозможува одложено плаќање на долговите на јавните претпријатија, со што истите ги става во нееднаква позција со останатите. Верувам дека тоа ќе биде споменато во Извештајот. Слично е со издавачката дејност, која буквално е монополизирана од страна на Владата, преку печатење на енциклопедии, учебници преводи и слично.“ порача Димова.

На крајот од Прес-конференцијата, ФИООМ и МЦЕО поставија неколку прашања адресирани до Владата на РМ:

1. Зошто Македонија нема да добие ново Пристапно партнерство, што ќе значи забрзување на реформскиот процес?
2. Зошто економските реформи (најсилниот адут на Владата) ќе бидат лошо оценети?
3. Зошто соседството чекори забрзано напред при исти влијанија на економската криза?
4. Која ќе биде стратегијата на Владата по ноември 2010?

Кварталниот Ивештај излегува пет дена пред извештајот на ЕК за напредокот на Македонија, и има за цел да ја пресретне Владата во своите намери да ги релативизира оценките во Извештајот на ЕК, под изговор дека реформите, помалку или повеќе, се спроведени.

Преземете го Седмиот извештај од следењето на процесот на пристапување на Македонија во ЕУ (.pdf)