Зумбул и Лајка

24.04.2020 23:23

Немам куче. Но, неодамна си го измислив
за да можам да го прошетам трипати во денот.
Него и себеси, секако. Во точно определеното време,
по половина час поминувам на скалиштето во мојот солитер

Деновите бесконечно пловат во место
Ко кораби насукани во денот на дабарот
Утрата еднојајчени близнаци
Ноќите - реченици саде од сврзници

Од облаците каде што живеам,
надолу до приземјето од каде што не излегувам
и обратно, од приземјето до облаците,
на почетокот ми беа потребни цели 20 минути

Во огледалото секој ден среќавам друг човек
На лицето му се смениле сите годишни времиња
Косата, брадата и стомакот му пораснале
ко томови руски реализам

Но, од ден на ден, со кучето што го немам,
се симнуваме и се качуваме за сѐ покусо време.
Тренинг си е тренинг.
Вечерва за половина час двапати се симнавме и се качивме.

Работат само бројчаниците за заболени и мртви
Бројки и есапи на Чичиковскиот пазар за мртви души
Sиркаме везден низ клучалката - на која ли адреса
Смртта вчера испратила љубовно писмо

Падините на светларникот се непредвидливи.
Наутро сутемни, оти гледаат на запад;
напладне сончеви и навечер – црни темници
додека потамина не го најдам штекерот за да вклучам струја.

Слободата си ја свиткавме во ролат од стравови
На терасите си чуваме по малку, како слатко од смокви
Се вариме како жаби на тивок оган
Затворени во своите дупки глувчешки

На секој трети кат, sо кучето што го немам
ги запознаваме нашите децениски комшии на еден подруг начин.
Скришно, од невидливата страна на скалиштето
Стар мебел, откорнат паркет, пропаднати душеци, фрижидер,..

Распнати помеѓу живата на топломерите
И мегабитите во секунда на рутерите
Се радуваме групно на секоја нова серија
Плачеме единечно, секој сам во својата корија


...фотелји, скршени столови, клацкалка,..
живи сардели и нежив, пластичен и правлив фикус...
Во широк лак ги заобиколуваме
бившите предмети од бившите времиња на сегашните комшии

Трипати дневно, писателката од тринаесттиот кат го шета своето измислено куче
Ја оговараме со мојот фикус секогаш кога ќе помине
И потем го ловиме на радио зуењето на нивните уши
Тоа многу го радува мојот фикус

Немам куче.
Се вика Зумбул
и навистина ми го расцутува и ми го размирисува секојдневието
три пати на ден, во точно определеното време: од 8:00, од 15:00 и од 20:00.

Немам фикус
Се вика Лајка
Кога е среќен, мрда со листовите
Навечер ми ги лиже стапалата

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото